Нобеловецот за мир оди на фронт
Етиопскиот премиер Абиј Ахмед изјави дека војската на својата земја, која е вклучена во крвавата граѓанска војна во Етиопија, нема повеќе да ја води од кабинетот во главниот град Адис Абеба, туку од самиот фронт, од првите борбени линии.
Ваквата изјава на премиерот кој, инаку, пред две години беше добитник на Нобеловата награда за мир, претставува застрашувачка најава за ескалација на воените судирања кои над една година траат меѓу владините сили и воените единици на малцинската етничка заедница од областа Тигре, на северот од Етиопија.
„Ова е време кога земјата мора да се води маченички“ – има речено патетично и во стилот на популист, 45 годишниот премиер Ахмед, во соопштение кое е поставено на социјалните мрежи.
„Ајде сите на фронт“!
Во изјавата на овој поранешен војник на етиопската армија, меѓутоа, не се соопштува кога тоа ќе се случи, како и во кој реон од фронтовската линија ќе командува премиерот на државаа. Единствено се пренесува неговиот повик – „Ајде да се најдеме на фронтовската линија“ – што во Адис Абеба се толкува како повик до населението да и се приклучи на армијата во војната со бунтовничките сили.
Ахмед кој стана нобеловец благодарејќи на симпатиите и подршката на меѓународната заедница, сега се свртува против Западот, обвинувајќи го дека (наводно) „се обидува да ја порази Етиопија и да ја кутне на коленици“. А, токму САД и Африканската унија (АУ) вложуваат силни напори за да се изнајде – прво прекин на воените судирања, а потоа и политичко решение.
Ваквите изјави на етиопскиот премиер доаѓаат во време кога противничките сили на Тигре напредуваат на фронтот и полека, но сигурно се приближуваат до Адис Абеба. На почетокот од овој месец, владата, затоа прогласи воена состојба во земјата.
Војна во Тигре
Светот остана збунет кога само една година откако стана нобеловец, Ахмед објави дека наредил војна против силите на бунтовниците од Тигре.
Судирите се изродија откако оваа еничка заедница се побуни кога етиопската влада на Ахмед, еднострано, им ја укина дотогашната автономија, а претставниците на заедницата кои до тогаш редовно беа дел од владата во Адис Абеба, беа тргнати од владиниот состав.
Таквата неговата постапка беше сосема различна од она што го зборуваше примајќи ја Нобеловата награда за мир.
„Лазев за да се дојде до мир, низ правливите воени ровови уште пред многу години….или дека “војната секогаш е олицетворение на пеколот за сите кои во него учествуваат. Знам, јас бев таму и се вратив од фронтот“ – има речено во 2019 година во Осло етиопскиот премиер.
Контроверзна одлука
Абиј Ахмед беше награден со Нобеловата награда за успешно завршените три деценски воени судирања со соседна Еритреја, откако оваа поранешна етиопска територија се отцепи и се прогласи за независна држава.
Таа година, како кандидати за наградата за мир беа номинирани и двајца балкански политичари – премиерите на Грција и на Република Северна Македонија – тогаш тоа беше Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Некои европски аналитичари сега велат дека ако веќе требаше наградата таа година да им се даде на политичари, требаше да ја примат оние од Балканот (за историскиот Преспански договор), затоа што тоа ќе беше силен потик за вкупниот мир и за стабилизацијата на Западен Балкан. Посебно што сега, одново се надвиснуваат сериозни проблеми и се заканува дестабилизација – пред се, во БиХ, но и во регионот, што е на работ од ЕУ и е составен дел од европскиот континент.