Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Платеници на руски „Вагнер“ дејствуваат во Мали?

ssu.gov.ua

Платеници на руски „Вагнер“ дејствуваат во Мали?

Руски платеници, припадници на – велат – злогласната милитантна група „Вагнер“, се наоѓаат на територијата на африканската држава Мали.

Франција, како и 13 други европски земји и Канада, минатата недела ја обвинија Москва дека го помогнала префрлањето на платеничката група во северозападна Африка – во Мали – чија армија војува против исламските милитанти и џихадисти, собрани од сите страни на африканскиот континент.

Владата во Бамако го демантираше присуството на воени платеници од Русија, но потврди дека во земјата се присутни “руски воени советници“ со потребната “воена структура“, што наликува многу на познатите руски формулации од советско време, кога станува збор за руското навлегување во некоја странска земја.

Во соопштението на владата на Мали се вели и дека Русите се присутни во земјата врз основа на билатералната спогодба за воена соработка меѓу Бамако и Москва.

Москва го помага Бамако

Пред крајот на октомври, руски воени транспортери имаат префрлено во оваа земја, воени хеликоптери, тешко оружје и друга воена опрема, како и определен број „советници“ за воено техничката соработка со оваа африканска држава.

Во понеделникот на 27 декември, руското министерство за надворешни работи потврди Москва ќе продолжи да го помага Мали во неговата борба со исламските бунтовници и да и дава воена помош на владата во Бамако, преку „официјални државни канали“, не демантирајќи ги обвинувањата од Западот за дејствувањето на „Вагнер“ на таа територија.

„Русија ќе продолжи да ги брани легитимните интереси на властите во Бамако, помагајќи им на партнерите во Мали со воена и воено – техничка помош“ – се вели во соопштението на руското МНР.

Подолго време Западот и повеќе европски безбедносни експерти тврдат дека групата платеници „Вагнер“ е помагана и поддржувана од руските официјални власти, како и дека е блиска на Кремљ, посебно тоа се тврди за лидерот на групата.

„Вагнеровци“ таму каде е и Русија

Москва се обидува да ги отфрли тие обвинувања, но факт е дека за „Вагнер“ прв пат се слушна по руската воена интервенција на Крим и во Источна Украина, кога платеници од разни земји (меѓу кои и од Балканот – од Србија) војуваа со проруските бунтовници во Луганск и Донецк, против армиските сили на Украина.

Подоцна, уште на два пати, за „вагнеровци“ се слушна дека се на фронтовите во Сирија, а потоа и во Либија – а тоа значи на локации на кои беше и се уште е вклучена и руската војска, или на територии каде се поклопуваат руските воено – политички интереси.

Рускиот претседател, во една прилика, се обиде да демантира дека постои руска платеничка група, под патронат на државата, но независни аналитичари и тогаш, а и сега тврдат дека „демантот“ само ја потврдил фактичката ситуација.

„Групата Вагнер не ја претставува државата Русија, но приватни (руски) контрактори може да работат каде сакаат во светот – доколку не ги повредуваат руските закони“ – рекол во таа прилика Путин.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе