Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Кралицата Елизабета го казни принцот Ендрју

cheekylorns2/Depositphotos.com

Кралицата Елизабета го казни принцот Ендрју

Војводата од Јорк, принцот Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета, е казнет од британскиот суверен – од неговата мајка – со одземање на сите негови воени чинови и позиции во војската, како и од ројалистичките патронажи.

Ендрју (61) не ќе може повеќе да се користи и со почесниот назив – Неговата кралска висост, односно никој повеќе, било каде да се појави, нема да го ословува на овој начин

Ваквата одлука на Бакингамската палата, претставува реакција на решението на обласниот судија на Манхетен во Њујорк, за продолжување со граѓанската парница против принцот, околу обвинувањето за сексуално насилство, што Ендрју постојано и категорично го отфрла како невистинито.

Секс со тинејџерки

Станува збор за тврдењето на Вирџинија Џуфре (38) дека била присилена да има сексуален однос со британскиот принц, во времето кога таа имала малку над 17 години (била постара малолетничка – тинејџерка), а дека Ендрју знаел за нејзината возраст.

Претходно, судијата во случајот го отфрли барањето на адвокатите на принцот за затворање на случајот, откако се појави документ дека пред неколку години, Џуфре се спогодила со американскиот милијардер и педофил Џефри Епстајн. За 500 илјади долари, што ги има примено, таа се согласила да се откаже од секакво прогонување кон Епстајн, но и кон клиентите кои тој и неговата поранешна љубовница и „мадам“ Гислејн Максвел ги обезбедувале за секс со тинејџерки.

Засега не се знае кога ќе продолжи граѓанската парница, во која адвокатите на тужителката ќе треба да го докажат она што таа го тврди, но извори блиски на принцот изјавиле за лондонските медиуми дека тој ќе продолжи да се брани како и досега – отфрлајќи го тврдењето дека имал сексуална врска со Џуфре.

Принцот – граѓанско лице

Кралската Бакингамска палата потврди дека сите одлуки околу одземањето на чиновите, титулите и привилегиите на принцот Ендрју се донесени со наредба на кралицата и тие стапуваат веднаш. Сите патронажи и кралски должности што му се одземени на принцот се враќаат на кралицата, се додека таа не одлучи кому да ги раздели во кралското семејство.

Како и принцот Хари и Меган Маркл, сега и Ендрју ќе може да ја задржи својата досегашна титула, војвода од Јорк и ќе остане принц, како син на кралицата и брат на идниот британски крал, но сега ќе фигурира само како граѓанско лице.

Медиумите во Лондон забележуваат дека се изненадени од брзата реакција на кралскиот двор и од острата казна, без разлика што случајот не е завршен и не се знае како ќе се оконча. Но, очигледно е дека Бакингамската палата и кралското семејство не сакаат на никаков начин да се поврзуваат со граѓанската парница во Њујорк, која се означува како срамна за семејството. Принцот Ендрју во парницата ќе се брани сосема сам.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе