Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Ѓукановиќ: Србија не прифаќа независна Црна Гора

prusaczarko/Depositphotos.com

Ѓукановиќ: Србија не прифаќа независна Црна Гора

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека Србија „никогаш ја нема прифатено независноста на Црна Гора. Тој вели дека во Белград на Црна Гора се гледа само како на дел од т.н. „српски свет“

Ѓукановиќ зборувал за односот на Србија кон регионот, за улогата на Белград кон црногорската реалност, како и за улогата на Српската православна црква (СПЦ) во политиката, на еден форум посветен на состојбите во Западен Балкан, во Братислава, во рамките на неговата службена посета на Словачка.

Враќање во деведесеттите години

„Кога се гледа на односот на Србија кон целиот регион, таа улога е потенцијално деструктивна, затоа што Србија се враќа на политиката од деведесеттите години на 20 век.

А, таа има за цел ги сочува интересите на Србите, каде и да живеат во регионот. Таа грешка ја направи Слободан Милошевиќ, па знаеме што се случуваше во БиХ“ – рекол црногорскиот претседател.

Ѓукановиќ уште рекол дека српскиот претседател Александар Вучиќ сега се обидува – неговата заштита на етничките Срби во Црна Гора да ја прикаже како некаква легитимна цел, што не може да биде.

„Едноставно, мешањето во внатрешните работи на една (странска) држава не може да биде легитимна цел”

…рекол црногорскиот претседател. Притоа тој предупредил дека на тој начин се доаѓа до грешката од времето на Милошевиќ, што според него, одново создава потенцијална ситуација за нестабилност во регионот.

Белград се потпира на Москва

Ваквата политика Белград ја создава и ја одржува, потпирајќи се на Москва. А, Русија додека беше слаба се случи Србија да го загуби Косово. Сега, меѓутоа, кога руската позиција е сосема поинаква, се настојува и Косово да се врати назад.

„Мислам дека сакаат да ја оживеат политиката која, инаку, доведе до големи загуби во човечки животи, во тие деведесетти години на минатиот век“ – рекол Ѓукановиќ.

Зборувајќи за односите на државата Црна Гора со СПЦ, тој рекол дека покренувањето на прашањето за промена на законот за вероисповест, најверојатно, беше направено во погрешно време – пред парламентарните избори.

Клерикален национализам

Но, факт е оти српската црква има направено се што можеше да направи за да манипулира со тоа прашање во црногорската јавност, кое на тој начин стана главна изборна тема.

СПЦ, во исто време, се претстави како алатка за постигнување на великосрпските интереси. Ѓукановиќ смета дека црквата целосно успеа во тоа што го науми.

Претседателот на Црна Гора, меѓутоа, рекол дека без разлика на изборните резултати, случувањата околу изборите ја промовираа СПЦ во политички актер во црногорската држава и носител во една ретроградна политика.

„Станува збор за нешто кое е многу слично на клерикалниот национализам, па дури и на некаков клерикален фашизам“ – истакнал Ѓукановиќ.

СПЦ орудие на политиката

За него, ваквата поставеност на СПЦ и сегашната улога што ја зема за себе, потсетуваат на деведесеттите години, кога токму српската црква одеше пред војската, а тоа одење по истата патека, на црквата и на војскта доведе до низа воени злосторства, па на крајот и до геноцидот во Сребреница.

„Црквата беше и останува опасно орудие во рацете на ретроградниот национализам” – оценил Мило Ѓукановиќ.

Не е прв пат црногорскиот претседател да се пресметува со српскиот национализам, да ја осудува политиката на официјален Белград кон Подгорица и да зборува за СПЦ како за орудие во рацете на национализмот.

Тој и порано има зборувано за тоа дека Србија (сега одново) настојува во регионот на Западен Балкан да инсталира некаков „српски свет“.

Нова криза во Црна Гора

Неговата изјава доаѓа во време кога Црна Гора е одново соочена со политичка нестабилност, иако се веруваше дека по изборите од август 2020 на кој партијата на Ѓукановиќ, за прв пат, по безмалку три децении не создаде влада, работите ќе се смират.

Уште повеќе откако новата влада се согласи да го тргне контроверзниот закон за верски слободи и направи нов, со кој СПЦ (одново) има привилегувана положба.

Кризата настана кога новиот премиер објави дека се уште не може да го потпише „историскиот договор“ меѓу СПЦ и Подгорица. Веднаш уследи канонада од навреди и дисквалификации од Белград, со напади и кон новата влада, исти онакви какви што претходно беа упатувани и кон Ѓукановиќ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе