Падот на Авганистан
Во една крајно необична (воена) операција, за која и тешко може да се каже дека е таква – без некаков вооружен отпор на владините, армиски сили и без претседател на државата кој малку пред тоа ја напушти земјата, авганистанските муџахедини – талибанците – влегоа мирно, со мопеди, на пик – ап возила, со калашникови во рацете и со минофрлачи што не ги ни имаат употребено, во шестмилионскиот главен град Кабул, предизвикувајќи пад на Авганистан.
Влегоа во Кабул исто онака како што изминатите денови влегоа и во Џалалабад, втор по големина авганистански град, во Кандахар и во другите провинциски центри на оваа средноазиска земја, практично како на некаков мирен марш, ослободувајќи ги затворениците по затворите кои веднаш стануваа нивни соборци.
Video shows US forces’ presence at Kabul airport as crowds of Afghans gather in attempt to leave country. #Afghanistan pic.twitter.com/T4CD092A0u
— TOLOnews (@TOLOnews) August 16, 2021
Од празната претседателска палата, прикажувајќи ја со тв снимки дека на никаков начин не е оштетена – тие во неделата вечерта објавија дека – победиле и дека ја презеле власта.
Советска окупација
Сега најавуваат дека ќе прогласат Исламски Емират Авганистан, што практично ќе значи ставање точка на настојувањето на домашните умерени исламисти и на меѓународната заедница, од оваа држава да се направи мирна територија, која нема да предизвикува внатрешна и регионална криза.
За земјата, меѓутоа, велат дека во нејзината историја, никој не успеал да ја победи и да ја поседува.
Тоа го имаат утврдено, на времето, Британците. Подоцна и Советскиот Сојуз, кога Леонид Брежнев се определи да го собори од власт тогашниот авганистански крал и од мирното кралство да создаде комунистичка република, во советски стил. Против неверниците од Москва на борба се дигнаа локалните исламисти – муџахедини, добивајќи помош во пари и во оружје од САД, во децениска војна, во кој изгинаа илјадници советски војници.
Тогаш, прв пат, покажаа дека муџахедините не се толку големи патриоти кои се борат за ослободување од советската окупација, туку дека сакаат власт и да владеат со земјата, според каноните на шеријатското право, што фијаското со комунистичкиот преврат, им помогна тоа и да го постигнат.
Целосен колапс
Сега, после 20 години воени, политички и економски напори да се оспособи Авганистан, самиот, како во времето на кралството, да може да егзистира, без странска војска и Американците доживеаја неуспех. Веднаш по одлуката на претседателот Џо Бајден за повлекување од Авганистан и за крај на најдолгата војна во која САД биле вклучени, власта во Кабул доживеа целосен колапс во само неколку недели.
Падна – што се вели – „како крушка“ во конфликт во кој немаше вистински конфликт, без да покаже барем ентузијазам за спротивставување на оние кои го предизвикаа доаѓањето на странците во земјата – со тоа што ја претворија државата во полигон за меѓународен тероризам.
Дури и досегашниот претседател Ашраф Гани кој после долго молчење се огласи со некаков апел за мобилизација на војската која „исчезна“ како и иранската во 1980 година, при падот на шахот Пахлави, пред налетот на мулите и исламистите. Барем да се обидеше да се спречи напредувањето на авганистанските талибанци, но наместо да биде вистински лидер на земјата, тој побегна во странство и тоа го објасни – со желбата да се спречело крвопролевање.
Video: People run on tarmac of Kabul international airport as a US military aircraft attempts to take off. pic.twitter.com/9qA36HS0WQ
— TOLOnews (@TOLOnews) August 16, 2021
Преговори за нова влада?
Не се открива каде се наоѓа. Некои новински агенции велат дека е во Таџикистан, но од Кабул, странските медиуми јавуваат дека талибанскиот портпарол и преговарач Сухаил Шахин изјавил дека една група (во која и тој е член) води преговори за создавање „отворена, инклузивна исламистичка влада во Авганистан“. Во разговор за Би – Би – Си што самиот го побарал, уверувал дека ќе има „мирен трансфер на власта“.
“The Taliban were right in front of us. They stared and let us pass. But it won’t be like this for long.”
Sky’s chief correspondent @ramsaysky was in Kabul when the Taliban moved in and took over the city.
Follow live updates: https://t.co/E0v6gEh46k pic.twitter.com/U74gNaarTG
— Sky News (@SkyNews) August 16, 2021
Што тоа значи, сега е тешко да се каже, но останува победата на талибанците кои сега ќе треба да ја водат земјата. Прашање само како тоа ќе го прават и дали тоа ќе биде како првиот пат, кога сурово, со средновековни методи, се пресметуваа со своите противници, со оние кои се спротивставуваа на нивниот исламизам – исполнет со насилство, со брутални јавни егзекуции, со каменување на жените, со строга примена на шеријатското право, или забрана на девојчињата да одат во училиште.
Американските разузнавачки агенции претходно сметаа дека Кабул ќе падне во рок од 30 денови. Но градот падна за десетина денови, па сега САД и сите другите кои беа дел од меѓународната интервенција, а потоа и од меѓународната мисија за ставање на земјата на здрави нозе, сега се насочени кон брзата евакуација на странците.
Американците веќе испратија шест илјади војници да помагаат во оваа операција, а тоа го направија и Британците кои веќе имаат свои војници во главниот град.
Предолго војување
Од друга страна, Лондон веќе повика на заеднички и единствен став на меѓународната заедница – пред се, да не се признае новата (талибанска) влада. „Сега е потребно да се изгради заеднички став околу тоа прашање, како и да се направи се што е можно, за да не се случи земјата уште еднаш да стане плодно тло за тероризмот“ – изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Засега, сепак, нема други реакции околу тоа што ќе се прави со враќањето на талибанците – дали тоа ќе значи нова, втора авганистанска војна и нов егзодус на Авганистанците кои и онака изминатите години се во голем број меѓу емигрантите на патот кон Европа и Западот – или пак, новите во Кабул ќе применат поинаков начин за владеење, уверувајќи (во првата реакција) дека нема да има одмаздување.
Повеќе прашања се насочени кон главното. Тоа е – што ги натера Американците (наеднаш) да дигнат раце од Авганистан, каде покрај десетина илјади цивили и авганистански војници убиени во 20 годишните судирања со талибанците, загинаа и 3,5 илјади војници на НАТО и се потрошени илјади милијарди долари.
Првата проценка е дека на САД им здосади да војуваат во и за Авганистан, како и дека одлуката на Џо Бајден и не е донесена наеднаш и на брзина.
Мнозинството за повлекување
Тој уште како потпретседател на САД, во администрацијата на Барак Обама беше за повлекување од авганистанскиот фронт – со образложение дека направено е тоа што е направено и дека САД не треба таму вечно да останат. Како сенатор, често ја има брането таа позиција, а така има зборувано и како претседателски кандидат во 2020 година.
Конечно, неговиот претходник Доналд Трамп најави заминување од Авганистан и дури стави краен рок – 1 мај оваа година.
Речиси 70 отсто од Американците ја подржаа одлуката на Бајден да стави крај на најдолгата војна, непосредно пред 20 годишнината од терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година.
После ваквото паѓање на Авганистан, меѓутоа, кое некои го квалификуваат и како “срамно“ (за САД) и налик на она во Виетнам во 1975 година, американската јавност реагира поинаку – напаѓајќи го Бајден од десно (републиканците, па дури и Трамп), но и од разните аналитичари – за тоа дека се било изведено “хаотично, набрзина и неодговорно“. Обвинуваат дека ги оставиле Авганистанците на милост и на немилост на бруталноста на талибанците.
Сеќавање на 11 септември 2001
При тоа, некои работи како да се забораваат. А тоа е како и зошто САД, Британија и другите тргнаа на Авганистан и на пресметка со талибанците, во есента 2001 година.
Не тргнаа за да прават либерална демократија од Авганистан и да го соборат тогашниот режим, затоа што не им се допаѓаше.
Тргнаа само затоа што терористите кои грабнаа патнички авиони за да ги искористат – како смртоносни оружја – за напад врз Светскиот трговски центар и на Пентагон, дојдоа од Авганистан, каде талибанската власт им овозможи на Ал Каеда, на Осама бин Ладен и на другите џихадисти – завршното училиште на тероризмот да го комплетираат токму на авганистанската територија.
Тргнаа кон оваа земја, затоа што меѓународниот тероризам, најави света војна против Западот – џихад – а ја почна од оваа земја, претворајќи ја во територија-закана за целиот демократски свет. Ал Каеда стана таква закана и таа закана светот мораше да ја елиминира. На крајот и успеа во тоа – со ликвидацијата на Бин Ладен.
Тензичен мир – жешка војна
Критиките во САД, оние на сеирџиите во Европа и на редовните антиамерикански определените критичари, сега се насочени на тоа да ја бројат „штетата“ од сегашното заминување и од американската интервенција пред 20 години, според бројот на жртвите и потрошените пари, врзувајќи го притоа Авганистан за Ирак, со наводната намера на Америка да биде светски полицаец.
Работите, сепак, така не стојат, а и не може да се поврзат, затоа што во септември 2001, САД не беа ниту во Ирак, каде својот народ го тероризираше Садам Хусен, ниту во Авганистан, каде талибанците се пресметуваа со Авганистанците, казнувајќи ги и нив и државата, со тоа што ги вратија во Средниот век.
Друга работа е дали, воопшто, требаше да се остави Авганистан. Објаснувањето за некаква „вечна војна“ не мора да се однесува и за авганистанската ситуација.
На пример, безмалку 70 години по корејската војна Американците се уште се во Јужна Кореја. Објаснувањето е дека – тензичен мир е подобро решение од жешка војна, или од дестабилизиран регион. Тоа е така, па затоа (корејско) решение, можеби, требаше да се искористи и за Авганистан. Вака, наместо мир со тензии, сега има закана од нова, втора, жешка војна.
(С.С.Г.)
Thousands rush to Kabul airport to flee the Taliban as the insurgents continue their takeover of Afghanistan.
Follow our live blog as we bring you the latest updates on the situation in the country: https://t.co/BGdeHtdHhM pic.twitter.com/TZ3EoZZfYE
— euronews (@euronews) August 16, 2021