„Вагнер“ во служба на Москва?
Едно истражување што го има направено британската Би – Би – Си откри операција „во сенка“ на руска група платеници, додека војувала во Либија, во екот на тамошната граѓанска војна. Истражувањето, притоа, навестува дека во текот на своето дејствување овие платеници имаат извршено и воени злосторства за што би требало да одговараат, но и тоа дека биле врзани за руската армија.
Целата работа околу истражувањето е тргнато од еден откриен таблет, покрај телото на припадник на групата „Вагнер“ преку кој се разоткрива нејзината клучна улога (во либиската војна) и се откриени кодираните имиња на борците – платеници.
„Промоција“ во Источна Украина
Оваа британска медиумска компанија има дојдено и до листата за снабдување – со оружје и со воена опрема – за која воени експерти кои ја анализирале тврдат дека сето она што “вагнеровци“ го добивале за војување можело да доаѓа само од руски воени снабдувачи.
Москва, меѓутоа, ги отфрла сите овие наводи и тврди дека Русија нема никаква врска со „Вагнер“.
Групата, сепак, прв пат се има „промовирано“ во 2014 година, кога се најде на страната на руските бунтовнички и сепаратистички сили во Источна Украина, во нивната борба со украинската армија, уште од самиот почеток на интервенцијата на Москва во Украина по соборувањето на про – руската власт во Киев.
Од тогаш, „Вагнер“ е вмешан во низа регионални, религиозни и сепаратистички конфликти на Блискиот Исток и Африка, како што се војните во Сирија, во Мозамбик, Судан и Централно – африканската република.
Сојузници на Калифа Хафтар
Од 2019 година, платеничката група е во Либија, на страната на војската на бунтовничкиот – генерал Калифа Хафтар кој беше во силен офанзивен поход за преземање на контролата врз Либија, за освојување на главниот град Триполи и за соборување на меѓународно признатата влада во земјата.
За „Вагнер“ се знае дека делува крајно конспиративно, „од сенка“, па оваа медиумска истрага е една од ретките во која се демаскира и соголуваа оваа платеничка група. Во тоа помагаат и двајца поранешни „вагнеровци“ кои откриле како се регрутираат и како влегуваат нови платеници, но и тоа дека припадниците на групата имаат ладнокрвно убивано затвореници и заробеници.
Еден Либиец, притоа, има раскажано како преживеал едно стрелање во кое настрадале сите негови роднини, само затоа што се преправил дека и тој е мртов. Друг сведок, војник на владините трупи, раскажал како негов пријател им се предал на „вагнеровци“, но тие – не размислувајќи многу – го убиле, пукајќи од близу во него.
Сознанијата од откриениот таблет, сепак, имаат најголема тежина, затоа што од нив се откриваат доказите за операциите на групата на либискиот фронт. Има сознанија за тоа дека поставувале мини на патиштата и booby – trapp во населени места, за убивање цивилно население.
Русија и синот на Гадафи
Во времето додека е работен извештајот за истрагата, во Триполи е покренат налог за апсење на Саиф ал – Ислам, синот на ликвидираниот либиски лидер Моамер Гадафи, некогаш чест и со задоволство гледан гостин во Лондон, каде имаше недвижен имот, кој сега е обвинет за „воени злосторства“ кои, инаку, ги имаат извршувано „вагнеровци“, во текот на офанзивата Хафтер кон Триполи.
Ал – Ислам од порано беше обвинуван за злосторства во текот на бунтот против Гадафи во 2011 година, кога и беше уапсен и осуден на смрт. Во 2017 година, синот на Гадафи, сепак, беше ослободен без некое објаснување – од милицијата која го имаше заробено и која го држеше заточен.
За него, на Западот се верува дека има цврсти врски со Москва, како и со групата платеници „Вагнер“.
Се верува дека Русија во Саиф ал – Ислам одамна гледа свој кандидат за нов лидер на пост – гадафиевска Русија.
Тенкови и „калашникови“
Како и да е, таа работа е малку веројатна, во сегашната ситуација во која се наоѓа оваа северноафриканска земја, а анализата на таблетот ја откриваат руската вмешаност во либиската војна и во дејствувањето на оваа платеничка група.
Во него има воени карти на руски јазик, од фронтот во Либија, што ја потврдува длабоката вклученост на групата во воените операции, како и ги покажува нарачките што „Вагнер“ ја има правено.
Станува збор за четири тенкови, стотици парчиња „Калашникови“ и радарска опрема.
Безбедносни експерти проценуваат дека таква опрема групата можела да обезбеди и да добие од Русија, па се верува дека во „Вагнер“ е вклучен Дмитри Уткин, поранешен воен разузнавач, а дека зад снабдувањето на групата стои богат бизнисмен, близок до претседателот Владимир Путин.
„Во служба на државните интереси“
Што се однесува до самата група, таа официјално – не постои!?
Но, се верува дека околу десет илјади лица, барем еднаш, имале договор со „Вагнер“. Проценка е дека илјада платеници на оваа група биле вклучени во борбите во Либија, во периодот меѓу 2019 и 2020 година.
Во нејзините редови се регрутираат воени професионалци, но и некакви воени „романтичари“ занесени во воените вештини и во војувањето.
Тие се познати по тоа што не сакаат заробеници, па доколку некој од нив не сака да се користи како роб, завршува со куршум во телото – има речено еден поранешен припадник на „Вагнер“.
„Групата е воена структура и таа има цел да ги промовира интересите на државата (Русија) од другата страна на границата“ – има признаено овој екс „вагнеровец“ за руската редакција на Би – Би – Си.