Обврска за климатска неутралност до средината на векот
На еден ден пред конференцијата на ОН за климата, што во понеделник почнува во Глазгов, во Шкотска, на Самитот на лидерите на групата Г-20, што се одржа во Рим, постигната е компромисна обврска за да се достигне нулта емисија на јаглендиоксидот – како што е речено – до или околу средината на овој век.
Постигнатиот компромис за обврската да се направи тоа што треба да се направи, околу алармантното менување на климата и заканата од загрозување на иднината на Земјата и на човештвото, како што предупредуваат експертите, би требало да биде и основата за работата на конференцијата во најголемиот шкотски град – на која, инаку, се присутни и сите 19 лидери од светот и ЕУ, кои досега беа на Самитот во Рим.
Главни загадувачи
Според усогласеното соопштение, лидерите на овие индустриски најразвиени земји во светот, се согласиле да се укине финансирањето на производството на струја, од централи на јаглен, со пари од јавните, буџетски средства.
Но, нема прецизен рок за тоа, а ни цел – за постепено отфрлање на јагленот – што се смета дека е јасен знак за најголемите загадувачи од јагленот – двете најнаселени земји во светот – Кина и Индија.
Групата на 20 најразвиени и оние кои најзабрзано се развиваат, се одговорни за 80 од загадувањето на воздухот, односно за емисијата на штетни гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.
Во оваа прилика, во Рим тие бараа начин за постигнување заеднички јазик околу цврстите обврски за тоа како да се намали штетната емисија, како и за тоа да им се помогне на сиромашните земји да се изборат со влијанието од зголемувањето на порастот на температурата.
Глобален лимит за загревање
Италијанскиот премиер Марио Драги, домаќин на Самитот, на крајот, во обраќањето до светските лидери, одново, порача дека е неопходно да се зацртаат долгорочни цели и да се направат краткорочни промени, за постигнувањето на тие цели.
Претставник на француската делегација, има изјавено за медиумите дека бил постигнат договор околу (се уште неисполнетата цел) – годишно да се обезбедуваат 100 милијарди долари за помагање на сиромашните земји, за да може да се изборат кај себе, со последиците од се повидливите климатски промени. Но и за тоа – заедничка цел да биде – глобалното загревање да не помине над 1,5 степени Целзиусови.
Секако, главното прашање околу кое се кршеле копјата, бил рокот за постигнување неутрализирање на јаглендвооксидот. Италија, признава дека единствено за што можело да се постигне консензус – било само договорот за нулта емисија на штетни гасови до „средината на векот“ – но не и за тоа – до која година.
Јагленот главен проблем
Всушност, иднината на јагленот, што е главниот извор за емисија на гасовите кои влијаат за создавањето на “стаклена градина“ било најтешкото прашање.
Западните земји, на пример, се дистанцирале од финансирањето производство на јаглен во земјите во развој, а сега за тоа се најавува дека ќе се приклучат и азиските земји. Кина веќе соопшти дека нема да финансира такви проекти, а Јапонија и Јужна Кореја тоа го најавија во текот на изминатите месеци, годинава.
Властите во Пекинг, меѓутоа, не определува краен датум за да престане да гради и пушта во погон термоцентрали на јаглен – на својата територија.
Јагленот и натаму е главниот енергетски извор на Кина за добивање електрична енергија.