„Слеп патник“ најден кај авионските тркала
„Слеп патник“ – жив и здрав – е откриен во просторот за тркалата во патничкиот авион што се спуштил на аеродромот „Шипхол“ во Амстердам – соопшти холандската полиција. Авионот долетал од Јужна Африка.
Летот на оваа дестинација, обично, трае 11 часови. Карго авионите на овој лет имаат и едно спуштање – во Најроби, главниот град на Кенија.
Затоа и се смета дека е речиси неверојатно – човек како „слеп патник“ – да преживее на еден ваков долг, интерконтинентален лет, патувајќи сокриен во делот каде по полетувањето се сместуваат авионските тркала. Најмногу поради големиот студ од ниските температури на големите височини на кои обично летаат авионите и намалениот кислород.
Идентитетот на човекот, неговата возраст, националноста, како и мотивот за еден ваков опасен по животот потег, не се соопштени. За него, меѓутоа, е речено дека веднаш бил префрлен во болница, каде лекарите утврдиле дека неговата здравствена состојба е стабилна.
Тој бил откриен во делот каде се сместуваат предните тркала на авионот – во „носот“ на леталото.
Не е познато ниту каде „слепиот патник“ се сместил во авионот – во Јоханесбург, или пак, во Најроби, затоа што авионот во кој се случил овој инцидент бил – карго (товарен). Но, како и да е, станува збор за исклучително редок случај – некој да остане жив после една ваква авантура.