Поврзете се со нас

Skopje Global

GlobalNews/YouTube

Изгоре село во Канада зафатено со пеколна горештина

Канадското село Литон, во западната провинција Британска Колумбија, речиси исчезна, откако безмалку целосно изгоре во големиот пожар што ги зафати шумите во овој дел на Канада.

Селото стана познато низ целиот свет затоа што изминатите денови овој крај беше зафатен со пеколни горештини, какви не се паметат, а во Литон беше измерена температура од дури 49,6 степени Целзиусови (!) највисока во целата историја на Канада.

Според очевидци, во селото се изгорени над 90 отсто од куќите и другите објекти. Селото е сместено на околу 250 км. од Ванкувер и во него досега живееја малку над 250 лица.

„Литон не постои“

„Литон повеќе не постои, го нема на географските карти“ – изјави локалниот градоначалник. За канадските медиуми рекол дека е предизвикана огромна штета, како на луѓето кои останале без своите имоти, така и на локалната инфраструктура.

Во пожарот, колку што се знае, нема човечки жртви и голема заслуга за тоа има градоначалникот кој веднаш забележал што се случува во шумата, па наредил итна евакуација на целото население.

Велат дека пожарот се раширил со неверојатна брзина и за само 15 минути го зафатил целото село. Луѓето бегајќи пред огнената стихија, оставале се што имале во своите домови, па сега сите, наеднаш, се претворени во бездомници.

Незапаметените високи температури, на почетокот од годинешново лето, на крајниот југозапад на Канада, предизвикаа и рекордно висока смртност во провинцијата Британска Колумбија.

Рекордна смртност

Според тамошните здравствени власти, досега се регистрирани 490 починати лица.

Тоа е значително повеќе од вообичаена смртност во текот на летните месеци, во услови на зголемена температура. Последните три до пет години имало по три екстра случаи од топлотен удар, сега меѓутоа, во само пет денови,  имало дури стотина.

Покрената е и коронерска истрага за вака високата смртност. Главниот судија-коронер на Британска Колумбија, кој ја истражува нагло зголемената  смртност кај населението, изјавил дека „најверојатно тоа е последица на рекордно високите температури, забележани во провинцијата во текот на изминатата недела“.

Коронерот при тоа рекол  дека луѓето биле откриени мртви по становите и по куќите, во кои живееле сами – во станбени објекти каде било мошне жешко и каде немало никакво ладење, или вентилација. Канадските метеоролози најавуваат постепено намалување на пеколните горештини, а експертите целата ситуација ја објаснуваат со климатските промени со кои се соочува целата планета.

Торнада во Европа

Случајот со Канада и со селото Литон, меѓутоа, не е единствениот што се има случено на почетокот од годинешново лето, како последица на  промените на климата. Затоа што планетата, во изменетите денови се соочи со драматични временски состојби и промени.

На една страна, цели региони се најдоа во услови на екстремно високи температури, невообичаени за нив, а на друга страна, некои земји беа погодени од торнада, од поројни дождови и олуи  какви  не се паметат, предизвикувајќи поплави.

Чешка, на пример, беше погодена од торнадо какво, велат, во Европа нема, или се случува исклучително ретко. За еден таков случај, но во јужна Полска и тоа уште од 1119 година, постоел запис за – „ѓаволскиот вртлог“ што се раширил дури до Прага, уривајќи се пред себе.

Што се однесува до случувањата овој јуни, на југот од Чешка, седум села беа речиси „избришани“ од силното торнадо, какво што Европејците, обично, гледаат во играните филмови, или во извештаите за случувањата во сојузните држави во централен САД.

Поројни дождови

Имаше и човечки жртви, а е регистрирана и голема материјална штета. Над две илјади семејни згради беа тешко оштетени, од кои над 600 толку многу што ќе мора да бидат целосно урнати.

Големо невреме, со силен дожд и ветер ја погоди и Москва. Ветерот има откорнато околу 200 дрвја во рускиот главен град и оштетено педесетина автомобили. Метеоролозите подоцна објаснија дека само во еден ден, во градот заврнал дожд колку 70 отсто од месечното количество на врнежи. Освен Москва силно невреме погоди и 13 региони од Русија во кои живеат 130 илјади лица.

Вакво невреме што се појавува наеднаш и удира со голема силина, ги погоди и западните делови на Европа, пред се, делови од Германија, Швајцарија, како и источните делови на Франција.

Во германскиот град Штудгард, на пример, беше парализиран градскиот сообраќај. Во сите три земји има поплавени квартови, куќи и оштетена градска инфраструктура, но не се јавува за човечки жртви.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе