„Војна” за Цетиње и Јоанакије
Политичката криза во Црна Гора продолжува да трае и една година по парламентарните избори од август 2020, а како сега стојат работите, сосема е неизвесно кога и како би можеле да се премостат сите насобрани недоразбирања кои се – политички, религиозни и национални.
Особено што во нивната основа се наоѓа судирот меѓу Подгорица и Белград, односот на српската политика кон црногорската независност и над се, односот на Српската православна црква (СПЦ) кон националната и црковната посебност на Црна Гора и на нејзиниот народ.
Црногорско-српската криза и започна околу религијата и СПЦ, односно околу нејзиниот статус во државата Црна Гора, за кој белградските политичари и црковни високодостојниците сметаат дека треба да има посебен третман – како матична црква.
Кога поранешната влада на партијата на претседателот Мило Ѓукановиќ го покрена донесувањето на сега веќе сменетиот, а тогаш контроверзниот закон за религиските слободи и за имотот на верските заедници, Белград реагираше жестоко. Во тоа виде закана за иднината на СПЦ во Црна Гора.
Црногорци и Срби
Ѓукановиќ, пак, и оние кои се сметаат себе си национално како Црногорци, а не како Срби, кои се црногорци само како државјани на земјата, застанаа во одбрана својот идентитет, на својата државност и црковна посебност.
За нив Црна Гора била кнежевство кое има меѓународно признание уште на Берлинскиот конгрес во 1878 година. Тоа била независна држава со свој кнез, влада, Устав и своја црква која имала и автокефалност. Сето тоа е загубено со создавањето на државата Југославија, во 1918 година, во која влегува Црна Гора, губејќи ги својата посебност и црковен идентитет, на тој начин што од тогаш е приклучена (и претопена) во СПЦ.
Официјален Белград ја има признаено независноста на Црна Гора, по нејзиното отцепување од т.н. “мала“ Југославија на Слободан Милошевиќ, но малкумина во српската политичка и вкупна јавност ќе се согласат со етничката и јазичната посебност на Црногорците – сметајќи ги за дел од српската нација, а нивниот јазик само за дијалект на српскиот.
Затоа и никој таму не се спротивстави на жестоката реакција на СПЦ и на власта против законот со кој во Подгорица се сакаше да се раскине со – како што велат – „србизацијата“ на Црна Гора и во претворање на државата во она што сега се означува како „српски свет“.
Религија и политика
Едноставно, законот беше искористен за пресметка со Мило Ѓукановиќ. Прво, затоа што направи пресврт од 360 степени, па се отцепи од заедничката држава со Србија, наместо кон Исток и Русија, се сврте кон Западот, кон НАТО и ЕУ и што почна силно да изградува свест за етничка посебност и дух на „Монтенегрини“ – сосема национално различни од Србите.
Предводник на пресметката беше СПЦ, а лидер на таа борба со Мило, беше тогашниот, сега починат, митрополит на српската црква во Црна Гора – Амфилохие.
Со помош на Белград, со масовни црковни литии (протести) со доминантно српско свештенство, дојдени од соседната држава, тие до изборите во август минатата година, успеаја да создадат длабока криза и атмосфера против дотогашната власт. На изборите, меѓутоа, никој не победи, освен што партијата на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, по три децении, ја загуби контролата врз Парламентот.
Тоа го искористија сите други партии и движења, за да на анти-Мило основа формираат постизборна коалиција и влада која ќе требаше да ги смири – политичките и националните страсти во оваа најмала поранешна Ју република, но наместо тоа, кризата продолжи.
Одбрана на Цетиње
Единствено, новата влада успеа да го смени законот околу кој (наводно) се кршеа копјата и да подготви посебен договор за специјалните односи на државата со СПЦ. Тоа треба да значи победа за српската црква и за Белград, но последните случувања, околу устоличувањето на новиот митрополит на СПЦ во Црна Гора, покажуваат дека победата е пирова.
Во Цетиње што националните Црногорци го сметаат за свој главен град (како во времето на кнежевината) се организираше масовен протест против тоа – новиот митрополит Јоанакије да биде устоличен во Цетинскиот манастир.
Демонстраните сметаат дека тој може да биде устоличен било каде, но никако не во Цетиње. Најавија дека ако не се смени таа одлука на СПЦ, тие одново ќе излезат на протести на 5 септември, кога треба да се одржи црковната церемонија, за го попречат настанот.
Како и да е, во пораката до домашната јавност, демонстрантите од Цетиње се категорични во тоа дека нивниот отпор против устоличувањето на Јоаникије е многу повеќе од црковно – религиозно прашање.
Против негација на самобитноста
„Не дозволуваме таков окупаторски чин во престолнината на Свети Петар во Цетинскиот манастир, симбол на црногорската духовна, државна и национална самобитност и на слободата на Црна Гора“ – стои во прогласот од протести.
Во него уште се вели дека устоличувањето на новиот српски митрополит би било – „симболичен доказ за прифаќање на окупацијата од страна на оние кои не ја признаваат црногорската нација, нејзиниот јазик, држава, црква и култура“.
На протестот во Цетиње било изразено и спротивставувањето на како што е речено – „клерикализацијата и фашизијацијата на државата и нејзино потопување во српскиот свет“.
Тоа треба да биде реакција на некои изјави од Белград за потребата да се изградува „српскиот свет“ во регионот, во кој се сместуваат државата Србија, српската енклава Република Српска во БиХ и Црна Гора. Но, била изразена и определбата – по секоја цена – да се брани „европска и евроатланска, граѓанска и секуларна Црна Гора“.
(Д.П.)