Унгарците против кинески Универзитет во Будимпешта
Унгарскиот десничарски, националистички премиер Виктор Орбан, продолжува и понатаму да војува со својата демократска и проевропска јавност и со ЕУ и нејзината глобална политика, определувајќи се за тоа во Будимпешта да се изгради кинески Универзитет и голем студентски кампус.
Ваквата негова одлука предизвика илјадници луѓе, главно млади, да излезат на улиците на унгарскиот главен град на демонстрации несогласувајќи се Кинезите да отворат свој Универзитет.
Според организаторите на протестите, еден ваков контроверзен план во земја членка на Унијата, ќе значи поткопување на основите на унгарското високо образование, но над се, се верува дека значително ќе го засили влијанието на Кина и на нејзините комунистички власти во Унгарија, кое и сега не е мало.
Свртување кон авторитарноста
Иако се декларира како анти – комунистичка, партијата Фидес на Орбан, одржува блиски врски со официјален Пекинг – и нив ги има се повеќе и тие стануваат се посилни.
Промотор на таквата политика е токму лидерот на унгарската партија и веќе над 10 години премиер, за кого се знае дека својата позиција во унгарската политика ја има изградено врз основите на анти – комунизмот од една страна, како и врз антируското расположение, од друга.
Со помош на американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос тој се има и дошколувано и се има појавено на унгарската политичка сцена, во годините на тамошната транзиција – на посткомунизмот и изградбата на отворено, демократско општество. Но, како премиер Орбан се претвори во своја спротивност – градејќи авторитарна власт која се мислеше дека е трајно урната со падот на комунизмот и со влегувањето на оваа земја во ЕУ, врз темелите на крајното десничарење, национализмот и популизмот, а против либералната демократија.
Наместо врз европските вредности, тој се сврте кон авторитарните власти и режими во Москва и во Пекинг со кои има поблиски односи отколку со Брисел и со Европската комисија и со сите другите во ЕУ – освен со две, три други членки – исто така со десничарски уверувања.
Контра на Брисел и ЕУ
Вртењето кон Русија, чии споменици од советско време се уриваа во Унгарија и кон Кина, каде се уште има еднопартиски систем, под цврстата рака на единствената КП на Кина, унгарскиот премиер (во извесен периодот од неговото владеење) го објаснуваше со економските интереси и со потребата за уште побрз развој – посебно низ крупните кинески инвестиции во инфраструктурата. Иако и тоа и овозможуваше на една ваква Кина – на мала врата – да навлегува и во Европа, а и во ЕУ.
Сега, меѓутоа, е јасно дека она што му одговара на Орбан е авторитарноста на таа власт.
Затоа и се верува дека планот, во Будимпешта да се изгради и уреди кинески Универзитет (откако го затвори Отворениот универзитет, финансиран од Сорос), е отстапка што Унгарецот ја прави кон власта во Пекинг, како и продолжување со неговото контрирање и нескриено спротивставување на се што е европско, на европските вредности и на либерализмот против кој војува.
Тоа ставање на Унгарија во кинеската прегратка се гледа во блокадите во ЕУ што ги прави официјална Будимпешта кога станува збор постигнувањето согласност за осуда на кинеските внатрешни и надворешни политички потези, ако што е осудата на кинеската дискриминација на Ујгурите, на политиката на Пекинг кон провинцијата Тибет и задушувањето на автономијата на Хонг Конг. На почетокот од овој месец, унгарската влада ја блокираше осудата на Кина што ја има подготвено Европската комисија.
Орудие на Пекинг
Практично, Орбан е најсилното орудие на официјален Пекинг во Унијата, што беше истакнувано и од демонстрантите во протестите во Будимпешта.
Меѓутоа, она што Унгарците ги тера на протести тоа е мегаломанскиот проект за изградба на Фудан Универзитетот, што треба да чини 1,8 милијарди долари. А, тоа е многу повеќе од средствата што унгарската влада и Орбан имаат одделено за домашното високо образование. Уште повеќе, што за да се изгради и отвори кинескиот Унивезритет, Будимпешта се има задолжено, со нов кредит, од 1,5 милијарди долари кај кинеските државни банки.
Истражувањето направено деновиве, покажува дека дури две третини од Унгарците се против кинески Универзитет.
Против е и будимпештанскиот градоначалник Ѓерѓељи Каршони, инаку од редовите на демократската, проевропска опозиција. Локалните власти во главниот град, во знак на протест против политиката на Виктор Орбан, три улици во Будимпешта преименуваа – првата, во „Слободен Хонг Конг“, втората, во „Далај Лама“, а третата, во „Ујгурски маченици“.