Србија: Смртноста од корона е три пати повисока
Смртноста од коронавирусот во Србија е три пати повисока од онаа што официјално се прикажува – јавува белградската телевизија Нова, повикувајќи се на, како што се вели, темелните истражувања и анализите на истражувачката агенција БИРН и на независни експерти,
Во српската јавност и онака не им се верува на службените податоци на министерството за здравство, особено откако министерот, пред крајот на јуни, на една прес конференција и самиот (индиректно) призна дека смртноста од вирусот во текот на пандемијата е повисока од онаа што стои на официјалната интернет страница на ова министерство.
Таму е забележано дека од почетокот на пандемијата, во Србија починале 7060 лица, дека процентот на смртноста изнесува 0,98 отсто, па дека на тој начин, државата има смртност од коронавирусот два пати помала од онаа во целата Европска унија.
„Фризирани“ бројки
Според Нова, тоа треба да значи дека српскиот здравствен систем и домашното здравство се далеку подобро уредени и организирани од европското, што, овој медиум смета дека не е воопшто точно. Едноставно, затоа што кога станува збор за смртноста, податоците се „фризирани“ – преправани, бидејќи вистинските бројки се многу повисоки и тие се оние кои се реални.
На таа прес конференција на министерот за здравство е речено дека во текот на 2020 година, во Србија од корона се починати нешто над десет илјади лица. Во неговата елаборација тогаш било изнесено дека бројката е добиена од разни извори, меѓу кои и од разговори со роднини и блиски на починатите. Но, една недела од тогаш, на сајтот на министерството и натаму стои бројката со која државата официјално оперира.
Таа бројка беше корегирана со додавање на уште тројца новопочинати во последниот епидемиолошки билтен од саботата, а не онаа која ја призна министерот.
Три пати повеќе
Меѓутоа, според БИРН, но и на официјалната државна статистика, каде на бројот на умрените во минатата година, се додадени податоците за новопогребени лица и издадените посмртници од надлежните српски власти, се доаѓа до бројка која е барем ТРИ ПАТИ ПОВИСОКА.
Односно дека бројот на починатите од вирусот е за 320 отсто поголем од оние официјални нешто над седум илјади, што значи дека вистинската бројка е над 21 илјада жртви, или можеби и 25 илјади – кога се ќе се собере за изминатата година и половина, сметано до 21 јуни оваа година.
Ваквата статистика ја менува темелно и сликата што се прикажува во Србија, што ќе рече смртноста во земјата не е 0,98 отсто, туку некаде меѓу 3 и 4 отсто, во услови кога просекот за ЕУ, каде нема вакви „игри со бројките“ – е 2,26 отсто.
Се знаело, но се молчело
Во извешатојот на тв Нова се вели дека лекарите низ земјата точно ги соопштувале смртните случаи, придржувајќи се на упатствата на Светската здравствена организација, но во министерството за здравство и таму каде бројките пристигнувале, некој одлучил тие да се преправаат, односно драстично да се намалуваат.
Се смета дека сите кои се вклучени во кризата со коронавирусот и со пандемијата, знаеле што се случува, но молчеле.
Во агенцијата БИРН сметаат дека за ваквото однесување некој би требало да одговара, не само политички, туку и кривично, иако тоа нема да ги врати мртвите, ниту пак ќе им помогне на нивните блиски полесно да се справат со болката за оние кои вирусот им ги има одземено.
Особено, што уште од минатата година, на неколкупати медиумите јавуваа дека се преправаат бројките врзани за смртноста во Србија, кога и некои лекари и здравствени експерти изразуваа сомнеж во бројките за смртноста од коронавирусот.
(Д.Б.)