Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Словенија е за редовни самити ЕУ/Западен Балкан

MassimoParisi/Depositphotos.com

Словенија е за редовни самити ЕУ/Западен Балкан

Од почетокот на овој месец, Словенија од Португалија го презеде ротирачкото, шестмесечно претседателство со ЕУ, а Љубљана како еден од своите главни приоритети го навести проширувањето на Унијата кон југот на континентот, кон земјите од Западен Балкан.

Словенечкиот претседател Борут Пахор токму тие денови беше во Охрид, каде уште еднаш ја потврди, како што рече, дамнешната определба на неговата земја за интегрирањето на регионот во ЕУ.

Премиерот Јанез Јанша, пак, во својата прва изјава, како претседавач, изјави дека процесот на интеграција треба да се забрза за да може “сите отворени прашања кои постојат во Западен Балкан, како што се границите, да станат помалку важни“.

„Пат за други играчи“

И тој ја повтори веќе забележаната констатација на Брисел дека запирањето на процесот на проширување на ЕУ, што беше „замрзнат“ повеќе години, поради, како што се тврдеше – измореноста на Унијата од примањето нови членки – само им го има отворено патот на „други играчи“ (во меѓународната политика) да го прошират своето влијание во регионот, како и да се сместат во него.

Љубљана, затоа, сега сугерира да се покрене процес на постојани, годишни самити на земјите од регионот со ЕУ. Оваа идеја, Јанша ја има споменато уште додека Португалија претседаваше со Унијата, тогаш заговарајќи еден таков Самит да се организира додека претседава Словенија, нудејќи го септември, како датум за една таква средба.

Во Брисел на тоа реагираа со воздржаност. Не затоа што се против почестите контакти со регионот, особено што таму и сега има проблеми за решавање, туку затоа што се смета дека за еден „вистински Самит е потребно да се има некаков конкретен резултат и постигнување“.

Според Брисел, не треба да се организира таков Самит се додека Република Северна Македонија не го почне преговарачкиот процес за влез во ЕУ, што сега го блокира Бугарија и додека заедно со Република Албанија, двете земји не тргнат по патеката за интеграција.

Самит – конференција во Блед

Јанша останува на словенечката иницијатива за одржување Самит – конференција, во Блед за оваа есен и веќе го најави за 6 октомври. При тоа, тој верува дека во текот на словенечкото претседателство Европската комисија ќе ги отвори преговорите со Македонија. Тој смета дека Софија ќе ја деблокира сегашната ситуација и дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија и формирањето нова бугарска влада.

Како и да е, основа за верување во еден ваков расплет, дава тоа што Скопје го прифати португалскиот план за надминување на кризата, што инаку ја наметна бугарската страна отворајќи прашања од историјата, па дури и проблематизирајќи го македонскиот национален идентитет и јазикот на Македонците.

А, заложбата на словенечкото претседателство за побрзото интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, само се вклопуваат во новата политика на Брисел кон регионот, во покренувањето на процесот за проширување што го оживеа договорот од Преспа од пред три години.

Тој процес, сега уште еднаш е блокиран – овојпат од Бугарија, поради ветото што го стави за преговорите на Брисел со Скопје, што тврдоглаво продолжува да го одржува, при што е изгубена цела една година.

Враќање на проширувањето

Но, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, промовирајќи го Јанша за претседавач до крајот на оваа година, како европски приоритет уште еднаш го истакна проширувањето на Унијата кон регионот.

На таа линија беше и последниот состанок на европската тројка – Германија, Португалија, Словенија – претходните два и новиот претседавач со ЕУ, на кој е заклучено да се одржува континуитетот на (старо) новата определба кога станува збор за (конечното) привлекување на Западен Балкан кон Европа.

„Убедена сум дека иднината на регионот е во обединета Европа“ – уште еднаш истакна Ангела Меркел, германскиот канцелар, во својата порака пред претстојниот виртуелен Самит на Берлинскиот процес, закажан за понеделник (5 јули), за кој домаќин е Германија.

Берлински процес

Во видео пораката таа вели дека се радува што продолжува да работи со шефовите на државите и на владите на земјите од Западен Балкан кои се дел од тој процес, започнат во 2014 година, на иницијатива на Германија. Целта на Берлинскиот процес беше давање конкретен придонес за стабилизација на регионот.

„Западен Балкан е сосед на ЕУ и е дел од Европа во кој се уште се лекуваат раните од војната и ние имаме обврска и одговорност, практично да се заложиме за развојот на тој дел од Европа“ – вели Меркел.

Особено што таму се уште има предизвици, затоа што национализмот и недовербата не се исчезнати и во секој момент може да се распали некаков билатерален спор.

Што се однесува до Словенија и нејзиниот премиер, Јанша во вторник (6 јули) треба да ги промовира приоритетите на словенечкото претседателство, пред европратениците во Стразбур.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе