Клинт Иствуд во пензија на 92 години
Легендарниот американски актер и режисер Клинт Иствуд објави на социјалните мрежи дека си заминува од работата на филмот и оди во пензија – во својата 92 година од животот.
На Твитер има запишано – „Мислам дека е многу важно да поседуваш талент, за да остареш грациозно. За мене, тоа е предоцна“.
Зад него е една исклучително долга и богата филмска кариера, од повеќе од 60 години. Стана познат преку т.н. „шпагети вестерни“ снимани во Италија кои го имаат прославено и режисерот Серџо Леоне.
Подоцна гледачите го паметат како полицискиот детектив од Сан Франциско – во серијата филмови за „Валканиот Хари“. А врвот на кариерата ја достигна со снимањето и режирањето на низа вредни филмски остварувања, што му донесоа дури пет награди Оскар за најдобра режија.
На филмот е уште од 1959 година, глумејќи во евтини, но и неквалитетни мали проекти на компанијата „Универзал“, што го натерало покрај глумата да се занимава и со други професии – како продавач, или како пожарникар.
Уште во Холивуд, продуцентите го имаат префрлено во вестерн филмовите, во „третата филмска лига“, далеку од тогаш неприкосновениот Џон Вејн.
Славата, затоа, ја има побарано и најдено во Рим, во снимањето италијански вестерни, кога „доларската трилогија“ на крајот од шеесеттите години на 20 век, од него има направено познат и популарен актер.
Освен со филмот, Иствуд се има обидувано да влезе во политиката. Во 1986 година дури успева, еден мандат, да стане градоначалник на малото калифорниско приморско гратче Кармел. Станал многу популарен кај жителите кога успеал да укине една крајно неразумна и глупава градска одлука – во Кармел до тогаш не смеело да се продава сладолед.
Се обидуваше да влезе во трката за изборна номинација кај американските републиканци за Белата куќа, но во тоа никогаш не успеа, па објави дека го подржува Доналд Трамп, иако призна дека не се согласува со најголемиот дел од неговата политика.
Подоцна се откажа од поддршката за овој десничарски и популистички претседател и објави дека го подржува Мајкл Блумберг, за изборите во 2020 година.
Како најголем хит, некои американски филмаџии му го сметаат филмот „Девојката од милион долари“ од 2004 година, кој имаше седум номинации за Оскар, а тој беше прогласен за најдобар режисер. Тогаш имаше 74 години и беше најстариот кој добил Оскар за режија.