Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Макрон во мисија за војна или мир

Ale_Mi/Depositphotos.com

Макрон во мисија за војна или мир

Францускиот претседател Емануел Макрон беше во Москва, во посета која би можела да се означи како мисија за војна, или мир.

Беше на разговори со рускиот претседател Владимир Путин околу кризата врзана за заканата од воена интервенција на Русија врз Украина, со натрупаната руска армија од 120 илјади војници и силна воена техника, сместена на самата граница, или во делови од руската територија сосема блиску до границата.

Требаше да разговара и за состојбата во самата Украина која трае без малку осум години – со анексијата на Крим и со (практичната) окупација на Донбас од страна на проруските бунтовници – сепаратисти подржани од Москва.

Но, во рускиот главен град, францускиот претседател замина  за да разговара и за руското незадоволство од разместувањето на силите на НАТО, околу Русија, што инаку е направено токму поради опасната состојба на руско – украинската граница, а од порано и поради руската интервенција во Украина во март 2014 година.

Посредник меѓу Западот и Москва

Пред да замине, Макрон имаше телефонски разговори со американскиот претседател Џо Бајден, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со Британецот Борис Џонсон, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Замина како шеф на француската држава, на педесетина денови пред тамошните претседателски избори и како претседавач на ЕУ.

На тој начин, серијата разговори со лидерите на САД и на Европа, го направија Макрон, (во некоја рака) да биде  овластен преговарач меѓу Западот и Русија.

Особено, откако комуникацијата на Бајден и Путин не отиде подалеку од она дека нема согласност за западните стравувања и објаснувања дека покренувањето на Алијансата, на Истокот од Европа, е направено поради „агресивната руска политика“ кон своите соседи и над се, кон прозападната власт во Киев.

Како што немаше напредок ниту во директната комуникација меѓу Москва и Вашингтон и меѓу Русија и НАТО/ЕУ околу барањето на Москва за ново геостратешкo разместување на силите на европскиот континент – а, пред се, во земјите од руското соседство.

Путин не нуди ништо за возврат?

Путин бара од НАТО, Украина никогаш да не стане членка на Алијансата и да се запре секое натамошно ширење кон Истокот (се мисли на Грузија, пред се). Но, и да се повлече досега разместеното оружје на НАТО во земјите членки,  како што се Балтичките земји, Полска, Романија и Бугарија.

Што Русија нуди за возврат – не се знае. Велат не нуди ништо, освен што само зборува за својата безбедност, од моментот кога НАТО земјите и Украина која, инаку, нема ниту официјално барање за влез во Алијансата, се полнат со оружје, од страв од руска инвазија врз украинската територија.

Од Москва – според руските медиуми – се јавува дека Путин и Макрон кој и порано се има среќавано со рускиот претседател и се зборува дека тие „имаат разбирање и почитување – еден за друг), во Кремљ разговарале повеќе од пет часови, се до полноќ по московско време. Прво на средба во четири очи, а потоа и во текот на вечерата.

Меѓутоа, до правењето на овој текст, не се знае и дали нешто е постигнато и дали некаков дил (меѓу Русија и Западот) би можел да се постигне. Западни извори тврдат дека  францускиот претседател заминал – со празни раце. Нема добиено ништо, освен ветувањето дека Русија нема да ја засилува воената моќ во регионот.

„Судење“ на НАТО

Повеќе е познато она што Путин има речено на прес конференцијата по разговорите со Емануел Макрон.

Всушност, му  судел на НАТО, критикувајќи го самото постоење на организацијата, неговото однесување во изминатите 30 години, по распадот на СССР, повторувајќи и некои веќе познати и стари обвинувања дека Алијансата не е никаков одбранбен пакт, туку агресивен сојуз, насочен контра Русија. Одново, притоа, изразувајќи незадоволство што НАТО и Западот, како што рекол- го игнорирале руските барања за т.н. безбедносни гаранции.

Што се однесува, пак,  до ситуацијата во Украина, по руската интервенција во 2014 годинс, Путин останува таму каде е позициониран во изминатите осум години – од падот на проруската власт во Киев и од украинското свртување кон Западот.

За сегашната состојба ја има обвинето само Украина, порачувајќи дека ако Киев сака мирно (без војна) интегрирање на целата украинска државна територија, треба да поведе директни преговори со Донецк и Луганск, односно со сепаратистичките сили кои, инаку, од пред неколку години имаат прогласено некаква „Донецка народна република“.

Но, според она што го пренесуваат руските медиуми, Путин, сепак,  се договорил со Макрон да се слушнат по телефон, откако францускиот претседател ќе престојува во Киев (вторник, 8 февруари) и ќе разговара со претседателот Володомир Зеленски.

Крим не се споменува

Излегува дека Французинот, има однесено порака за властите во Киев, затоа што рускиот претседател на прес конференцијата има речено дека „има неколку идеи на Макрон кои можат да бидат основа за натамошните заеднички чекори во Украина“.

Крим, очигледно, за рускиот претседател веќе не е никаква тема за дискусија и дека кога тој зборува за „интегрирањето на украинската територија “ мисли само на Донбас. Како сега стојат работите Западот, но и меѓународната заедница и самите Украинци ќе мора да прифатат дека украинскиот полуостров сега е „руска територија“.

Заканата од Москва е дека Украина (во случај на инвазија од страна на Русија) би можела да остане и без половината од својата сегашна државна територија – односно без целиот исток на земјата – секаде каде според Москва има руско малцинство, или каде има луѓе кои зборуваат руски јазик. Од таму велат дека ако Киев влезе во НАТО и се обиде насила да го поврати Крим- ќе има војна. Тоа би се случило и ако Украинците би се обиделе тоа да го направат и во Донбас.

Како и да е, молк и исчекување за некакво можно поместување постои во Европа, врзано за  мисијата на Макрон, кој сега се префрли  во Берлин. Германија и Франција, со Русија и Украина се дел од мировниот договор од Минск за Источна Украина.

„Безбедност за ЕУ и за Русија“

Рускиот претседател сега зборува за покренати предлози од страна на францускиот претседател како за некаква потенцијална основа за компромис. И, самиот Макрон зборува за руското уверување во готовноста за ангажирање за надминување на сегашната криза.

Но и обајцата не зборуваат за што станува збор, освен она што Французинот го има речено уште пред да отпатува за Москва – дека основа на можниот договор би бил дека – „нема безбедност за ЕУ/Европа, доколку нема и за Русија“.

Во меѓувреме, на американско – германскиот Самит во Вашингтон, Бајден и канцеларот Шолц објавија дека се единствени околу прашањето за евентуалната руска агресија во врска со украинската криза, како и за тоа дека двете страни заеднички работат за да спречат руска агресија во Европа, да ги разрешат предизвиците кои ги создава Кина, но и да ја промовираат стабилноста на Западен Балкан.

Бајден, при тоа, има потврдено дека гасоводот „Северен поток 2“ секако нема да проработи во случај на руска инвазија врз украинската територија.

Останува заканата од војна

Некако во исто време, разговараа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Јосеп Борел. Двајцата дипломати се согласиле дека се подготвени за дијалог со Русија, но и за воведување санкции, ако ситуацијата во и околу Украина се измени на полошо.

Во екот на сите овие дипломатски активности, како сенка за сите на Западот и во Европа стои предупредувањето дека во овој момент, Москва е подготвена 70 отсто за една инвазија од широки размери. Војната, според тоа, и натаму останува закана, пред можноста од мирно решение на кризата.

За некои политички експерти мирното решение треба да се најде низ некакви помали отстапки на Западот, за да се спасува образот на Владимир Путин – за да не излезе поразен од воените игри околу Украина што и ги наметна.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе