Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Венеција и Будимпешта на „црната листа“ на УНЕСКО?

Brasilnut/Depositphotos.com

Венеција и Будимпешта на „црната листа“ на УНЕСКО?

Венеција и унгарскиот главен град Будимпешта би можеле да се најдат на списокот на загрозени локации на светското културно наследство, додека историските, комерцијални докови во Ливерпул, во Британија и да бидат и тргнати од листата, затоа што станале обезличени со премногу брзиот развој и со силната урбанизација и модернизација – соопшти Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО).

Листата на локации што се прогласени како дел од светското културно наследство и се ставени под заштита на оваа организација, е покрената уште во 1978 година и таа брои стотици такви места, меѓу кои е и градот Охрид.

Во изминатите 43 години, УНЕСКО го има дополнето списокот на заштитените локации, но и тргнато две од нив кои беа на листата. Првото е арапското светилиште во Оман, во 2007 година, а второто, долината на Елба, крај Дрезден во Германија, во 2009 година. Доколку тоа се случи и со Ливерпул, овој англиски и британски град ќе биде третиот таков случај.

Премногу туристи и гости

Препораката за правење “црна листа“ и за санкционирање на некои од локациите, е објавена пред состанокот на комитетот за светско наследство што ќе се одржи во кинескиот град Фуџу, од 16 до 31 јули. Со комитетот претседава Кина.

Еден од бисерите на европската ренесансна архитектура и култура, градот подигнат на вода во северниот дел од Јадранот, италијанска Венеција, се предлага да се стави на листата на „загрозени локации“ на светското наследство, поради, како што се вели, незапирливиот раст на посетители и туристи во изминатите десетина години.

Овој град во кој постојано живеат околу 150 илјади жители, годишно го посетуваат околу 12 милиони гости. Нивниот број е значително зголемен со влегувањето на големите бродови – крузери во венецијанското пристаниште. Тие носат и по пет илјади гости, одеднаш, но луѓето и бродовите стануваат закана за градот и за неговиот опстанок.

Кога станува збор за Будимпешта, загрозен е како брегот на Дунав, така и квартот Будим, пред се комплексот од дворци на унгарските кралеви.

„Модернизација“ на историјата

Локалните власти не водејќи премногу сметка за минатото и за вредноста на големата локација што е заштитена од УНЕСКО, уривале згради и цели блокови и на тие и такви места граделе високи, модерни згради. Според експертите, на тој начин што е направена непоправлива штета на историската целина на просторот, со редењето современи објекти кои ја имаат сменето природата на историските места.

Меѓу предложените кандидати за „црната листа“ е и Австралија, односно тамошниот Голем корален гребен кој во должина од 2300 км. се протега долж североисточниот австралиски брег.

УНЕСКО се закани дека ќе го стави меѓу локациите кои се „во опасност“ поради оштетувањата на кои гребените се изложени од климатските промени. Заканата доаѓа откако е оценето дека австралиските власти “немаат ништо направено за подобрување на квалитетот (чистотата) на морската вода од кои коралниот брег се оштетува.

Ливерпул, пак, е единствениот на кој му се заканува казната – да биде тргнат од местата кои се прогласени како дел од светското културно наследство – затоа што целосно е изменет и комплетно модернизиран изгледот и ликот на некогашните докови.

Различни реакции

Станува збор за локација со голема историска вредност, од времето кога градот и неговото пристаниште биле главниот излез и влез за британската трговија во империјално време, но и затоа што целиот тој дел има посебно архитектонско обележје и претставува заштитен знак на Ливерпул.

Наместо тоа, таму се подигнати голем број модерни и високи згради во рамките на големиот урбанистички проект „Ливерпул на вода“ што кога ќе биде готов целосно ќе ги измени доковите, како и изгледот и историчноста на пристаништето, поради што беше ставено под заштита на УНЕСКО во 2004 година.

Има десетина локации кои се предупредени дека може да се најдат на листата на згрозени, меѓу нив е и Охрид, поради неконтролираната комерцијализација на брегот од езероти кое е заштитено, заедно со стариот град кои сега, на еден месец пред да се донесат одлуките, секоја земја и секој град реагираат различно.

Дилемите на венецијанците

Италијанците и локалните власти на Венеција, пред пандемијата, самите покренаа иницијативи за намалување приливот на туристи во градот. Сега, меѓутоа, по епидемијата која предизвика тешка економска криза за градот кој наеднаш остана без гости, се во голема дилема – дали да ги враќаат туристите, или пак, да ги послушаат оние од УНЕСКО.

Во Унгарија немаат такви дилеми, затоа што тамошната власт, таква каква што е, само порачува дека нема да уриваат цели (новозиградени) блокови, за статусот заштитен град, без разлика што тоа може да ја намали вредноста на стариот Будим за кого доаѓаат многу странски гости.

Слично размислуваат и во Ливерпул. Тие таму се загрижени дека градот може да биде третото место кое ќе биде симнато од листата на светско наследство, но уверуваат дека новиот лик на доковите и на пристаништето се “ навистина прекрасен и вреден проект“. Дури таму е предвидено да биде изграден и нов стадион за локалниот фудбалски клуб „Евертон“.

Австралија против УНЕСКО

Единствени кои влегоа во судир со УНЕСКО се Австралијанците кои тврдат дека нема место за критиките од оваа светска организација.

Според нив ситуацијата со коралниот гребен не е таква каква што оцениле стручњаците на светската организација. Домаќините тврдат дека состојбата е значително подобрена и дека за негово спасување и обнова досега се вложени три милијарди австралиски долари. Во Канбера најавуваат и дека ќе вложат протест, затоа што сметаат дека зад ваквата оценка за гребенот „има и политика“. Мислејќи притоа на фактот дека со комитетот на УНЕСКО сега раководи Кина, со која Австралија е во економско – политички судир веќе подолго време.

Во Македонија, во Охрид, пак, се настојува да се тргнат објектите кои се изградени на самиот езерски брег и бројните платформи, од монтажен тип, за кои се испостави дека во најголем број немаат дозвола за градба.

Но, како што тоа овде се случува, од битката за зачувување на статусот на Охрид, како град на УНЕСКО некои „критичари“ и исто такви „експерти“ – правеа и прават политика – за домашни потреби.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе