Победа на премиерот „предавник“
Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан и неговата партија се победници на вонредните парламентарни избори во оваа поткавкаска држава, поранешна советска република.
Според изборната комисија, партијата Граѓански договор има освоено 53, 9 отсто од гласовите и таа е уверливо пред главниот изборен конкурент, набрзина формираниот патриотски, националистички блок на кој како лидер се појави поранешниот претседател Роберт Кочаријан кој доби 21 отсто од гласовите на Ерменците.
Кочаријан е остар политички противник на Пашинјан кој, инаку, ја предизвика политичката криза во Ерменија, изнудувајќи вонредни избори, предизвикувајќи бран од националистичко незадоволство по поразот на ерменските трупи во спорната енклава Нагорно Карабах, од азербејџанските сили, а посебно затоа што го прифати мировниот договор со Азербејџан, околу кој менаџираше Русија.
Војна за Нагорно Карабах
Договорот ја запре војната на Ерменците и Азерите, која почна на почетокот од минатата есен со погранични инциденти, на границата која ги делеше Ерменците од Азерите во оваа енклава, но потоа брзо се претвори во вистинска војна, која се закануваше да се прошири на целиот регион, како и да ги вклучи во судирите Русија и Турција,
Русите на ерменска територија имаат воена база, по првата ерменско-азерска војна за оваа спорна територија, на почетокот од деведесеттите години, веднаш по распадот на Советскиот Сојуз. После таа војна, енклавата, практично, стана дел од ерменската територија, иако таа – државно и административно – е дел од Азербејџан.
Од тоа време, на азерска страна, како силен поддржувач и заштитник се вклучи Турција која ги заштитуваше “своите браќа“ во Азербејџан.
За официјална Анкара, оставањето на Нагорно Карабах под ерменска контрола беше „неодржливо решение“, затоа што турската страна на тоа гледаше како на окупација на азерската територија од страна на соседна Ерменија, заговарајќи дека таа состојба ќе мора да се елиминира, а енклавата „да се ослободи од окупаторите“.
Неподготвени за војување
Во последната војна за енклавата, Турција застана силно на страната на Баку – политички, но и воено.
Прво, опремувајќи го сега богатиот Азербејџан (од нафтата и гасот) со најсовремено оружје, вклучувајќи и со дронови, а потоа, во испровоцираниот воен судир, воено помагајќи ги Азерите, повремено, дури и со вклучување на турската воена авијација.
Ерменија, меѓутоа, беше целосно неподготвена за војување.
Земјата се уште не беше до крај стабилизирана, по настаните во 2017/2018 година кога беше соборена претходната, корумпирана власт, низ кои како централна политичка фигура се издигна Пашинјан – па не можеше да им се спротивстави на Азербејџанците, како што тоа и појде од рака во 1991 година.
Освен тоа, Ерменија како држава не можеше да војува на територијата на енклавата, затоа што за целиот свет таа е составен дел на државата Азербејџан. Можеше само да ги помага Ерменците во Нагорно Карабах и нивните воени формации, што тоа таа и го правеше.
Националистите против мирот
Но, поразот стана неминовен, откако Азерите продреа до пред Степанакерк, главниот град на енклавата. За да не падне и тој под контролата на Азерите, Москва предложи примирје и прекин на огнот, на линијата до каде се стигнати силите – а тоа значеше дека Ерменците загубија повеќе од половина од Нагорно Карабах.
И Баку и Анкара се согласија на таа понуда, па на крајот тоа го прифати и командантот на ерменските сили во енклавата и премиерот Никол Пашинјан.
Одлуката да го потпише мировниот договор, меѓутоа, предизвика големо незадоволство и масовни протести во Еревен, кои ги предводеше токму Кочаријан.
Демонстрантите и домашните националисти го обвинуваа Пашинјан за „предавство“ за тоа дека „прифатил пораз“ и дека се „откажал од браќата Ерменци“ во Нагорно Карабах кои сега се бегалци и бездомници – истерани од своте домови во енклавата.
Одмаздата на Пашинјан
Протестите кои траеја со недели, на момент изгледаше дека ќе излезат од контрола, откако еднаш националистичките противници на власта упаднаа и во ерменскиот Парламент. Тие бараа не само оставка од премиерот, туку и се закануваа дека ќе му судат за „предавство“.
Настојувајќи да ги смири страстите и да спречи и граѓанска војна, Пашинјан вети дека ќе поднесе оставка и дека ќе распише вонредни избори.
Националистите и опозицијата очекуваа дека „предавникот“ ќе доживее изборен дебакл, а на изборите во неделата тој победи.
Уште и поуверливо, отколку на изборите пред три години кога прв пат, овој некогашен 46 годишен новинар стана премиер. Се покажа дека не биле Ерменците толку гневни за загубата на Нагорно Карабах, колку што кризата и војната со Азерите, опозицијата ја има користено за да дојде на власт.