Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

БАТ: Канабисот станува дел од иднината

TeriVirbickis/Depositphotos.com

БАТ: Канабисот станува дел од иднината

Најголемата британска тутунска компанија БАТ (British American Tobacco) соопшти дека се подготвува КАНАБИСОТ да биде значаен дел од нејзините идни деловни и развојни планови, што ќе значи постепено оддалечување од сегашниот основен бизнис – производството на цигари.

БАТ сака да ја забрза оваа своја трансформација со редуцирање на влијанието на нивните производи врз здравјето на луѓето – корисници на производите.

Според компанијата, првиот чекор во вртењето на стратешкото определување, БАТ го има направено во март оваа година кога британската компанија купи акции во канадската фирма „Organigram”, која одгледува и произведува канабис за медицински потреби. Во исто време, Британците имаат потпишано и договор за истражување околу добивањето нови сорта на зрел (узреан) канабис за нови производи од оваа „тревка“ првично насочени кон Канабидиол (ЦБД).

Нов асортиман

„Размислувајќи за портфолиото на компанијата за во иднина, а тоа е времето понатаму од (сегашните) никотински производи, интересот на БАТ оди кон определувањето на еден поинаков и различен растеж“ – има речено еден од директорите на оваа компанија. А, насоките се свртени кон канабисот, или попрецизно решено кон производите кои се засноваат врз канабисот и кој ќе бидат дел од асортиманот на БАТ.

Веќе сега, фабриката во Манчестер (во Англија) е вклучена во испитувањето на ЦБД продукти и на нивната потенцијална изработка.

„Мислам дека ЦБД е дел од нашата иднина, но засега, останува, пред се, насочени на натамошното редуцирање на штетните состојки кај тутунот и на креирањето алтернатива за никотинот, охрабрувајќи ги луѓето да се откажат од него, односно од цигарите какви што се сега“ – рекол овој директор на БАТ.

Како сега стојат работите, меѓутоа, досегашниот бизнис на БАТ продолжува да „цвета“. Финансиските резултати од првата половина од 2021 година компанијата има зголемување на приходот од 8,1 отсто, достигнувајќи 12,2 милијарди фунти.

Цигарите уште носат профит

Една третина од приходот (во Велика Британија) е постигнат од нејзините основни брендови, а најбрз раст меѓу новите потрошувачи е забележан кај производите кои не горат, кои не се палат за да се користат. Од претходно регистрираните 2,6 милиони, сега овие продукти ги користат над 16 милиони корисници (само во Британија).

Сепак, БАТ не се откажува од цигарите и компанијата објави дека нивната продажба се опоравува после кризата во која се најде и оваа и другите компании, како последица на до0лгата пандемија со коронавирусот. Продажбата на марките како „Данхил“, „Кент“, „Лаки Страјк“ и „Ротманс“ е зголемена во низа земји, а пред се, во Бразил, Турција и во Пакистан.

Ваквите податоци само покажуваат дека и покрај најавата за (постепено) свртување на БАТ кон канабисот, веќе прогласен како дел од иднината на оваа компанија, таа годинава и во наредните, сепак, останува и насочена, но и зависна од тутунот и од цигарите.

Канабидиолот – лековито средство

Британски бизнис експерти, посебно во овој сектор на индустријата, сметаат дека најавите од БАТ само потврдуваат дека големите тутунски компании сакаат да седат на две столчиња, во настојувањето да ги привлечат инвеститорите.

На една страна е настојувањето да се покаже дека „бегаат“ од штетните цигари, а на другата да се уверат финансиерите дека цигарите и натаму носат профит. Само оваа британска компанија до крајот на јуни има продадено 316 милијарди цигари.

Во истовреме, факт е растот на продажбата (и профитот) од т.н. незапаливи производи кои на БАТ му имаат донесено една милијарда фунти во првата половина од оваа година. Најавата за свртување кон канабисот – за здравствени цели, меѓутоа, е нешто сосема друго и тоа, навистина, би било отворање на новата страница на „Бритиш – американ тобако“.

Канабидиолот (ЦБД) се означува како лек, или како лековито средство, во се повеќе земји. Во САД, на пример, како и во Република Северна Македонија, каде канабисот е легален за медицински цели, но е забранет за рекреативни – за уживање.

Широк спектар на лековитост

ЦБД е хемиска состојка добиена од канабисот и Американците дозволуваат да се дава како медикамент во случаи на неконтролираното и наеднаш пореметување на мозокот кое предизвикува промена на однесувањето и на движењето и често доведува до губење свест.

Се добива од канабисот, во кој уште во 1940 година се откриени над 8о хемиски состојки – познати како канабидоиди.

ЦБД е корисен како лек, направен врз природна основа, добиен од марихуаната – која не создава „хај“ ефект, или било каква интоксикација, како што тоа го прави другиот канабидоид – познат како ТХЦ.

Лекари веќе сега го препорачуваат за олеснување на пациентите кои имаат доживеано стрес, за поттикнување работата на срцето, за надминување на пост-трауматски состојби, а се дава и како лек против инсомнија.

Се препорачува на пациенти кои се заболени од епилепсија, Алцхајмерова болест, од мултиплекс склероза, од Паркинсоновата болест, или кои биле погодени од мозочен удар. Важна улога ЦБД има и при олеснување на боловите, посебно оние од артритис, како и во третманот на разни видови канцер.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе