Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбан (и Болсонаро) на новинарска „црна листа“

Ale_Mi/Depositphotos.com

Орбан (и Болсонаро) на новинарска „црна листа“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е првиот политички лидер на една земја, членка на ЕУ, кого „Репортери без граница“ (РСФ) го ставија на својата „црна листа“ како силен непријател на слободата на медиумите.

„Од 2010 година, откако Орбан и неговата партија Фидес се на власт, чекор по чекор, медиумите (во Унгарија) се ставаат под нивната контрола“ – се вели во соопштението на РСФ што е објавено во Берлин. Во соопштението се вели дека јавните медиуми се централизирани под контролата на државниот медиумски холдинг МТВА, во кој владата ја има внесено и единствената унгарска новинска агенција МТИ.

Сите медиуми во холдинг на власта

Во изминатите години, регионалните весници целосно им се предадени во сопственост на бизнисмени кои сите се блиски на Орбан и на неговиот политичко – идеолошки блок, а целиот тој процес е завршен во 2017 година.

Во есента 2018 година, според РСФ, речиси 500 разни, помали, или поголеми медиумски компании – сите блиски, или целосно во функција на владата на Орбан и неговата партија, се споени во еден холдинг, со цел да се контролира нивното пишување и известување – што треба да биде исклучиво за потребите на власта.

Во најновата „црна листа“ на „Репортери без граница“ се ставени дури 37 лидери на држави и влади, за кои се тврди дека на исклучително остар и – како што се вели – немилосрден начин – ја задушуваат слободата на медиумите.

Покрај Унгарецот Орбан, на таа листа, годинава се најде и бразилскиот претседател – десничар, поранешен официр на армијата, Жаир Болсонаро кој исто така, во својата земја, војува со медиумите, настојувајќи на секој начин целосно да ги стави под својата контрола и за своите идеолошки потреби.

Принцот Салман на листата

На „црната листа“ на непријателите на медиумите, е ставен и престолонаследникот на Саудиска Арабија, принцот Мохамад бин Салман, кого РСФ го обвинува за злосторства против човештвото, меѓу кои му се припишува и наредбата да се убие независниот новинар, блогер и публицист Џамал Кашоги.

Тој влезе жив во саудискиот конзулат во Истанбул – за да земе документи за својата венчавка со една турска државјанка – но, од таму никогаш не излезе жив.

Овој соработник на американскиот весник „Вашингтон Пост“ важеше за остар критичар на принцот Салман и на политиката што ја спроведува во Саудиска Арабија, практично, преземајќи го управувањето со кралството од својот остарен татко, кралот Салман.

Прв пат некој од ЕУ

Во листата на РСФ се најде и Кари Лам која, формално, раководи со Хонг Конг, што сега е ставен под директна контрола на Пекинг.

На листата се наоѓа затоа што во овој регион, што инаку треба да има посебен статус на кинеската територија, во минатиот месец, беше укинат единствениот независен весник “Епл Дејли“ кој важеше за симбол на слободата на весниците и медиумите во некогашниот град – држава, британска прекуморска територија, до 1997 година.

„Репортери без граници“ почнаа да прават ваква листа, означувајќи политички лидери како непријатели на новинарските и медиумските слободи, уште од 2001 година. Никогаш досега на листата не се има најдено некој кој е политички лидер во некоја од државите во ЕУ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе