Назадување на демократијата
Повеќе од половината од демократските држави во светот, во изминатите десет години НАЗАДУВАЛЕ во демократските процеси и во општо во демократијата – покажува извештајот на Меѓународниот институт за демократија и за изборна поддршка.
Извештајот открива дека веќе пет години по ред, заклучно со крајот на 2020 година, бројот на земјите што назадуваат, движејќи се забрзано кон авторитаризам, е ТРИ ПАТИ ПОГОЛЕМ од бројот на државите кои напредуваат кон демократијата. Конечно, бројот на демократските земји, во апсолутни бројки и на глобално ниво постојано се намалува.
Од 2020, на пример, десет држави бележат најголем пад, а меѓу нив, покрај земји какви што се Мали и Брегот на Слоновата коска се наоѓа и една држава од Западен Балкан – Србија.
„Демократски слом“
Во делот за Србија, на пример, се вели дека земјата „манифестира демократски слом“ и како причина за ваквата оценка се споменуваат изборите во 202о година за кои се вели дека поминале со „големи проблеми“. Експертите на овој Институт сметаат дека оваа држава „повеќе не може да се гледа како демократска“, а дека таквата оценка го „доведува во прашање идното членство во ЕУ.
Поради ваквото рангирање, Србија за прв пат по 20 години, од демократски држави е деградирана во земји со хибридни режими. Ваквата состојба се објаснува со политиката на власта во последните седум години кога е “дискредитирано и ограничено цивилното општество и е воведена ограничена слобода за медиумите“.
Во секој случај, оценка е дека кога станува збор за цела Европа, квалитетот на демократијата на континентот – или стагнира, или пак, назадува.
Намалувањето на демократијата е особено забележливо во последните две години, и тоа делумно се објаснува со глобалната пандемија со коронавирусот. Се посочуваат Западен Балкан, како и земјите од Источна Европа, кои и онака, со години на ред, имаат проблеми со демократијата – или, со нејзината примена и усовршување – но, кризата е дополнително засилена со епидемијата.
Западен Балкан и истокот на Европа
Таквиот развој предизвикува да се намали легитимитетот на владејачките елити во регионот, затоа што (во ова време на пандемија) тие ја користат ситуацијата, како изговор за наметнување нови „правила за однесување“, при што настојуваат да обезбедат нееднаква изборна предност, потоа да вршат застрашување на политичката опозиција и уште – дополнително да го ослабнат интегритетот на медиумите кој и онака е темелно разнишан.
Всушност, пандемијата ги има урнато “носечките столбови“ на демократијата во низа земји од Западен Балкан, во државите од Источна Европа и во реонот на Кавказ – преку организирајќи на брзина изведувани неслободни и нефер избори, со задушување на слободата на здружување и изразување, како и блокирање на правото за контрола на работењето на владата.
Во овие делови од Европа и пред пандемијата имаше вакви состојби, но оценката сега е дека демократските состојби, во последните две години се дополнително уназадени. Можеби медиумите се најмногу погодени – прво, со некооперативниот однос (на ваквите недемократски власти) кон нив, потоа, со постојаното вознемирување на редакциите, а и со отворени закани кон новинарите.
Најголемо назадување кај седум земји
Многу често, ваквото однесување властите го оправдуваат со „стравот“ од дезинформациите и од погрешното информирање. Тоа, инаку е присутно, сега, во годините на пандемијата во прилично голем обем – некогаш намерно, служејќи им на нечии интереси (политички, или корпорациски), а понекогаш, несвесно, од незнаење, повлечени од општата хистерија што ја има предизвикано пандемијата.
Но, во случајов што е истражуван за да се оцени состојбата со демократијата, станува збор само за изговор – за да се „покрие“ уназадувањето на медиумските слободи.
Ваквите појави и состојби се регистрираат и кај земјите кои се членки на ЕУ. Така се доаѓа до крајно поразувачкиот податок (за Унијата) која важи за своевиден „бастион“ на демократијата и на демократските слободи, дека најголемо назадување во изминатите десет години е регистрирано кај седум држави во светот, од кои ТРИ СЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ.
Тоа се Унгарија, Полска и Словенија. Другите се Србија, земја кандидат за влез во Унијата која уште и го има отворено преговарачкиот процес, како и Турција, Бразил и Никарагва.
Извештајот на Меѓународниот институт за демократија открива дека бројот на земјите кои назадуваат во демократијата, никогаш досега не бил толку голем како во периодот меѓу 2010 и 2020 година.
Третина од светот во недемократија
Многу од овие земји се големи и многу населени, па така излегува дека дури 30 отсто од светската популација, или една третина од над седум милијарди луѓе, живеат во услови на недемократска власт.
Другите 70 отсто, живеат или во услови на недемократија, или во земји каде демократијата е во постојано опаѓање. Само девет отсто од светот живее силни, вистински демократии.
Според критериумите по кои се оценуваат и се рангираат земјите, во редот на хибридни режими, со најголем пад во последните години се наоѓаат Брегот на Слоновата коска, Гвинеја, Србија, Танзанија, Турција и Замбија.
Во Европа, како хибридни режими се означени Русија, Турција и Србија. Властите во Азербејџан и Белорусија се квалификуваат како авторитарни режими, додека другите 39 земји се во категоријата на демократии.
Унгарија, Словенија и Полска
Кога станува збор за Европа, извештајот посебно се осврнува на ситуацијата во три земји во ЕУ – Унгарија, Словенија и Полска.
За нив се вели дека имаат забележано значително влошување на демократијата – и кога се во прашање медиумите и кога станува збор за владеењето на правото, а и кога се зборува за слободата на судството. И кај овие членки на Унијата од некогашната комунистичка источна Европа, состојбата е уште повеќе влошена во годините на пандемијата.
Кај сите, авторитарните власти уште повеќе го имаат зацврснато ваквото владеење.
Во Словенија, на пример, владата (на Јанез Јанша) тргна во отворена пресметка со медиумите кои критички се определени кон неа, додека во Унгарија (Виктор Орбан) се прогласи вонредна состојба која му даде на премиерот одрешени раце за продолжување на состојбата, додека тој самиот не одлучи кога е доста. Изговорот беше дека тој најдобро ја знае ситуацијата со епидемијата.
„Вакцина“ за демократијата
Оценка на експертите на овој Меѓународен институт е дека пандемијата во овие три земји на ЕУ само ги има откриено напластените проблеми во текот на изминатата деценија и самозалажувањето дека нема проблеми, кои излезе дека само се потскривале, а дека тамошните општества го имаат задржано менталитетот на времето на едноумието, пред падот на комунизмот.
Вториот заклучок е дека короната и Ковид – 19 им покажаа на светот, но и на Европа дека вакцините не се потребни само за борба со вирусот, туку дека вакцина и лек се потребни за борбата со недемократските тенденции – во некои делови од Стариот континент, затоа што вирусот на авторитарноста и на автократското владеење веќе е присутен и загрижувачко е што може да се рашири.
А, такви тенденции се пројавуваат дури и во старата, добра, демократска Западна Европа.
Еден ваков извештај се појавува непосредно пред одржувањето на (виртуелниот) Самит за демократијата што го покрена и го организира американскиот претседател Џо Бајден – закажан за 9 и за 10 декември.