Украина: Зеленски против Порошенко
Во екот на најголемата криза врзана за опстанокот на Украина, како независна и суверена држава и во времето кога е изложена на силната закана од инвазија од соседна Русија, земјата се најде и во ситуација на внатрешна политичка криза.
Станува збор за остриот судир на актуелниот претседател Володмир Зеленски, со неговиот претходник, Петро Порошенко, инаку еден од најбогатите луѓе во земјата, што сега прерасна и во обвинување за „велепредавство“.
Судир на двајцата претседатели
Таа криза во нивните односи трае подолго време, уште од времето кога набргу по изборниот пораз, Порошенко (прозападно, про ЕУ и НАТО определен политичар), како што е тоа и сегашниот претседател, почна остро да го критикува Зеленски. Го обвинува за “неспособност да ја води државата и за неисполнување на (набрзина) дадените ветувања дека одново ќе ја врати контролата врз целата територија на државата“.
Од актуелната власт, брзо реагираа со контра напади, обвинувајќи го Порошенко за „корупција и злоупотреба на службената должност“, односно дека за времето додека бил на чело на државата, уште повеќе го има зголемено своето богатство.
Сетоа тоа и оди на рака само на Москва, која некои домашни аналитичари ја посочуваат како покренувач на судирот – според системот, подели па владе. Но, наместо да се смири ситуацијата, како се приближува времето за реизбор на Зеленски, судиот меѓу сегашниот и поранешниот претседател, уште повеќе ескалира.
Јаглен од сепаратистите од Донбас
Властите во Киев, откако го осомничија Порошенко за „велепредавство“, затоа што купувал јаглен од реонот Донбас (Луганск и Донецк), што од 2014 година се под окупација од проруските бунтовници кои таму прогласија и своја „Донецка Народна Република“ – што Москва ја подржува, иако ја нема и формално признаено.
А, потоа, и го обвинија, па го конфискуваа целиот имот на поранешниот шеф на државата.
Порошенко (56) беше претседател од 2014 до 2019 година. Сега е само пратеник во украинскиот Парламент
На изборите пред две години, доживеа уверлив пораз од тогаш комплетниот новак во политиката, Зеленски чиј единствен „капитал“ беше тоа што беше популарен ТВ актер – комичар, редовен критичар на власта. Во ова меѓувреме, Порошенко кој не ги крие амбиции да се врати на кормилото на државата, се соочува со неколку судски истраги за корупција, но сегашното обвинување за „велепредавство“ е досега најсериозно и најтешко.
Доколку обвинувањето би се докажало на суд, тој би можел да добие затворска казна од 15 години.
„Чиста фабрикација“
Според украинската Канцеларија за истрага, поранешниот претседател се сомничи дека “ги подржувал терористичките организации“, односно сепаратистите на Истокот од Украина, на тој начин што од самопрогласената република во 2014 и во 2015 година купувал јаглен во вредност од 48,6 милиони евра.
Неговите најблиски соработници ја обвинуваат власта во Киев дека целата оваа афера е „чиста фабрикација“ и дека зад неа стои Зеленски кои се пресметува со својот претходник. Колку што се знае Порошенко е во странство, но неговите сојузници тврдат дека тој нема намера да бега и да се сокрива од украинските власти. Самиот тој има изјавено дека планира да се врати дома, на 17 јануари.
Во октомври, истрагата во Киев, во истата афера, го обвини и украинскиот, инаку проруски, тајкун, Виктор Медведчук кој е лидер на партијата Опозициска платформа – За живот и исто така, пратеник во Парламентот на Украина.
Кумство со Путин
Земјата се соочи со недостиг на енергетски ресурси кога руските сепаратисти, поддржувани од Москва – политички, воено и финансиски – ги освоија на брзина двете украински области, кои во времето на СССР, беа познати како советскиот Донбас – енергетски и индустриски центар на поранешната држава.
Властите во Киев сега го обвинуваат Медведчук дека со блиски луѓе на Порошенко, подготвувал заговор – да се купува јаглен од сепаратистичките области, со што, практично, го „финансирале нивното сецесионистичко движење“.
Богатиот Медведчук важи за човек кој е мошне близок со рускиот претседател.
Владимир Путин е кум на крштевката на најмладата ќерка на овој тајкун, што во Киев сметаат дека е само уште еден податок повеќе дека Москва е силно вклучена во внатрешната дестабилизација на Украина.
(К.У.)