Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Израел: Нетанијаху се пазари да не оди во затвор

lucidwaters/Depositphotos.com

Израел: Нетанијаху се пазари да не оди во затвор

Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанијаху преговара со обвинителите во неговиот случај – за признавање на вината за обвинувањата за кои му се суди – јавуваат медиумите, повикувајќи се на извор за кого велат дека е директно вклучен во ваквите преговори.

Изворот има навестено дека би можело договор да биде постигнат веќе во текот на оваа недела, а тоа значи дека „вечниот“ Нетанијаху ќе го нема, повеќе години, во израелската политика, што пак ќе овозможи тој да се тргне од лидерската позиција на партијата Ликуд.

Евентуалното постигнување ваков „пазарлак“ со израелското обвинителство, меѓутоа, ќе го ослободи од понижувачкото судење, што може да се развлече со месеци, или години, а тоа да му го уништи целото негово политичко наследство, остварено со долгогодишното управување со владата на Израел.

Седум години надвор од политиката?

На Нетанијаху му се суди за измама и за злоупотреба на службената должност, во три различни случаи (и обвинувања), вклучувајќи и обвинување за примање мито.

По губењето на премиерската функција, тој сега е лидер на опозицијата. Но и порано, а и сега ги отфрла сите обвинувања. Тврди дека нема направено ништо, спротивно на законите, притоа, обвинувајќи ги обвинителството и полицијата, како и медиумите дека против него имаат покренато „лов на вештерки“.

Неговиот портпарол одбил да ги коментира тврдењата кои се појавија во медиумите. Меѓутоа, изворот на ваквата информација уверува дека доколку се постигне договор – Нетанијаху да признае дека е виновен – обвинителството ќе ги повлече повеќето од обвинувањата за примање поткуп и за измама, а ќе се откаже целосно и од едно од обвинувањата.

Сепак, правни експерти во Израел сметаат дека многу работи се уште не се разрешени, а пред се, обвинувањето за „моралното пропаѓање“. Според израелските закони, врз основата на ова обвинување екс премиерот не ќе смее да се занимава со политика во следните седум години.

Замена на затворот со корисна работа

Од друга страна, неговите критичари и политички противници се спротивставуваат на целото тоа пазарење со Нетанијаху, затоа што сметаат дека тоа би значело „поткопување на владеењето на правото“ во земјата.

Израелските медиуми јавуваат дека имало протести пред зградата на Обвинителството, а актуелниот министер за здравство Ницан Хоровиц изјавил дека “не може да се прави пазар (договор) со човекот кој ја има уништено довербата во темелите на демократијата – само поради неговите лични интереси“.

Бенјамин Нетанијаху беше 12 години, едно по друго премиер, а ако на тоа се додата и трите години на таа функција на почетокот од неговата кариера, излегува дека цели 15 години има управувано со Израел – како никој друг во современата израелска историја.

Своето владеење го заврши после три неуспешни изборни процеси и по создавањето една крајно широка коалиција од дури осум леви и десни партии, вклучувајќи (за прв пат) и една партија на израелските Арапи.

Според преговорите што се водат, тој не би служел затвор, туку би му била определена некаква општествено корисна работа. Нетанијаху, меѓутоа, постојано зборува дека ќе се врати на политичката сцена – одново како лидер и премиер.

Ликуд бара нов лидер

Има такви кои веруваат дека тоа би можело и да се случи, прикажувајќи го како „политички волшебник“ кој успевал да се одржи во политиката и покрај неколкуте обиди да се тргне од лидерската позиција во Ликуд партијата.

Тоа би можело да се случи кога ќе му истече забраната за занимавање со политика – но тогаш „вечниот Биби“ како што го нарекуваат неговите симпатизери – ќе има 80 години.

На таа карта, изгледа, играат многумина во неговата десничарска партија, па во Ликуд веќе е отворен процес за истакнување можни кандидати за нов лидер на партијата (и лидер на опозицијата). Домашните аналитичари, пак, проценуваат дека Ликуд без Нетанијаху нема да биде она што беше со него – ќе го загуби своето влијание меѓу гласачите.

Затоа се верува дека десничарскиот дел во сегашната владејачка коалиција – без водството на Нетанијаху – би можел да го повлече на своја страна ослабнатиот Ликуд и да направи силен блок во Кнесетот, зајакнувајќи ја сегашната тенка коалиција која постојано е на работ да се растури.

(Т.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе