Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Стив Банон се предаде на ФБИ

"TBR_steve bannon_16" (CC BY-SA 2.0) by Nordiske Mediedager

Стив Банон се предаде на ФБИ

Стив Банон, поранешен главен советник на бившиот американски претседател Доналд Трамп се предаде на ФБИ, откако беше обвинет за одбивање да соработува со Комитетот на Претставничкиот дом на Конгресот кој ги истражува немирите од 6 јануари годинава и насилниот упад на приврзаниците на Трамп во зградата на Капитол, во Вашингтон.

Во текот на нападот на припадници на разни ултра – десничарски криминални групи, на расисти и на оние кои заговараат бела супремација, кои екс претседателот, на две недели пред заминувањето од Белата куќа и по поразот на изборите, ги повика на протести за да Конгресот против верификацијата на изборната победа на Џо Бајден, загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Над 700 други лица се кривично гонети, од кои некои веќе се и осудени, признавајќи ја пред тоа вината, но и заблудата во која Трамп ги има вовлечено.

Пред да влезе во зградата на ФБИ во Вашингтон и самиот ултра – десничар, Банон им рекол на насобраните новинари дека во тек е “соборување на режимот на Бајден“!

Идеолог на крајната десница

Претходно тој беше обвинет дека одбива да се појави на сослушување во Конгресот и одбива да ги предаде документите што комитетот на Претставничкиот дом ги бара за потребите на истрагата, што значи непочитување на највисокиот орган на власта во САД и на темелот на американската демократија.

Тоа во САД се смета како кривично дело, па за секое од овие две, Банон може да добие казна затвор од еден месец, до една година.

Пред да се предаде, тој на социјалната мрежа им има порачано на своите следбеници и истомисленици – да останат насочени кон целта. А, таа е деструктивна и значи соборување од власт на актуелниот и легално избран американски претседател.

„Немојте никако да се откажете од патот кој води до целта“ – порачал Банон кој во Америка важи за идеолог и предводник на крајната десница.

Извршни привилегии

Минатиот месец комитетот кој ги истражува случувањата од 6 јануари, побара по судски пат, да ги добие документите кои тој ги поседува (од времето минато како советник во Белата куќа), но и да се појави како сведок во истрагата во Претставничкиот (Долниот) дом на Конгресот. Неговиот адвокат, меѓутоа, тогаш изјави дека Банон „нема да соработува со истрагата” – објаснувајќи дека така му има наредено Трамп.

Адвокатот на Банон потврдил дека поранешниот претседател и самиот одбива да ги даде бараните документи, инсистирајќи дека тие се заштитени со привилегијата на извршната власт која е во рацете на шефот на државата.

Според адвокатот, извршните привилегии му припаѓаат на Трамп, па според тоа, неговото повикување на нив (за одбивање било каква соработка со истрагата на Конгресот) мора да се почитува.

Ваквото толкување би значело дека и Банон треба да биде ослободен од обврската за сведочење и за предавање на документите, без разлика што експерти сметаат дека правото на извршни привилегии не може овој пат да се применува.

Во случајов, станува збор за напад врз американскиот Конгрес и (практично) за обид да се спречи инаугурацијата на новиот претседател и да не се почитува гласањето на американските граѓани и изборната победа на Бајден, која инаку, само Трамп и таквите како Банон, не ја признаваат, недокажано тврдејќи дека имало измама при броењето на гласовите.

Судот контра Трамп

Советничка канцеларија на Белата куќа соопшти дека нема да го подржува одбивањето на Банон за сведочење и одби да признае „извршна привилегија“ кога се работи за документи и за сведоци поврзани со она што се случуваше на 6 јануари.

Во меѓувреме, еден федерален судија ги отфрли сите аргументи на адвокатите на Трамп за „доверливост на сите документи“ на екс претседателот, па после ваквата пресуда, конгресниот комитет, сепак, ќе ги добие сите транскрипти од разговорите, како и сите други доверливи документи кои се потребни за истрагата.

Екс претседателот и неговите адвокати инсистираа дека тој има право, во определени ситуации, да не ги даде доверливите транскрипти од разговорите во времето додека бил во Белата куќа – ниту на судовите, а ниту на било која друга институција. Според Трамп, тоа право важи засекогаш.

Судијата во судот во Вашингтон, меѓутоа, отфрлајќи го трамповото барање има речено – „Претседателите не се кралеви, а Доналд Трамп не е повеќе претседател“.

Повик до толпата за напад на Капитол

Сите транскрипти од разговорите во Белата куќа се наоѓаат во Националната архива во Вашингтон, а екс претседателот бараше тие да не му се достават на Конгресот. Сега тој има најавено жалба на таквата пресуда.

На 6 јануари, Доналд Трамп (75), тогаш формално се уште шеф на државата, одржа еден запалив политички говор пред своите симпатизери на Капитол Хил, барајќи од нив да не дозволат Конгресот (Сенатот) да ја потврди (инаку) уверливата изборна победа на Џо Бајден, тврдејќи дека „победа на Трамп му била украдена“.

Во говорот, тој како да ги повика сите ултра – десничари да тргнат во напад на заградата на Конгресот, каде веќе заседаваа сенаторите.

Стив Банон (67) на почетокот од 2017 година, беше именуван од Трамп да биде негов главен советник за стратегија, на шокираност на демократската и либерална Америка, вклучувајќи и на многу републиканци, затоа што знаеја кој е Банон и каква е неговата мрачна идеологија на омраза кон сите кои не мислат како него.

Банон обвинет за измама

Стравувајќи од можноста да ја загуби поддршката во јавноста, тогаш новиот претседател по извесно време прифати Банон да се повлече од Белата куќа, но тие двајцата останаа блиски и натаму, особено во делот од идеологијата која Трамп, како претседател, ја подржуваше – дури и кога станува збор за расизмот што никогаш, во својот мандат, јавно не го осуди.

Во август минатата година, Банон беше уапсен откако беше обвинет за малверзации со парите што биле собирани (и од активисти и приврзаници на Трамп и на републиканците), наводно, за изградба на ѕид на границата со Мексико, кои потоа завршиле во разни партиски фондови. Стануваше збор за 25 милиони долари.

Непосредно пред да си замине од функцијата, Трамп го помилува Банон, кој се бранеше дека обвинувањата против него се „политички мотивирани“.

Тие двајцата се имаат зближено во време на претседателската кампања на Трамп, за изборите во 2016 година.

Според извори од самата републиканска партија, кога прв пат бил советуван за тоа дали милијардерот од Њујорк (Трамп) да се кандидира за претседател, Банон одговорил – „Нема никакви шанси“ и одбил да се приклучи на кампањата. Подоцна ќе го измени своето мислење и ќе им ја наметне својата “црна и мрачна идеологија“ на Трамп и на неговиот изборен штаб.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе