„Мирисот на Минхен“
Постои една книга – роман, со наслов „Минхен“ во која станува збор за состанокот во баварскиот главен град, во далечната 1938 година (Хитлер и Мусолини, со британскиот премиер Чембрлен и францускиот Даладје), свикан набрзина, за да се спречи војната која и се закануваше на Европа. Како што е познато, од состанокот е произлезен договор – познат во историјата како „Минхенската спогодба“ – која историчарите ја означуваат како капитулантска.
Мислејќи дека со тоа што на Хитлер му ја имаат дадено – да ја окупира и анектира – Судетската област на тогашна Чехословачка – Британскиот и францускиот политичар имаат помислено дека го купиле мирот во Европа. А, всушност, биле изманипулирани од нацистичкиот водач. Затоа што, не само Судетите, населени главно со германско население, туку и целата Чехословачка беа окупирани, а за помалку од една година по Минхен, нацистите ја нападнаа и ја освоија и Полска, со што почна Втората светска војна.
Наивноста на Чембрлен
Деновиве, на тоа време од пред 84 години, потсети сегашниот британски министер за одбрана Бен Валас.
Не споредувајќи никого и ништо во Русија, со времето на нацистичка Германија и со нејзиниот фирер, ниту денешна Европа, со онаа во времето кога се одржа состанокот во Минхен, кога тогашниот Запад беше изигран, министерот Валас, коментирајќи ги настаните околу Украина и актуелната безбедносна криза, се сети на септември 1938 година.
Во разговор за лондонски „Сандеј Тајмс“ тој има речено дека западните сили, не смеат да дозволат да бидат доведени во ситуацијата во која се најде некогашниот британски премиер – забележувајќи дека – “Мирисот на Минхен“ како да виси во воздухот.
Тој, затоа, смета дека не треба да и се попушта на Москва во сегашната ситуација и во услови на отворена закана со инвазија врз Украина. Остриот курс е неопходен, не за да се покрене војна со Русија, туку за да не се дозволи правење отстапи во стилот на несреќниот Чембрлен – токму за да се спречат воени судирања.
Особено што Москва знае дека САД и другите сојузници нема да војуваат на украинската територија, во случај на инвазија, туку само ја снабдуваат украинската армија со разни видови одбранбено оружје – за да Украинците самите се бранат.
Формално во НАТО!
Воени експерти и разузнавачки служби проценуваат дека напад од страна на Русија е можен веќе во текот на оваа недела. При тоа се верува дека би можело да биде бомбардиран и Киев. Никој (на Западот) тоа не го потврдува, ниту го зема за готова работа, иако никој не верува во уверувањата од Москва дека „не се планира инвазија“ врз Украина, или покренување војна со рускиот јужен сосед, поранешна советска република.
Она што Украинците можат да направат, во случај на агресија е да одговорат на нападот и да не дозволат да се најдат во ситуација, како онаа во 2014 година, кога руската војска се прошета до Крим, го освои без испукан куршум и потоа го анектира – прогласувајќи го за руска државна територија.
Сега руската страна предупредува дека ако Украина стане дел од НАТО, па (со помош на Алијансата) се обиде насила да го врати анектираниот полуостров – тогаш сигурно ќе имало војна.
Затоа Москва барала “правно потврдени гаранции“ дека Украина нема никогаш да биде членка на НАТО. Како и тоа – сите други поранешни комунистички, источноевропски земји, да се ослободат и од војниците на Алијансата и од оружјето што е таму стационирано. Всушност, се бара целиот некогашен Исток, што по Втората светска војна се најде „заробен“ од СССР, од оваа 2022 година да остане само формално во НАТО!
Единствената опција
Нормално, Западот, Алијансата и ЕУ го отфрлија ваквото агресивно и уценувачко барање, доставено откако територијата на Украина е блокирана од сите страни – од копно и од море. Во оваа ситуација, САД и сојузниците, сложно, се на линијата дека доколку Москва ја повтори 2014 кога почна да ја расцепкува Украина – со Крим и со воениот бунт во Донбас, што сега е надвор од контролата на Киев – ќе реагираат со остри санкции.
