Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Фијон како и Шредер „на работа“ кај Путин

The Kremlin, Moscow, François Fillon meeting Vladimir Putin, CC BY 4.0

Фијон како и Шредер „на работа“ кај Путин

Се повеќе европски политичари – од сите идеолошки бои – откако ќе го загубат мандатот, или ќе ја напуштат политиката – се префрлаат во крупниот бизнис. Таму платите се многу пати повисоки од оние кои ги имале додека биле во политиката на своите земји.

Себастијан Курц, на пример, кој до пред некој месец беше австриски канцелар, откако (без основа) беше осомничен за злоупотреба, наеднаш одлучи да ја напушти политиката и да се вработи во една бизнис компанија. И тоа не во Австрија, туку во САД, каде и ќе се пресели за да живее со семејството. Годишната плата ќе биде повеќе од двојно повисока од онаа што ја имаше како канцелар.

Но, ако Курц се определи за Западот, според европските медиуми излегува дека се повеќе Европејци, богато вработување бараат и наоѓаат – на Истокот, во Русија, во тамошните фирми на богатите олигарси – сите од ред блиски и со доверба кај рускиот претседател.

Сибура наместо Елисејската палата

Тоа селење на работа кај Владимир Путин, за кое во Европа се вели дека добива на интензитет, сега е дополнето со Французинот, Фрасоа Фијон, поранешен премиер во својата земја. Стана член на Управниот одбор на рускиот петро – хемиски гигант Сибура.

На списокот на функционерите на компанијата, Фијон е во одборот на директори, како независен директор. Според рускиот весник „Москоу Тајмс“ оваа компанија е под контролата на Леонид Михелсон, еден од најбогатите луѓе во Русија и на Генадиј Тимченко, за кого се вели дека е близок соработник на претседателот на Русија. Обајцата се главните акционери.

Именувањето на Фијон во оваа компанија доаѓа откако годинава, тој беше именуван и во Управниот одбор на руската државна компанија Зарубежнефт.

Фијон беше премиер во времето кога во Елисејската палата, како претседател на Франција беше Никола Саркози. Во Париз тој е директор на консултантската фирма Аптераса, што тој самиот ја има создадено, после хаваријата што ја доживеа во текот на кампањата за претседателските избори во 2017 година, на која (неочекувано) победи младиот и дотогаш политички неискусен Емануел Макрон.

Осуден за измама, па помилуван

За тие избори Фијон, како кандидат на десно – центристичката Републиканска партија, беше главен фаворит и се очекуваше негова сигурна победа. Париските весници се потсетуваат дека дури и рускиот претседател Путин, пред време, изјави дека Фијон би бил добар на челото на француската држава.

Меѓутоа, во екот на кампањата се откри дека поранешниот премиер, со години на ред ги измамувал финансиските служби во францускиот Парламент, пријавувајќи ја прво својата сопруга, а подоцна и двете деца како „стручни советници“ за правни работи во неговата пратеничка канцеларија, иако сопругата никогаш се нема појавено на работа во Парламентот, а синот и ќерката – кога биле пријавени како правни советници – се уште немале завршено факултет.

Беше уапсен и во јуни 2020 беше осуден на пет години затвор, како и задолжен да ги врати сите земени пари од државната каса. Но, казната брзо беше заменета со условна, па тој годинава излезе слободен и квалификуван за да работи во странство – во Русија.

Шредер обвинет за „руски платеник“

Во оваа земја вработени се и поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајст и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.

Германецот е најдолго на работа кај Путин, уште од 2017 година, како претседател на Одборот на најголемата руска државна компанија Роснефт, за годишна плата од 600 илјади долари. Оваа негова позиција, меѓутоа, освен пари (месечно по 50 илјади) му овозможува да има и блиски контакти со рускиот претседател.

Станува збор за компанија која 70 отсто е во рацете на државата, па затоа е на удар на санкциите на САД и на ЕУ поради руската анексија на Крим.

Позицијата во која се најде Шредер по руската интервенција во Украина, предизвика големо бранување во Германија. Ангела Меркел го осуди поранешниот канцелар – изјавувајќи дека неговата позиција – да работи кај Путин – не е воопшто добро. Но многу поостри беа политичарите од другите германски партии кои го нарекуваа Шредер како „руски платеник“.

Тој по повлекувањето од политиката, прво стана претседател на Одборот на акционери на гасоводот „Северен тек“, каде мнозинскиот пакет акции го има државната компанија за гас Газпром.

Невестински танц со Путин

Австријанката Кнајст од порано е и лично блиска со Путин. Таа предизвика бранување во Австрија кога за својата свадба, го покани и рускиот претседател кој дојде на венчавката и дури изигра еден танц со невестата.

Во владата во Виена беше министер како член на ултра – десничарската националистичка Слободарска партија. Коалицијата со партијата на канцеларот Курц се распадна, кога се откри дека ултрадесничарите, со руски пари, сакале да купат влијателен весник кој ќе биде ставен во функција за да им обезбеди победа на следните австриски избори.

Сега Кнајст е избрана за член во Управниот одбор на Роснефт.

И кај Роснефт, мнозински акционер е руската држава. Тоа значи дека сите компании што ги вработуваат истрошените, или пропаднати политичари од ЕУ/Европа, практично, се на платниот список на путинова Русија.

На чело на компанијата во која се и Шредер и Кнајст, се наоѓа Игор Шечин, кој во Москва го сметаат за мошне близок сојузник на рускиот претседател и за еден од највлијателните луѓе во Русија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе