„Хавана синдромот“ стигна до Србија
Еден оперативец на ЦИА кој (со дипломатски пасош) работел во Србија бил итно евакуиран откако имал сериозни здравствени проблеми, што биле идентификувани како идентични на невролошките напади, познати како „Хавана синдром“ – пишува американскиот „Вол Стрит Џорнал“, повикувајќи се на неименувани тамошни функционери.
Според весникот, инцидентот во Белград, не бил досега пријавен, но тој е само уште еден пример во целата низа вакви напади на кои се изложени американски официјални личности, на разни позиции. Сите се жртва на напади од – како што се вели – непознати напаѓачи – со помош на технологија која како што сметаат експерти, користат „некаква насочена енергија“.
Пред овој последен инцидент на српска територија, вакви напади имало и во Индија, како и во Виетнам.
Сериозни здравствени проблеми
Според експерт од Универзитетот Џорџтаун (во Вашингтон), кој сега е и советник на американската администрација, во изминатите деведесетина денови биле пријавени низа такви напади, како на територијата на САД, така и во странство.
„Станува збор за сосема валидни пријави, а последиците од нападите се добро познати здравствени индикации“ – рекол за весникот др. Џејмс Џордано од овој Универзитет.
Нападите кои за последица предизвикуваат мигрена, несвестица, малаксаност и чувство на умореност, губење на памтењето и силни главоболки, имаат предизвикано фрустрации кај американските власти. Пред се, затоа што се повеќе има случаи на намалување на моралот на оперативците и на разните функционери и службеници на терен, а посебно меѓу оние вработени кои се во Стејт департментот и во ЦИА.
Работите се отидени до таму што некои дипломати од кариера, како и искусни разузнавачи, се потешко се согласуваат да преземат некоја работа, доколку таа е некаде надвор од Америка.
Во изјава за „Вол Стрит Џорнал“, еден поранешен оперативец на ЦИА кој од 2019 година е пензионер, токму поради „Хавана синдромот“ – тврди дека „веќе е запалено црвеното светло за опасност“, како и дека станува збор за криза, кога се во прашање службеници на САД.
Со „синдромот“ бил погоден во 2017 година, откако се вратил од посетата на Москва.
Загрижувачки состојби
Во Стејт департментот во Вашингтон уверуваат дека секој пријавен случај со „синдромот“ се третира исклучително сериозно, а дека секој нападнат добива и поддршка и комплетна нега. И во ова американско министерство и во ЦИА признаваат дека работата станува загрижувачка, но и во двете институции одбиле да ги коментираат ваквите напади, како што одбиле да дадат било каква изјава и за последниот, во Србија.
Весникот само вели дека актуелната администрација на САД го има ставено „Хавана синдромот“ на врвот на листата на нејзините приоритети, околу потрагата по тоа што е извор на ваквите напади врз американскиот персонал во странство.
Американската разузнавачка агенција има соопштено дека интензивно се трага по потеклото на „синдромот“, а директорот на ЦИА, Вилијамс Барнс изјавил дека агенцијата го има трипати зголемено медицинскиот персонал кои се грижи за негата на сите нападнати.
Барнс открил дека за раководител на групата која настојува да ја открие тајната врзана за „Хавана синдромот“ бил поставен ветеран на ЦИА кој претходно има работено на потрагата по водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен.
Камала Харис одлага патување
Засега, меѓутоа, нема некои позначајни резултати. Се признава дека „синдромот“ создава сериозни проблеми, па агенцијата морала да го повлече од Виена шефот на тамошното одделение, затоа што во австрискиот главен град се регистрирани голем број напади.
Овој весник открива дека еден таков напад бил извршен и во текот на посетата на директорот на агенцијата во Индија, кога еден од неговите најблиски соработници кој бил со Барнс, побарал медицинска нега затоа што добил симптоми кои се идентични со оние на „Хавана синдромот“.
Дури и потпретседателката на САД, Камала Харис за кратко ја има одложено посетата на Виетнам, по предупредувањето од нејзиниот кабинет дека се “можни инциденти со здравствени аномалии“ – термин што официјално го користи американската администрација за „Хавана синдромот“.
Прв напад во Хавана
Неофицијалното име за ваквите напади кое го користат медиумите е последица на првиот необјаснет напад, што се случи врз персоналот на дипломатската мисија на САД во Куба, во Хавана, пред крајот на 2016 година.
Веќе пет години, после над 200 такви напади, нема валидно објаснување за тоа дали е во прашање ултра – звукот, како што се веруваше на почетокот, или станува збор за нешто друго. А, нема ни виновник за тоа кој ги извршува ваквите напади.
Само се знае дека напади со „Хавана синдромот“, освен првите во Куба, се пријавени и во Кина, Колумбија, во Австрија и Германија, како и во Виетнам и Индија, а сега за прв пат и на Балканот – во Србија.
Американските власти, меѓутоа, сметаат дека оваа бројка не треба да се смета за конечна, затоа што во некои случаи не може прецизно да се утврди дали е во прашање „синдромот“, или пак станува збор за нешто друго.