Се тврди дека тоа ќе бидат најострите и најтешките досега. Можеби насочени и кон рускиот претседател, иако таа варијанта се чува како крајна опција, што излегува дека тоа е единственото што би можеле да го направат.
Во Москва, велат дека и после последниот телефонски разговор на Бајден и Путин, се свесни за тоа каква ќе биде реакцијата на другата страна, но продолжуваат да приговараат што Западот “студено ги има отфрлено сите руски безбедносни барања“.
Тука има две работи за кои Москва се прави како да не постојат.
Специјална војна
Првата е дека НАТО почна да ја засилува безбедноста на своите источноевропски членки после руската анексија на Крим, по војната во Источна Украина во која досега загинаа 15 илјади лица и кога – по сето тоа – Москва почна да изградува воена сила која станува закана за Европа. Пред се, за истокот на континентот, што Путин се уште го смета како некаков „руски двор“.
Втората е дека Алијансата почна да праќа воени засилувања во некои од земјите на Истокот (Естонија, Латвија, Летонија, Полска, Романија и Бугарија), откако Москва се закани со инвазија врз украинската територија и кога на нејзината граница донесе 120 илјади свои војници и уште други 30 илјади во Белорусија, засилени со ракетниот систем С – 400.
Излегува, така, дека дипломатските напори и телефонските разговори на американскиот и на европските лидери, со рускиот претседател, за Кремљ се како разговор на глуво – неми, затоа што продолжува со својата тврда, арогантна позиција.
Водејќи притоа и специјална војна со дезинформации и со лажни вести, упорно тврдејќи дека Русија е таа која е загрозена и таа е страната што треба да се брани од „агресијата на Украина“, во обид да го разниша западното единство, како и единството во НАТО. Посебно во земјите кои се спремни и да му се попушти на Путин, ако треба, за да немало војна.
„Нема ветување од Западот“
Војна, секако, никој во Европа не сака. Уште помалку за да се задоволат плановите на Кремљ за ревизија на европската безбедност и за обновата на екс СССР, под друго име и во поинаков облик.
Во основа, Путин бара враќање на состојбата пред 1997 година и продолжува да зборува дека Русија “била измамена“ од Западот. Односно, дека и било ветено оти ниту една од поранешните сателитски, комунистички држави од Источна Европа, нема да влезат во НАТО, како и дека Алијанската нема да се проширува.
Политички експерти инсистираат дека тоа не е точно и дека рускиот претседател како поранешен, високо рангиран оперативец на КГБ, требало да го знае она што Михаил Горбачов го има речено – „разговори се водени само за обединувањето на Германија, но не и за „натамошните чекори на НАТО“.
Како и да е, опасните руски воени игри, заканите и опсадата кон Украина, продолжуваат. Остануваат и обидите на Москва да ја отапи острината на западната реакција, со постојаните уверувања во стилот – Русија не сака војна – а притоа, ништо нема направено за деескалација на кризата.
Руски пасоши во Донбас?
Во меѓувреме, се разобличи обидот да се испровоцира лажен напад (од украинска страна кон Донбас) за да се има изговор за руска воена интервенција.
Постојат и сознанија дека Москва има разделено 700 илјади руски пасоши во двете бунтовнички провинции (Донецк и Луганск). Тоа значи дека сега тие луѓе се „руски државјани“, па доколку Киев се обиде да интервенира, стануваат изговор на Русија за да се нафрли врз Украина – спасувајќи ги и бранејќи ги – „своите државјани“.
Тие и онака за Москва не се ништо друго туку само Руси. Во една прилика рускиот претседател отворено има речено – „Русите и Украинците, историски, се еден народ. Гледано историски, Русија и Украина се една држава“.
Не е, затоа, случајно што весникот „Правда“ минатата недела напиша дека нема да има војна со Украина. Едноставно, Русија ќе го анектира Донбас и со тоа ќе се заврши работата!
Некои во Европа, ја критикуваа изјавата на британскиот министер Бен Валас како претерана. Можеби за некого таа е и невкусна. Но, изгледа човекот е во право кога вели дека сето ова што се случува на европскиот Исток – „мириса на Минхен“ од пред повеќе од осум децении.
(Спектатор)