Украина под опсада од копно и од море
Напнатоста околу Украина продолжува да се зголемува, иако сите инволвирани страни и натаму тврдат дека не се откажуваат од дипломатско решение.
Русија постојано зборува дека „не планира инвазија врз украинската територија“, но наместо почне со повлекување на бројната армада донесена на украинската граница – за да потврди дека навистина сака дипломатско, мирно решение на кризата, што токму Москва ја создаде, руската страна продолжува да трупа уште војска и тешко вооружување.
Сега, покрај оние 120 илјади веќе стационирани војници на рускиот дел од границата со Украина, Кремљ одлучи (токму сега, во екот на најголемата европска безбедносна криза во последните 30 години) – до 20 февруари – да одржува и некаква воена вежба на територијата на Белорусија, каде (велат) само за тие потреби, се донесени дополнителни 30 илјади руски војници.
Опасната криза – продолжува
Западот, НАТО и ЕУ во оваа ситуација можат само да ја подржуваат Украина и да и даваат оружје кое има само одбранбен карактер, но не можат да и ветат да ја бранат украинската територија и нејзината сувереност од евентуална руска агресија. Земјата не е членка на НАТО, нема ниту барање за прием, или формално истакнување на својата кандидатура, за да може сили на Алијансата да се вклучат во одбраната.
Она што го правеа и досега, САД и западните сојузници го прават и понатаму – настојуваат да ја уверат Москва дека – за разлика од 2014 година и освојувањето на Крим и на Донбас – овој пат Западот ќе реагира со „санкции какви досега немало“ и дека руската страна ќе плати скапа цена за својата агресивност и за својот напад врз територијата на Украина.
Во меѓувреме, се одржува некаков американско – руски дијалог, како на претседателско, така и на ниво на шефови на дипломатиите, па некои сметаат дека Вашингтон и Москва, можеби, тајно и преговараат, но напредок на теренот нема, како што нема деескалација на воената ситуација што Русија ја одржува околу Украина.
Воени вежби во невреме
На целата нејзина северна граница – кон Белорусија и кон Русија – долга две илјади километри, сега има 150 илјади војници.
Тие како маса делуваат застрашувачки и заканувачки и без своето вооружување и способноста на Русите да навлезат на украинската територија. На тоа и Украинците одговараат со своја воена вежба во реонот на градот Кершон, на југоистокот од земјата, иако самите вежби воопшто не придонесуваат за смирување на тензиите.
Уште повеќе што освен од копно – од север, од исток и југоисток, но и од југозапад – од страната на Молдавија (од руската војска во Придњестровје, што Русите го имаат запоседнато од пред 30 години, без никаков мандат и без ничија меѓународна согласност), Украина се наоѓа под опсада и од море.
А, таа состојба, практично, трае од пролета 2014 година, од времето на извршената анексија на Крим и на окупацијата на Донбас, од кога Москва сака приморскиот дел на Украина (просторот меѓу Одеса и Крим) да го прогласи за својата државна територија.
Блокиран поморски суверенитет
Во Киев објаснуваат дека руските поморски сили ја имаат земјата целосно блокирана и отсечена од Азовско Море.
Во сегашната ситуација, Русија продолжува да ја влошува состојбата, раширувајќи го воените игри на Путин и заканите со најавата за овонеделното започнување и на воени поморски вежби во тој дел од Европа.
Станува збор за вежба на простор широк и голем – без преседан – во реонот на Азовско и Црно Море, што практично, ги прават меѓународните води во двете мориња блокирани од страна на Русија, за било какво приближување и пристап до пристаништето во Одеса.
На Москва ова и е само изговор за да може да го блокира поморскиот суверенитет на Украина и да се ограничи слободата на пловење и на поморскиот сообраќај кој е неопходен за украинската економија.
Казнување на Украинците
Но и за да се продолжи со казнувањето на властите во Киев и на Украинците, што во 2014 година го соборија прорускиот режим и се определија за свртување на земјата кон Западот и европските интеграции.
Работите тргнаа откако тогашниот украински претседател Виктор Јанукович одби да ги прифати и да ги ратификува веќе договорените спогодби за економска соработка на Украина и ЕУ, на што Кремљ остро се противеше.
Во серијата агресивни и казнени мерки на Москва влегуваат и инцидентите регистрирани на море. Анектираниот Крим, руската страна го смета за руска земја, па секое приближување на било каков украински брод до водите околу полуостровот – на пат за Азовско Море каде е единственото украинско пристаниште – Марипул – се смета „агресија врз руската територија“.
Така и се случи, во 2018 година, Русите да заробат три мали бродови, со нивните посади, додека пловеа кон своето азовско пристаниште. За инцидентот Москва го обвини „режимот во Киев“.