Источните „браќа“ против Западнобалканците
Кога во средината на 2004 година, во ЕУ влегуваа седум земји од поранешниот комунистички, советски блок од Источна Европа и екс ЈУ република Словенија, западноевропската политичка јавност, но и луѓето во тие земји, масовниот прием на нови – членки го означија како – историски настан – како повторно обединување на Европа, поделена после крајот на Втората светска војна на комунистички Исток и на демократски Запад.
Западните политичари и повеќето медиуми побрзаа, сликовито, да го означат тој момент како – „враќање на браќата од Истокот“ – од зад дотогашната „Железна завеса“.
Особено што со тој „пакет“, во членство на Унијата беа примени и Романија и Бугарија – две други советски сателитски држави од Балканот – иако тие добија дополнителен период, до 1 јануари 2007 година, за да ги завршат подготовките за целосно вклучување во ЕУ.
Помош од 375 милијарди евра
Во т.н. подготвителен период за прием, акцентот на транзицијата повеќе беше насочен на четирите земји од Средна Европа – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија – кои претходно создадоа Вишеградска четворка за заедничко и координирано настапување на патот кон Унијата. Веќе од тогаш, овие земји, како и сите другите, почнаа да примаат средства од европските развојни фондови, за намалување на разликите меѓу нив и Западот и за позабрзан економски и општествен развој.
Заедно со тие пари влегуваше и силен странски капитал во нивната економија, поттикнат од фактот дека тие земји имаа квалификувана работна сила – како и затоа што сега беа дел од ЕУ, што, пак, за воневропските инвеститори беше гаранција за безбедноста на нивните инвестиции. Особено што сите новопримени членки на Унијата, станаа и членки на НАТО.
Според податоци на Европската комисија во Брисел, во првите 15 години членство, заклучно со 2019 година, од фондовите на ЕУ, кај источните „браќа“ – за побрз развој – (туку треба да се додадат и Кипар и Малта, што исто така станаа членки), се префрлени дури 375 милијарди евра. Само една земја – Полска – има примено 135 милијарди.
“Go West”
Изгледаше дека Европа, навистина, најпосле е вистински обединета и почнува да гради нова иднина, откако се претвори во најголемиот пазар во светот, со околу половина милијарда луѓе и со моќна економија која произведува се што и треба, навестувајќи ја и својата глобална (и политичка) сила. Наспроти САД, иако станува збор за главниот европски сојузник и партнер, а пред се – наспроти силно засилената Кина, па Русија и потенцијалните нови големи „играчи“ – Индија и Бразил.
Освен со парите – и не сакајќи и не планирајќи го тоа – Западот им помогна на „браќата“ од Истокот и со тоа што им ги отвори вратите за слободен влез и за вработување во државите каде претходно „чекаа на ред“ за влез.
А, тие не чекајќи ниту момент, тргнаа на Западот, масовно, како да станува збор за големиот хит на англиската група „Пет Шоп Бојс“ – Оди на Запад – (Go West), носејќи со себе цели семејства. Во тој прв бран на освојување на западниот дел од отворениот континент, уверливо доминираа Полјаците.
Само во Британија, која тогаш беше дел од ЕУ, дојдоа околу 1,5 милион полски државјани. Велат дека и повеќе од таа бројка, се префрлиле во Германија и во Франција. Наеднаш, Полска која во ЕУ влезе со најголема невработеност (20 отсто), успеа да ги стабилизира домашните состојби.
Враќање кон национализмот
Работите почнаа да се менуваат кога на изборите во земјите од Истокот, почнаа на власт да доаѓаат партии и политичари кои за орудие за освојување на масите го продаваат опасниот национализам, што во времето на нивниот тип на советски комунизам беше „храна за опивање и успивање“ на незадоволните маси. Постојано фрустрирани од отсуството на демократија и константниот недостиг на најосновните потреби на луѓето, што Западот ги имаше во изобилство.
Враќањето кон национализмот го покрена популизмот и се почестото и посилното замајувањето на масите (сега во услови на плурализам), за потребата нивните земји да останат „самостојни и независни“ и да се спротивставуваат на (наводниот) „тоталитаризам“ на Брисел, инсистирајќи и на „чистотата на нивната нација“. Сето тоа само за да се овозможи зацврстување на позициите на разните лидери – автократи, кои се однесуваат како некогашните семоќни генерални секретари на локалните КП од комунистичкото време.
Унгарија и Полска се предводници на ваквата националистичка ориентација, подржана со елементарно непочитување на нормите и прописите на ЕУ – на што се обврзани. Затоа што ги прифатиле при влегувањето во ЕУ и затоа што само затоа и биле примени во Унијата. Конечно, владеењето на правото, правната држава, слободата на медиумите, слободното судство се работите што Унијата (значи и овие земји) тоа го бараат од кандидатите за влез – од државите од Западен Балкан.
Правење „паралелна“ десничарска ЕУ?
Предводник на национал-десничарењето во ЕУ е Виктор Орбан, унгарски премиер кој анти-комунизмот го има заменето со анти-либерализмот, противејќи се на вистинската демократија на која почива Унијата. На последниот митинг во Будимпешта, тој ја обвини ЕУ (како и САД со Џо Бајден) дека сакаат да го тргнат од власт, на тој начин што (наводно) се мешале во внатрешните работи на земјата.
Всушност, тој само продолжува – како автократ – да им ја продава на Унгарците нивната божемна „загрозеноста“ од Џорџ Сорос и од Брисел кои сакале на власт да ја доведат левицата, што значело и „закана за чистотата на унгарската нација“ – од напливот емигранти/муслимани, кои патем ги чува Србија, на границата со Унгарија! Уште ги обвинува и за субверзија домашните медиуми, дека се „платени од странство“!?
Тоа, пак, делува карикатурално кога го зборува човек кој валкани пари (велат преку Словенија) префрла во Македонија за да ја финансира целата активност на овдешните вмровски, десничарски и националистички медиуми кои дејствуваат само за да ја урнат првата, вистински проевропска, влада во Скопје. И, секако, да го вратат на „престолот“ избеганиот деспот – нивниот екс лидер и премиер кој се крие во Будимпешта, каде избега за да не оди во затвор.
Потрага по сојузници на Балканот
Орбан, како и официјална Варшава и нејзината националистичка, конзервативна влада, поддржувани од Словенија на Јанез Јанша, низ координираното дејствување – за да се одбранат од непочитувањето на основните европски принципи и стандарди – настојуваат да најдат сојузници за својата националистичка, популистичка и десничарска кауза.
Во Европа се вели дека прават некаква „паралелна“ ЕУ, заснована не на либерализмот, туку на конзервативизмот. Затоа, настојуваат да ја привлечат една Србија, со нејзината сегашна власт, како и Македонија, преку соборувањето на сегашната влада, со враќање на власт на режимот, од пред четири години – кој се потпираше, а вмровците и сега се потпираат – врз позициите на национализмот/популизмот, наводниот патриотизам и – во секој случај врз антиевропејството.
Кога на ова друштво ќе им се додаде и Софија, со својот комунистички национализам, со кој го блокира европскиот пат на Македонија – земја кандидат 16 години – како и стратегијата на ЕУ и на САД, иако како страничен играч, дејствувајќи против вклучување на Западен Балкан во Унијата, сликата за она што Истокот и источните „браќа“ го прават во ЕУ и околу неа, се комплетира.
„Данајска“ поддршка од Истокот
Уште повеќе што на бугарскиот претседател Румен Радев кој се заканува со непопустливост кон Скопје, тврдејќи дека Бугарија ги „бранела европските стандарди“ (!?) на рака му одат оние во Македонија – антиевропски определените вмровци и таквите отпадници од социјалдемократијата – кои наместо во Европа, би не префрлиле некаде во Средна Азија, или можеби подесно од Белорусија.
Таквите сили во Западен Балкан, а нив ги има кај сите кандидати и претенденти за ЕУ, заедно со „братската помош“ што постојано декларативно ја нудат земјите од Истокот, а пред се, еден Орбан кој, сепак, би ја примил само Србија во ЕУ, практично, дејствуваат против интересите на Западен Балкан. „Браќата“ со она што го прават – со своето антиевропско однесување и со непочитувањето на европските вредности – делуваат како Данајците.
Настојувајќи да најдат истомисленици и меѓу западнобалканците, излегува дека тие во (идните) нови членки од регионот бараат „другарчиња“ за расправањето со Западот. Или, сојузници против либералната демократија и стандардите на кои се градени евроинтеграциите и Унијата, пред да дојдат „браќата од Истокот“ – сметајќи на тоа дека сите кандидати се поранешни социјалистички и комунистички земји.
Европски пари за антиевропејство
За оние на Западот на кои веќе „им се преку глава“ од оние од Истокот – затоа што ги зедоа европските пари, се рашетаа низ Европа и ги уредија своите држави, а сега им вртат грб на оние кои им го овозможија многу повисокиот стандард, сето тоа предизвикува револт.
Затоа што, практично, со европските пари, со парите од европските даночни обврзници, „браќата“ од Истокот, ја дестабилизираат ЕУ, по углед на „заразата“ што врз Унијата ја фрли британскиот Брегзит. Со парите од европските фондови, што се префрлаат на Истокот, разни орбановци, јанши, качинци, или радеви, го финансираат и го градат својот национализам и антиевропејството.
Во такви услови, тогаш, не чуди што на Западот, а посебно во Франција, во Холандија или во Данска, се одржува висок процент на оние кои се против проширувањето на ЕУ. Посебно, што се знае дека за примање останаа само оние од западнобалканскиот регион.
Секако, дека зад овој „страв“ од нови, источни потенцијални „предавници“ на европската кауза, може да се крие изговорот за да се запре давањето пари за нови членки. Меѓутоа, покрај дејствувањето на источните браќа и оние од Западен Балкан (иако не сите), речиси, секој ден даваат материјал за недовербата и за отпорот кон проширувањето.
(С.С.Г.)