На јаже преку Сена – на 70 метри височина
Французинот Натан Полин, успеал да „прошета“ по јаже поставено над реката Сена во Париз, на височина од 70 метри.
Во текот на своето одење, овој 27 годишник, бил прикачен за јажето по кое инаку се „шетал“, проследен бројна публика, која навивала и со силни аплаузи го бодрела да ја помене “патеката“. Јажето по кое се движел на едниот крај било прикачено за Ајфеловата кула, а на другата страна за палатата Шајо.
„Станува збор за „патека“ долга 600 метри, па не беше ниту малку лесно да се остане цело време максимално концентриран и притоа да се игнорира околината, како и бурното бодрење на насобраните луѓе. Но сепак, тоа беше едно прекрасно доживување“ – изјавил Полин, по пристигнувањето на другиот крај од растегнатото јаже.
Според репортерите кои го следеле настанот, младиот Французин на неколкупати “се одмарал„ – седејќи, или лежејќи на јажето.
Признал дека најтешко му било да ги добие сите потребни дозволи од градските власти за да го изведе целиот овој потфат.
Инаку, Натан Полин не е непознат во француската јавност. Тој е носител на неколку светски рекорди на ваков вид одење. Овој потфат го има посветено на Денот на наследството, кога луѓето се повикуваат да посетат згради и споменици кои, инаку, се затворени за јавноста.
Публиката и навивачите биле насобрани на терасите на Ајфеловата кула, како и на бреговите на Сена.