Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Шкотска ќе помилува илјади „вештерки“

tishka13_85/Depositphotos.com

Шкотска ќе помилува илјади „вештерки“

Шкотска посмртно ќе помилува и ќе рехабилитира повеќе илјади жени обвинети меѓу 1563 и 1736 година – или безмалку пред 200 години – дека биле вештерки, поради што биле осудени на смрт и погубени на суров начин.

Група пратеници од владејачката шкотска Национална партија (СНП) прво го имаат покренато ова прашање во Парламентот во Единбург, а откако иницијативата доби поширока поддршка и од другите пратеници, беше изработен и предлог – закон кој ја доби согласноста од локалната влада на првиот министер Никола Старџен.

Покренувачите на иницијативата – за тоа да се рехабилитираат сите жртви од времето на „ловот на вештерки“ – се надеваат дека предлог – законот ќе се најде на дневен ред во Парламентот и ќе биде усвоен во првата половина на идната 2022 година.

„Ловот на вештерки“ во Шкотска е покренат во далечната 1597 година, откако шкотскиот крал Џејмс Четврти донел закон за вештерки.

Според тој закон, почнало прогонувањето и убивањето на сите кои биле осомничени дека се занимаваат со вештерство, иако најчесто таквите обвинувања биле измислени и лажни. Повеќе илјади жени и млади девојки биле обвинети и егзекутирани.

“Сосема е коректно да се исправи една голема неправда и грешка, па овие невино криминализирани (пред се) жени, конечно, да бидат помилувани“ – имаат изјавено предлагачите на законот.

Во поднесената петиција се вели дека за „вештерките од Шкотска“ се бара помилување, официјално извинување и уредување спомен одбележје, во знак на признание на „вештерките“. Владата во Единбург сега признава дека суровиот закон кој бил на сила скоро два века, бил и неправеден и дискриминаторски.

Се смета дека над четири илјади лица се нашле на ударот на законот, што бил укинат дури во втората половина на 18 век.

„Вештерките“ биле обвинувани дека „фрлиле клетва на некого, или на нешто“, потоа дека „предизвикувале олуи и бури“ од што потонувале кралските бродови, или пак, дека имале „сексуален однос со ѓаволот“.

Над 85 отсто од осудените биле жени кои изложени на тортура, во тешки маки, признавале дека „фрлале клетви“ и дека се занимавале со „вештерство“, само за да не бидат измачувани, иако знаеле дека ќе бидат погубени.

Според лондонскиот неделник „Сандеј Тајмс“ многу често со вакви обвинувања се соочувале сите кои им помагале на луѓето, како и оние кои се разбирале во лековитите растенија и им ги нуделе на луѓето – за да се излекуваат. „Вештерките“ цели 200 години биле виновни за се и сешто – од невремето и чумата, разните други тешки болести и епидемии, се до пропаѓањето на посевите.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе