Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шведска и Финска влегуваат во НАТО?

kaninstudio/Depositphotos.com

Шведска и Финска влегуваат во НАТО?

Кризата околу Украина и можноста од руска инвазија врз оваа земја, го покрена прашањето за безбедноста на земјите од соседството на Русија. Оние од Балтикот, како и Полска, Словачка, Романија и Бугарија се членки на НАТО, но проблемот е што со земјите од северот на Европа – пред се, со Шведска и Финска.

Финците имаат едно лошо искуство од сталиновиот период на СССР и руската агресија врз нивната територија, додека Швеѓаните 200 години немаат војувано со никого, па после падот на комунизмот и на Железната завеса, Шведска се има однесувано како повеќе никогаш да нема да има војна, а Финска прогласи воена неутралност.

Сегашната криза, со Истокот и со источните граници – ја покренаа дилемата која од поодамна постои во Стокхолм и во Хелсинки – дали е потребно и овие две држави – да му се приклучат на НАТО, како 31 – та и 32 – та членка. Двете земји изминатите години, имаат коректни соседски односи со пост – комунистичка Русија, вклучувајќи ги и во изминатите 20 години на Владимир Путин.

Страв за безбедноста

Но, сегашното барање на Москва за гаранции за натамошно неширење на Алијансата и за некаква ревизија на геополитичката поставеност во Европа, со најавите за воскреснување на пропаднатиот Советски Сојуз, ја менуваат ситуацијата на теренот.

Едноставно, како Финска која има 1350 км граница со Русија, така и Шведска, повеќе не се чувствуваат безбедни да останат сами – без ничија сојузничка поддршка, во случај да бидат нападнати.

Наеднаш и кај деветте земји се разбуди стравот за безбедноста, па во текот на изминатиот викенд, се забележани силни воздушни патроли на финското воено воздухопловство над територијата на земјата, додека Шведска реагираше со распоредување војска на својата најистурена позиција во Балтичко Море, веднаш штом неколку руски воени бродови се појавија во регионот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во меѓувреме, објасни дека одлука за приклучување кон Алијансата – овие две земји, или било кои други – носат тие самите. Потоа, сите 30 земји – членки го потврдуваат приемот.

Ниту Шведска, а ниту Финска, засега, немаат поднесено барање за влез во овој воено – политички сојуз на државите од Европа, плус САД и Канада. И натаму остануваат досегашните односи кон Алијансата – со размена на безбедносни информации и со одржување заеднички воени вежби.

„Природен чекор“

Во финскиот Институт за меѓународни односи, меѓутоа, тврдат дека Финска, а и Шведска намерно го имаат покренато прашањето – им беше потребно да ја видат реакцијата на НАТО за да видат дали за нив и натаму се отворени вратите за прием.

Финската опозиција, на пример, силно лобира за влез во Алијансата. Според нив, зачленувањето на Финска би било „природен чекор“.

Тамошната десница смета дека специјални односи треба посебно да се изградат и со Америка и Британија. После крајот на Студената војна – Финска во еден период прогласи неутрален статус – со цел да ги смири стравувањата во Кремљ.

Сега, Хелсинки се има откажано од неутралноста, откако стана јасно дека како се развиваат работите последните години, земјата сама, без помош од надвор не би можела да ја одбрани својата граница со Русија.

НАТО, пак, не би можел да помага, со своја воена сила, затоа што тоа не може да го прави за земја која не е членка.

Шведска ја чека Финска?

Слично е и во Шведска, земја која остана на страна од војувањето и во времето на двете светски војни во минатото.

Анкетите направени во последно време и натаму покажуваат дека мнозинство не е за влез во Алијансата, затоа што тоа би ја повредило шведската неутралност. Сепак, тоа мнозинство забрзано се топи, па сега 40 отсто од анкетираните се против, наместо претходно близу двојно поголемото мнозинство Швеѓани кои не сакаа земјата да се врзува за воени блокови.

Во сегашнава ситуација, шведски експерти дури веруваат дека работите радикално би се измениле (околу влегувањето во Алијансата) доколку Финска побара прием во НАТО, или пак се појави некоја посериозна закана од Русија. Во ова малкумина веруваат, сметајќи дека Путин, сепак, не би пратил тенкови против Финска – иако таму тврдат дека имало порано, а има и сега гранични инциденти со руската страна.

Оние кои се против – и во двете земји – за влез во Алијансата, уверуваат дека државите можат сами да се бранат.

„Седум денови за одбрана“

Посебно се тврди дека тоа е случај со Финска која има потрошено 8,5 милијарди евра за воени авиони и за разно друго вооружување, а има спремно и обучено 200 илјади војници – во резерва – ако биде потребно да ја бранат земјата. Но, во Шведска не мислат така, затоа што оваа држава цели децении по ред го има намалувано буџетот за воени потреби.

Особено откако воени експерти уште пред неколку години имаат предупредено дека Шведска би можела самата, без помош од надвор, да се одбрани од евентуална руска инвазија – најмногу седум денови.

После анексијата на Крим и окупацијата на Луганск и Донецк, Шведска почна забрзано да ја менува својата одбранбена и безбедносна стратегија и да бара поцврсти врски со НАТО. Меѓу другото, од 2017 година, во оваа земја одново има задолжително служење воен рок.

Во јануари оваа година, Шведска веднаш реагираше на „руската закана“ во Балтикот, распоредувајќи војска и воена техника на островот Готланд. Прашањето за НАТО сега е многу погласно отворено од било кога досега.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе