Олимпијадата без гледачи?
Еднаш веќе одложените Олимписки Игри – Токио 2020 – поради глобалната пандемија со коронавирусот, треба да започнат за две недели, но засега се уште прецизно не е определено дали спортистите ќе се натпреваруваат пред празни трибини и без публика, онака како што помина целата фудбалска сезона во Европа – се до пред Европското фудбалско првенство, што завршува во недела (11 јули) во Лондон.
Претседателот на МОК (Меѓународниот олимписки комитет) Томас Бах пристигна во Токио, во време кога се очекува владата на Јапонија да прогласи вонредна состојба во јапонскиот главен град – домаќинот на Игрите – и да забрани присуство на гледачи и навивачи на борилиштата, поради короната која одново се шири низ земјата и стравот таа да добие широки размери доколку Олимпијадата биде отворена за публиката.
Јапонците со поделено мислење
Доколку се случи тоа, ова ќе бидат првите Олимписки игри во историјата кои ќе се одвиваат во тишината, на празните стадиони и на спортски борилишта, на кои спортистите ќе се борат едни против друг, без да бидат поздравени и бодрени од гледачите.
Јапонските власти, претходно, соопштија дека на Игрите нема да има странски туристи, кои би дошле за Олимпијадата, како што е тоа вообичаено, а сега сакаат да ги натераат и Јапонците – Олимпијадата во Токио да ја гледаат дома – од телевизиските екрани.
По пристигнувањето, нема никаков коментар од Бах и од челниците на МОК, но тој е ставен неколку денови во изолација, во својот хотел, во центарот на Токио.
Томас Бах пристигна во Јапонија инсистирајќи, заедно со јапонските организатори, годинава да се одржат Игрите што требаше да се случат минатото лето, без разлика на се уште присутната пандемија.
Голем дел од јапонската јавност, како и здравствените експерти, меѓутоа, сметаат дека се уште не е време за Олимпијада, затоа што не постојат епидемиолошко – санитарни услови таа да протече безбедно.
Токио со вонредна ситуација
Игрите треба да почнат на 23 јули и да траат до 8 август, во истиот термин што беше определен и за минатата година.
Но, јапонската влада веќе најави дека од 22 јули, што значи еден ден пред почетокот на Олимпијадата, во Токио сака да биде воведе ВОНРЕДНА СОСТОЈБА – четврта по ред во главниот град, од почетокот на пандемијата. Причината за тоа е епидемијата, сега со поопасниот Делта вирус (индискиот сој), што е регистриран и покрај вакцинацијата на населението.
Во изминатата една и пол година од пандемијата, во Јапонија се заразени над 800 илјади лица, а официјално, како починати се водат 15 илјади Јапонци.
Вонредната состојба во Токио би траела се до 22 август – рамно еден месец.
„Останете дома“
Според владиниот план, со вонредните мерки, во јапонскиот главен град би биле затворени сите кафулиња, ресторани, клубови и популарните караоке барови, односно сите места каде се точи алкохол.
Од жителите на 11 милионскиот град ќе се бара да останат дома – да не одат на стадионите и борилиштата на кои ќе се натпреваруваат олимпијците, дојдени од целиот свет. Властите стравуваат дека токму натпреварувачите и нивната придружба би можеле да го пренесат вирусот и да предизвикаат пандемија во уште поголем обем.
Пораката на јапонската влада е – „останете дома и Олимпијадата гледајте ја на телевизија“.