Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кина дозволува и трето дете

Tuchong-Microstock1/Depositphotos.com

Кина дозволува и трето дете

Кинескиот претседател Си Џинпинг, на состанокот на Политбирото на кинеската КП одобрил,  семејствата во Кина, во иднина да може да имаат и три деца.

Ваквото решение е донесено откако пописот на населението, спроведен на крајот од минатата година и во екот на се уште присутната пандемија со коронавирусот, откри дека најнаселената земја во светот се соочува со сериозен пад на наталитетот.

Кина во 2016 година ја укина долго време присутната политика за едно дете.

Оваа државна политика беше на сила со децении, донесена во времето пред „големиот скок“ на земјата на економски и на општествен план, во времето кога земјата имаше премногу луѓе за премалку работа и кога немаше доволно ресурси и храна за здрава и за целосна исхрана на луѓето. Тоа е време кога беше нормално Кинезите да имаат четири, пет или повеќе деца.

Поскапување на живејачката

Од пред пет години, кога на брачните двојки им беше дозволено да може да имаат две деца , изгледаше дека ваквата државно-партиска политика дава резултат. Но, пописот откри дека тоа не било така и дека доскоро нова демографска политика, едноставно, не е ефикасна.

Кинески економски експерти сметаат дека проблемот не е во неа и во задоцнетата одлука да се прекине со политиката – семејство со едно дете – туку во промените што во меѓувреме се имаат случено во Кина. Едноставно, животот и живејачката сега се значително поскапи од порано, посебно во градовите, па многу брачни двојки се откажуваат од одгледувањето две деца.

Со едно вакво сознание,   експертите се прашуваат   – кој тогаш  би сакал да има три деца. Сите порано направени анкети на младите Кинези откриваат дека мнозинството од нив размислуваат да имаат семејство, со најмногу две деца.  И, сите притоа, како причина за таквиот свој став го истакнуваат – скапиот живот и преголемиот притисок на животот на кој се изложени.

Голем пад на наталитетот

Според првите сознанија од пописот, спроведен со помош на седум милиони попишувачи кои оделе од куќа до куќа, во минатата година се родиле 12 милиони бебиња, што е помалку во споредба со 2016 година, кога на свет дошле 18 милиони.

За демографските експерти најзагрижувачко е тоа што станува збор за најмал наталитет во Кина, уште од времето на шеесеттите години на 20 век.

Домашните медиуми веднаш имаат покренато силна кампања за поттикнување на новата кинеска политика за три деца. Првите реакции на јавноста, меѓутоа, а пред се на оние кои треба да бидат родители во тридетни семејства, откриваат дека тие не се подготвени да се жртвуваат за најновата демографска политика.

Младите и потенцијалните родители зборуваат за современата дилема – работното место, или семејството, соочувајќи се притоа со целосно неуредените состојби врзани за породилното отсуство од работа, како и за тоа дека нема никакви (економски) поттикнувачки мерки за младите родители.

Драстични казни

Во современа Кина значително е намален пазарот за работа. Тоа значи дека Кинезите сега мора да работат подолго, а новото време има создадено и нова свест – младите кинески жени се почесто се определуваат за продолжување на образованието, како и за напредок на работното место, а не за тоа да седат дома и да одгледуваат деца.

Политиката за едно дете во земјата е воведена уште во 1979 година. За семејствата кои ја прекршуваа оваа политичка ориентација на комунистичката партија и на државата, биле воведени специјални казни – прво, парични, а потоа и губење на работното место, или дури и извршување присилни абортуси.

Од друга страна,  политиката за семејства со едно дете, има предизвикано и сериозна нерамнотежа во земјата, каде историски се фаворизираат машките деца, наместо девојчињата.

Израснати без брат или сестра

Аналитичари-социолози оценуваат дека ваквата филозофија сега создава проблеми при склучувањето брак. Посебно кога станува збор за машките – идни сопрузи – со понизок стандард и со помали социо-економски ресурси.

Поедноставно речено, проблем  за нив е да си најдат животна партнерка.

Во секој случај, проценка е дека покренувањето на политиката за семејства со три деца можеби и нема да може да успее.

Тоа секако ќе се случи , доколку ваквата политика не ја следат и поттикнувачки, а не само казнени мерки. Цели генерации Кинези се одраснати без да имаат брат, или сестра. Тие се навикнале да бидат сами во семејствата на своите родители – сега како возрасни – не сакаат да создаваат свои семејства со повеќе деца.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе