Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Израел забрани продажба на Пегасус во 65 земји

Flik47/Depositphotos.com

Израел забрани продажба на Пегасус во 65 земји

Израелското министерство за одбрана го намали бројот на земјите во светот на кои компаниите од Израел може да им продаваат сајбер технологија, откако во меѓународната јавност се подигна голема врева со продажбата на софтверот за шпионирање и прислушување Пегасус, на компанијата НСО Груп.

Според израелските медиуми, продажбата е забранета дури во 65 држави, па сега, наместо во 102 оваа софистицирана технологија, која се покажа дека во најголем број случаи била злоупотребувана против правата и слободите на граѓаните, ќе може да се продава во 37 земји.

Мароко, ОАЕ, Саудиска Арабија, Мексико….

Изборот на државите каде може, а каде е забрането продавањето на Пегасус, е правен според тоа како во секоја земја се почитуваат човековите права и слободи. По тој критериум, на израелската „црна листа“ се најдоа и новите сојузници на еврејската држава – Мароко и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – но, со забраната е опфатена и Саудиска Арабија, а и Мексико – земја членка на групата Г – 20.

Медиумите објаснуваат дека властите во Ријад го користеле системот Пегасус за да го „ловат“ и за да го следат движењето на новинарот на „Вашингтон Пост“, публицист и саудиски дисидент Џамал Кашоги кој беше убиен во 2018 година, во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, а неговото тело досега не е пронајдено.

Мексиканските власти, пак, се обвинуваат дека масовно ги имаат прекршувано човековите права, со помош на оваа израелска технологија, за илегално следење и надгледување на домашни новинар и на разни активисти за човекови слободи, што властите ги третирале како „сомнителни лица“.

Светот против шпионскиот софтвер

Израелските медиуми откриваат дека тамошното министерство за одбрана, и понатаму нема ист критериум за сите земји на кои им продава шпионска сајбер технологија.

Како пример за тоа се наведува Индија која исто така беше обвинета дека ја користела Пегасус технологијата за да следи новинари, политичари на опозицијата и активисти, а сепак, остана и на новата листа од 37 потенцијални корисници.

Како и да е, новите правила на министерството, донесени на сила и под притисок на острите критики во светската демократска јавност, сигурно, ќе и нанесат силен удар на израелската индустрија на сајбер технологија.

Компанијата НСО – Груп, а преку неа и Израел, се соочија со обвинувања дека ги помагаат владите во светот кои спроведуваат илегално следење на своите граѓани, прислушување на нивните телефони и читање на пораките, шпионирајќи ги политичките дисиденти во земјите со крајно сомнителни резултати во почитувањата на слободите на луѓето, како и на активистите кои се борат за заштита и за обезбедување на тие права.

Пегасусу на „црна листа“ во САД

НСО, меѓутоа, објаснуваше дека нејзиниот производ (во основа) не е наменет за вакви активности и дека секоја земја го има самата пренаменето за она што светот го означи како масовно шпионирање и прислушување на домашната јавност.

Израелците се бранеа дека софтверот Пегасус бил создаден за борбата на земјите против тероризмот и организираниот криминал, како и дека компанијата – производител не била должна да проверува и да води сметка за тоа како софтверот се користи во секоја земја која го има купено.

САД, сепак, реагираа на свој начин, па од пред неколку недели, министерството за трговија соопшти дека компанијата НСО – Груп се става на американската „црна листа“. Тоа значи дека на израелската компанија и се забранува да има било какви врски со американски фирми, обвинувајќи ја дека им „овоможила на странски влади да спроведуваат транснационална репресија“.

Епл ја тужи НСО – Груп

На почетокот од оваа недела, американската компанија Епл ја тужеше НСО – Груп дека својот софтвер го има насочено кон корисниците на нејзините мобилни телефони, тврдејќи дека фирма која има предизвикано еден ваков скандал – мора да одговара за тоа.

Шпионскиот софтвер Пегасус се смета за едно од најсилните орудија за сајбер надгледување и следење.

Овој софтвер им овозможува на неговите корисници да ја преземат контролата на мобилниот телефон на лицето кое се следи, да ги преземаат сите информации од тој телефон, да ја активираат и камерата, вградена во него, заедно со микрофонот, ако тоа го сакаат – а, да притоа, сопственикот на мобилката нема поим за тоа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе