„Капетан Кирк“ на 90 години – во вселената
Американскиот актер Вилијам Шатнер, ѕвездата на некогашната мошне популарна, научно – фантастична, телевизиска серија „Ѕвездените патеки“, леташе во ракетата на компанијата „Blue Origin”, во рамките на ново – откриениот вселенски туризам во САД и на тој начин стана најстариот вселенски патник во досегашната историја на летови во вселената.
Шатнер кој во тв серијата го толкуваше главниот лик – капетанот Кирк – има 90 години.
Воодушевен и исплашен
Во серијата тој ја има улогата на командант на мисијата и управува со вселенскиот брод „Ентерпрајз“, со кој, патувајќи низ разните галаксии, заедно со својата посада, му се случуваат бројни одисеи од кои, сите заедно, секогаш успеваат да се извлечат.
Во „Blue Origin”, меѓутоа, беше само дел од малата екипа вселенски патници, сместени во ракетното летало, кое се искачува до границата на орбитата и потоа се враќа назад, на Земјата. Целиот лет, всушност, трае само 11 минути, а четири минути, тој и другите патници можат да уживаат во бестежинската состојба.
„Сите оние работи кои ги имам глумено, во студијата за снимање, во ликот на капетанот Кирк, сега можев да ги видам од прва рака. Да видам како тоа навистина изгледа“ – има изјавено актерот Шатнер по враќањето на Земјата.
Во изјава за американските медиуми тој рекол дека пред летот, како и во текот на неговото траење, бил пред се воодушевен од авантурата на која се има изложено на таа возраст. Но, притоа и признал дека бил загрижен, силно нервозен, како и исплашен, затоа што тоа на кое беше изложен не беше филмско студио.
Вилијам против вселенскиот туризам
Вселенскиот туризам во кој први се вклучија и се натпреваруваат американскиот милијардер, сопственик на Амазон Џеф Безос и Британецот Ричард Брансон, а со поголеми амбиции се јавува и уште еден милијардер – Илон Маск – станува се повеќе популарно, иако цената на карта за вакво летање е мошне скапа за обичните смртници.
Во целата оваа работа, по малку неочекувано, се вклучи британскиот принц Вилијам кој пред ноемврискиот глобален Самит за климата, во Шкотска, порача дека – „наместо на вселенскиот туризам, бизнисмените би требало да се фокусираат на поправката на планетата Земја“.
Во изјава за Би – Би – Си војводата од Кембриџ рекол дека „големите умови и паметните луѓе треба да се насочат да се поправи состојбата во која се наоѓа нашата планета, е не да настојуваат да најдат некое ново место (надвор од Земјата) каде би можело да се живее.