Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Југоисточна Европа во пламен

lucidwaters/Depositphotos.com

Југоисточна Европа во пламен

Сликата од Акропол, од Атина, обвиен во густ чад и пеплосан, откако ветрот ги има донесено од околината на грчкиот главен град, пред се од Евија, на која со денови беснеат пожарите, го заобиколи светот, илустрирајќи ја на некој начин годинешнава ситуација со огнената стихија во поширокиот регион и во овој дел од Европа.

Ова лето, во кое сите се плашеа од заканата за можно ширење на пандемијата со коронавирусот, всушност, се претвори во огнено, исполнето со големи пожари што не може лесно и брзо да се локализираат, поради долготрајната суша, големите горештини и ветрот кои „помага“ за одржување на огнот.

Грција одново е опожарена земја и тоа во услови кога туристите се враќаат за одмор и за посета. Барем засега, овој пат, ги нема страшните последици од пред некоја година, кога исто така среде лето, настрадаа стотина лица, кои останаа заробени на крајниот југ од полуостровот Атика. На некои од нив, не им помогна ниту тоа што се фрлаа во морето барајќи спас од огнот и чадот кои задуши многу од жртвите.

Од Сицилија до Анталија

Годинава, противпожарните единици, користејќи хеликоптери и „канадери“ (само во текот на денот), со помош на војската, се обидуваат да ја стават под контрола стихијата, но таа, како што покажа и сликата од Акропол, е дојдена речиси до предградијата на широко раширената Атина, во време кога таму има бројни туристи – во градот и во неговите околни одморалишта.

Властите велат дека, сепак, нема директна закана за туристите, иако на атињаните им е препорачано да не ги отвораат прозорците – за да се спасат од чадот и пепелта што е налегнат над овој град.

Огнената стихија ова лето ја погоди цела Југоисточна Европа, па, така таа, се развлече од Италија, од островот Сицилија, каде изгореа шуми, делови од села и имотот, преку целиот Балкан – од Хрватска, во помал обем БиХ и Србија, па преку Македонија и Бугарија – се до крајниот југоисток на Турција, до одморалиштата во поширокиот реон на Анталија.

Во Турција, каде пожарот се рашири и во делови од егејскиот брег – од Мармарис до Бодрум, во опасност се најдоа и странските туристи кои мораше да бидат евакуирани.

Се смета дека во оваа земја е предизвикана и најголема штета, а има и најголем број човечки жртви. Во борбата со пожарите беа вклучени сите цивилни и воени капацитети, но пожарите таму и најдолго се одржаа и се уште ги има, иако нивниот обем сега е намален.

Глобална закана

Дури и постојано скептичниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган кога станува збор за климатски промени и за нивното влијание врз економијата и животот на луѓето, овој пат мораше да признае дека „пожарите се глобална закана, како и пандемијата со коронавирусот“ па затоа светот така и треба да реагира.

Прв пат е во право, затоа што и катастрофалните пожари во САД, посебно во лесно запаливата Калифорнија, како и оние минатата година во Австралија oзоре речиси половината од оваа голема земја – континент. Беа загрозени и главниот град Канбера и најголемиот град Сиднеј.

Покрај шумите, некои и со ретки растителни видови изгореа и милијарда разни врсти од животинскиот свет. Но среде таа ситуација – кога се разви расправата што е последица на порано започнатата сезона на пожари – тамошниот десничарски премиер Скот Морисон одбиваше да прифати дека главната причина се климатските промени.

Со истите аргументи какви ги „продаваше“ и тогашниот американски претседател Доналд Трамп кој дури не сакаше да прогласи и вонредна состојба во Калифорнија, иако таму исчезнуваа цели села – во само неколку часови.

Медитерански „котел“

Што е тогаш она што се случува сега во Европа.

Прво, нејзиниот централен дел беше зафатен со незапаметени поплави во екот на летната сезона, па една Германија, или Белгија не можеа да се справат со ситуацијата, освен да ги бројат човечките жртви (вкупно околу 200 лица) и да ја проценуваат штетата.

Сега, европскиот југоисток е во пламен. Причината и во едниот и во другиот случај – експертите ја бараат и ја наоѓаат во промените на климата, која според некои испитувања е уште поизразита во реонот на Медитеранот, затоа што таму загревањето на воздухот е поголемо, бидејќи станува збор за релативно мало море (во споредба со океаните), што од сите страни е затворено.

Во тој дел од „медитеранскиот котел“ се сместува и Македонија, каде со недели нема дожд, температурите се екстремно високи и каде беа создадени погодни услови за шумски и полски пожари.

Но, таквата состојба стана погодна и за дејствување на пиромани – оние несвесни кои палат стрмништа на екстремно сувата земја, а потоа не можат да ја контролираат ситуацијата, но и такви кои знаат да фрлат опушок од цигара, среда шума, како и оние кои тоа го прават и намерно – од пакост, од одмазда за нешто, или некому, или за политички потреби – пред локални избори.

Политичка пропаганда

Некои експерти за Скопје/Глобал веќе изразија сомнежи како тоа наеднаш почна да гори низ Македонија и тоа на разни делови од државата, во истовреме, за да не може пожарите да се стават под контрола и за да не може брзо да се менаџира со ситуацијата. Особено што вмровското друштво, со помош на своите медиуми – создадени за кревање паника и градење хаотична и застрашувачка атмосфера – веднаш почнаа да ги користат пожарите и маките на некои луѓе, за политичка пропаганда.

Ситуацијата, сепак, не е катаклизмична. Далеку било. Нема потреба од патетика и претерување. Луѓето гледаат на телевизија што се случува во регионот, па на оние без испрани мозоци им е јасно дека катаклизма нема ниту во Турција и Грција, а ниту во Италија или Хрватска.

Се станува појасно кога наеднаш ќе се извади „случајот“ со водата во селото Кучково, каде скопјани купуваат имот и куќи за одмор. Сега излезе дека таму нема вода, иако после 11 годишна вмровска власт и фрлена милијарда евра за непотребни, смешни кич споменици, на само 13 км од центарот на селото и на „единствената селска чешма“ – требаше да им се изгради водовод. Што правеше цело време екс градоначалникот, за кого сега и неговите велат дека „добро се нафатирал“ за времето додека беше некаква власт во општината на која и припаѓа селото?

Не е време за смеење

Или, пак, да се зборува за „задоцнетата реакција“ на надлежните (сегашната власт) во делови од источна Македонија и за тоа дека не направила ништо претходно за да се спречат пожарите.

Смешно е ова, а работата не е за смеење. Веројатно требаше да прават дождови, да ја наквасуваат земјата, или да го покриваат сонцето. Срамота е да се манипулира со недоветни изјави, наместо да се истакне борбата на луѓето на теренот со пожарите, да се пофалат војската, полицијата, пожарникарите, пред се, за нивната работа.

Да се пофалат пилотите на хеликоптерите и над се – да се апелира за максимална внимателност во ова запаливо време.

Тоа е она што би требало да се очекува од некој што се смета дека е лидер на опозиција. Но, и од вистинските,  професионални медиуми што треба да бидат јавен сервис на граѓаните, а не пропагандни гласила како од времето на едноумието.

Историски фрустрации

Овде во Македонија, таа свест ја нема. Ја нема ниту на Балканот.

Па, така, оној Слави Трифонов од Софија е лут што од Бугарија дошле на помош триесетина пожарникари од Благоевград, затоа што имало пожари и на бугарска територија.

А, всушност, тој не е задоволен што Скопје побара и доби помош и од Србија, од каде испратија два воени хеликоптери!?

Затоа, добредојдена е помошта од ЕУ каде е македонската иднина. Тие таму немаат историски предрасуди и исти такви фрустрации кога треба да се гаси пожар, а западните опозициски политичари не шетаат по опожарени локации – за да собираат гласови за избори.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе