Богати и моќни – жените од „Форбс“
За сите нив се зборува дека живеат во луксуз. Во големи и раскошни вили, се одмараат на скапи јахти и на приватни острови, патуваат со сопствени авиони. Важат за богати жени, па затоа ги сметаат и за моќни.
Таквиот општествен статус, сепак, го имаат стекнато – најчесто – затоа што нивните сопрузи се наоѓаат при самиот врв на листата на најбогатите луѓе во светот, што ја прави американското списание „Форбс“.
Најновите случувања во приватниот живот на двајца од најбогатите, натера некои медиуми во САД да определат кои од сопругите на најбогатите, се на малата листа на најмоќните жени. Според парите со кои располагаат.
Некои цинични репортери притоа имаат забележано дека и кога ќе се разведат и ќе излезат од некој милијардерски брак – остануваат и натаму многу богати. Единствено, што можеби малку ќе загубат тоа е моќта што претходно ја имале.
„Заработено“ со разводот
Како посебно типичен ваков пример, се посочува Мекензи Безос.
За неа се вели дека стана позната во светот како сопруга на најбогатиот човек – основачот и сопственикот на „Амазон“ – Џеф Безос, со кого беше во брак 25 години.
Но, за неа се зборува дека лично се има многу збогатено, откако се разведе, затоа што преку бракоразводната парница Мекензи има „заработено“ 38,3 милијарди долари. Само благодарејќи на растурањето на бракот со Џеф, за кого таа вели дека тој е виновен, доскорешната сопруга Безос се нареди меѓу петте најбогати жени во светот.
И, не само тоа – нејзиното богатство во изминатите месеци уште повеќе е зголемено, затоа што корона пандемијата ја зголеми вредноста на акциите со кои таа лично располага. Се проценува дека сегашната вредност на богатството на поранешната госпоѓа Безос изнесува околу 60 милијарди – многу повеќе од една четвртина од богатството на нејзиниот екс сопруг, проценето на 200 милијарди долари.
Во друштвото на многу богатите сопруги (партнерки) се рангира и Клер Елис Буше, позната во јавноста и ако Грејмс, инаку втора сопруга на технолошкиот тајкун и милијардер Илон Маск.
Алфа и Омега
Во мај 2018 година, двојката за прв пат, објави дека живеат заедно. Истата година, за прв пат се појавија, заедно, на една гала претстава, а таа година, Маск објави дека станале и родители на машко дете. Мајката Грејмс, на социјалните мрежи, тогаш објави дека нивниот син добил име Икс АЕА – 12 (!?) што оние кои ја познаваат имаат прокоментирано дека – таквото име на детето само ја потврдува ексцентричноста на мајката.
Самата таа, тоа и не го сокрива, туку уште повеќе го истакнува со разни изјави во тој стил. На пример, дека е „подготвена да умре со црвената прав од Марс на нејзините стапала“.
Тоа се поврзува со работата на Маск и со неговите големи научни и бизнис амбиции во вселената, но ексцентричноста на Грејмс делумно се објаснува и со однесувањето (во брачниот живот) на самиот милијардер. Пред се, за причините за пропаѓањето на неговиот прв брак со Џастин Маск која го има напуштено сопругот и сега е премажена – (велат) дека е многу посреќна од порано.
Во една прилика првата госпоѓа Маск има речено дека не можела да остане со Илон за да живее „во неговата сенка“, или како „украсен предмет во куќата – без право на глас и без правото на сопствено мислење“. Таа еднаш има откриено дека уште на свадбата, Маск и рекол дека во нивниот брак тој ќе биде главниот – односно дека тој ќе биде “Алфа и Омега“ во брачната врска.
Госпоѓата „Луј Витон“
Сосема е различна приказната за богатата Хелен Мерсије, сопруга на францускиот тајкун Бернар Арно кој е рангиран како петти на листата на „Форбс“ на најбогати луѓе, со богатство кое се цени на преку 100 милијарди долари.
Арно не се врзува само за светски познатата фирма „Луј Витон“, туку уште и за седумдесеттина други, како што се – „Дон Перињон“, „Хенеси“, „Сефора“, „Диор“ или „Фенди“.
Во брак со Хелен, милијардерот Арно е од 1991 година, веднаш по разводот со првата сопруга. За разлика од сопругите на другите милијардери, меѓутоа, Месије има своја, сопствена кариера како позната концертна клавиристка. Обајцата велат дека токму љубовта кон музиката ги има поврзано.
Родена Канаѓанка, која се школувала во САД, во Франција важи за голем филантроп, па со сопругот, досега имаат вложено многу милиони долари во обновата на црквата Нотр Дам, во Париз, тешко оштетена во големиот пожар.
Мелинда Гејтс, пак, и како сопруга на Бил Гејтс и сега, како штотуку разведена од него, мора да биде при врвот на една ваква листа. Не само поради доскорешната брачна врска, туку и затоа што тие (заедно) ја имаат најголемата и финансиски најмоќната приватна фондација – „Мелинда и Бил Гејтс“.
Втора најбогата жена
Соосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс е трет на светската листа на милијардери, а сега американските медиуми тврдат дека Мелинда, која веќе го користи своето моминско презиме Френч, ќе се нареди при самиот врв на најбогатите (и најмоќните) жени во светот. Нејзиното лично богатство, сега по разводот, се проценува на 73 милијарди долари, иако тоа никој и никаде го нема проценето.
Во барањето за разводот, таа има побарано „распределување на семејното богатство“ кое, пак, се цени на околу 150 милијарди долари. Тоа значи поделба на богатството, затоа што при нивната венчавка, во 1994 година, Бил и Мелинда немаат направено предбрачен договор. Сојузната држава Вашингтон, каде обајцата живеат, во таков случај предвидува поделба на богатството на рамноправни делови.
Така, или не, таа ќе се рангира како втора најбогата жена, веднаш зад Французинката Франсоз Бетанкур, сопственичката на компанијата „Лореал“ чие богатство се смета дека вреди 83 милијарди. Впрочем, агенцијата Блумберг објави дека веќе првиот ден по соопштувањето за разводот, Бил на Мелинда – преку компанијата – и има префрлено 1,8 милијарди долари.
Спасување на Фејсбук
Конечно, во оваа петорка, не може а да не се стави и сопругата на Марк Цукерберг, создавачот на Фејсбук. Присила Чан е заедно со Марк од 2003, од времето на нивното студирање на Универзитетот Харвард, а во брак се од 2012 година.
Различно од сопругите на другите милијардери – Присила Чан се нема експонирано во јавноста, но сите велат дека таа има силно влијание врз Цукерберг, па дури и дека токму таа е заслужна за она што е денес Фејсбук и за тоа што нејзиниот сопруг е еден од најбогатите во светот.
Кога во 2006 година, компанијата „Јаху“ му има понудено на Марк Цукерберг да и го продаде Фејсбук, нудејќи ми една милијарда долари, Присила се спротивставила и успеала да го убеди (тогаш се уште само како негова девојка), да ја одбие понудата. Тој ја послушал, па сега вредноста на Фејсбук е неколку пати повисока.
Обајцата и не кријат дека најважните одлуки ги носат – заедно. Таа дури има направено и распоред на нивното заедничко време. Затоа што тој е по цел ден во компанијата, Чан има определено дека 100 часови во текот на една недела, сопругот Марк мора да биде само со неа – и да бидат сосема сами. И тој се придржува на тоа.