Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Романија и Бугарија први по корупција во здравството

motortion/Depositphotos.com

Романија и Бугарија први по корупција во здравството

Секој пети Европеец, државјанин на ЕУ, признава дека во текот на пандемијата со коронавирусот, која трае 18 месеци, платил поткуп, или пак користел лични врски и познанства, за да дојде до лекар во јавното здравство, за да добие здравствена услуга, или подоцна, во почетната фаза од имунизацијата – за да обезбеди (побрзо и преку ред) – вакцина.

Ваквите состојби врзани за корупцијата во здравството, повеќе се присутни на Истокот од ЕУ, во земји какви што се – пред сите другите – Романија и Бугарија, како и во Унгарија и Латвија – покажува обемното истражување на Транспаренси Интернешенел, спроведено со 40 илјади анкетирани лица, во сите 27 земји – членки. Анкетата била направена во периодот меѓу октомври и декември 2020 година.

Главниот заклучок од истражувањето е дека пандемијата ја има зголемено корупцијата во земјите на ЕУ, а дека здравството станало жариште на коруптивните случувања, во исто време, додека владите во сите земји се бореа со епидемијата.

Истокот „слаб“ на корупцијата

Еден од петмина државјани на Унијата признале дека платиле мито за некоја од неопходните здравствени услуги во текот на пандемијата. За експертите кои ги анализирале резултатите ова се загрижувачки сознанија, кога се знае дека ЕУ издвојува безмалку една милијарда евра за опоравување на економијата во земјите – членки.

Заклучокот е дека многу земји од Унијата, пред се, оние од Источна Европа, се „слаби и ранливи“ на корупцијата. Конечно, две третини од анкетираните изјавиле дека корупцијата ја сметаат за главниот проблем (во државите од каде постојано живеат), а 76 отсто се на мислење дека борбата на властите со ова општествено зло, или стагнира, или дури и станува се послаба.

Проценка на истражувачите е дека здравството станува област каде корупцијата постојано се зголемува и дека токму затоа, во време на една голема криза, каква е пандемијата со коронавирусот, овие состојби дошле до толку голем израз. Луѓето, едноставно, се имаат вклопено во состојбата така што користеле најразлични врски за да дојдат побрзо, преку ред и без долго чекање до потребната здравствена услуга, или да давајќи пари, како поткуп и мито за лекарите и за другиот персонал.

Лични врски и поткуп

Со помош на овој начин, нема ред на чекање, не постојат листи за определување кој од пациентите имаат предност, туку главната работа е во тоа да си има сбило какви врските, или да се користи поткупот, за да се стигне преку ред, со заобиколување на прописите и со измама на другите, до она што се сака да се постигне.

На самиот врв на земјите – членки чии граѓани признале дека давале пари, или било што друго како поткуп, се четири земји од поранешна Источна Европа. Тоа се, Романија и Бугарија, како и Унгарија и Хрватска.

Што се однесува до врските – било лични, или некакви други – за лекување, или да се дојде до вакцините, кога нив (на почетокот) ги немаше доволно – листата ја предводи Чешка, каде преку 54 отсто од анкетираните признале дека „со врски и познанства – директно, или преку некој трет“ дошле до лекарската услуга.

И овде, при врвот се појавува Унгарија, која на тој начин со двете балкански земји во ЕУ – Романија и Бугарија – прават тројка од земји со најкорумпирано здравство, но и на луѓе кои се подготвени на се, за да ги заобиколуваат редот и определените прописи.

Последици од минатото?

Како и да е, големо мнозинство Европејци (85 отсто) сметаат дека корупцијата е присутна во нивните држави, дека ја има во здравството, но и во политиката, во власта, во општеството и така мислат не само анкетираните во Бугарија, која по ова прашање е убедливо прва, или во Хрватска која е зад неа, туку и во земји какви се Португалија, Италија и Шпанија.

Истокот на ЕУ, во секој случај уверливо пред Западот кога станува збор за корупцијата и коруптивното однесување, што според некои аналитичари треба да се врзува за минатото на овие држави – сите комунистички и дел од поранешниот советски, политички и економски систем во кој корупцијата била силно присутна.

Во тоа време, тоа бил единствениот начин да се дојде до некоја потреба, до некое повредно добро – најчесто прехранбени производи, здравствена услуга, или автомобил и стан – кои постојано ги немало.

Лекари на суд

Животот во постојана криза и немаштина има направено генерации луѓе, а тоа сега се децата на родителите од времето на комунизмот на Истокот, да се снаоѓаат – или користејќи врски и она што во тоа време се нарекувало – да имаш свој човек на некаква позиција – или поимотните да даваат мито.

Истата оваа анкета на Транспаренси Интернешнел открива дека само 20 отсто од Данците, или од Финците мислат дека кај нив има вакво коруптивно однесување и дека имало случи со барање врски да се дојде до лекар во екот на пандемијата.

Во некои хрватски медиуми, по повод оваа анкета се имаат појавено информации за корупцијата на лекарите во јавното здравство на Хрватска.

Станува збор за тоа дека во оваа поранешна ЈУ република, сега во ЕУ, против 360 лекари е покрената кривична и судска постапка за корупција. Тие се обвинуваат дека имаат земено пари за да ги препишуваат лековите само на определени фармацевтски компании.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе