Бајден и Путин – лице во лице
Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот Владимир Путин, прво се согласија за тоа дека нивните сегашни билатерални односи бараат една средба на врвот, а сега се согласија и за местото и за датумот за одржување на средба лице, во лице – во Женева, на 16 јуни.
Самитот на двајцата политички лидери ќе уследи по состанокот на групата Г-7 што оваа година се одржува во Британија, како и по конференцијата на НАТО во Брисел, на која американскиот претседател, за прв пат по изборот, ќе се сретне и ќе разговара со своите сојузници.
Во секој случај, тоа ќе му овозможи на Бајден да се обезбеди со информации и со сознанија од политичките партнери, пред да се сретне со Путин.
Сите проблеми на маса
Според Белата куќа, на Самитот ќе бидат опфатени сите “горливи“ прашања, но ќе стане збор и за настојувањето на Вашингтон да има со Москва – како што се вели – предвидливи и усогласени, стабилни односи.
Уште од сега се знае дека има многу работи за кои американскиот и рускиот претседател ќе зборуваат – пред се, за контролата во вооружувањето и климатските промени, но и за руската воена интервенција во Украина, за руските активности во хакирањето, вклучувајќи го и она последното, поголемо, од 2020 година на компјутерската мрежа на администрацијата на САД и на приватната мрежа, па се до случајот на Алексеј Навални, поврзан со неговото труење и апсење.
Само овие теми, навестуваат еден жесток и тврд Самит, уште повеќе што тој доаѓа после размената на остри зборови меѓу двајцата лидери. откако Бајден е во Белата куќа, од кога билатералните односи се означуваат како „тензични“. Колку за потсетување, Бајден во едно интервју, во март, го нарече Путин “убиец“, додека тој од Москва му возврати со циничната порака – да го послужи здравјето – алудирајќи на возраста на Американецот – кој е десет години постар од рускиот претседател.
Тензична атмосфера
Во една ваква атмосфера – и американските и руските аналитичари – не очекуваат кој знае какви резултати од Самитот, посебно кога станува збор за најболните теми, како што се состојбите во и околу Украина, или околу Навални, како и за хакирањето што руската страна постојано го демантира.
Москва е гневна за најновите американски санкции, врзани за случајот со хакирањето, откако стана сосема јасно дека станува збор за „руско масло“. Овие санкции воспоставени во април, уште повеќе ги ограничуваат финансиските трансакции меѓу САД и Русија, што се пропратени со казнувањето на низа руски бизнисмени и со протерувањето на руски дипломати од Вашингтон.
Конечно, во целиот овој пакет на „жешки“ теми е и гасоводот „Северен тек 2“ за Германија, што е завршен веќе 95 отсто, а за кои Американците од почетокот се спротивставуваат, па дури имаат и воведено санкции за компаниите кои се вклучени во изградбата, како и за луѓето што го раководат овој мега руско – германски проект.
Нов момент е што, непосредно пред најавата за датумот на Самитот во Женева, САД најавија дека ќе ги дигнат санкциите за „Северен тек 2“, што беше веднаш поздравено и во Москва и во Берлин.
Поправање на односите со ЕУ
Се покажа дека таквиот неочекуван гест во ова време, е резултат на американската проценка дека од санкционирањето на еден проект што е пред завршување е поважно да се уредат – како, така – односите со Москва и посебно да се вратат на старите добри позиции, односите со ЕУ и со европските сојузници, што беа целосно разурнати во времето на Доналд Трамп.
Тоа не е ништо чудно, затоа што уште во текот на својата претседателска кампања, Бајден најавува дека главен приоритет му е обнова на односите со Европа и враќање на Американците на стариот континент кои Трамп ги растури, дури казнувајќи ја Германија со одлуката за повлекување од базите на германската територија, затоа што Ангела Меркел, пред се, не играше така како што тоа го сакаше поранешниот претседател на САД.
Што се однесува, пак, до хакирањето тоа најмногу се врзува со времето на појавувањето на Трамп во американската политика,. неговата изборна кампања и неочекуваната победа на изборите во 2016 година, настани во кои Русија беше длабоко инволвирана, нескриено навивајќи за непознатиот новак во политиката, што на Москва многу повеќе и одговараше, отколку искусната и „тврда“ кон Русија Хилари Клинтон – поранешен сенатор и државен секретар.
Поинаков Самит
Врв на таквото однесување беше хакирањето на штабот на Демократската партија на САД и дискредитирањето на Клинтон, непосредно пред гласањето, со објавувањето на информации на Викиликс.
Не се докажа дека има директни врски меѓу изборниот штаб на Трамп со руската страна, без разлика што Русите брзо го повлекоа дотогашниот амбасадор во Вашингтон, но од тоа време потекнува восхитеноста на Трамп со Путин и со неговото владеење – со декрети и авторитарно – што поранешниот американски претседател и не сокриваше колку многу му се допаѓа, иако не може целосно да го употреби во Америка.
Трамп тоа го потврди на Самитот со Путин во Финска, во јули 2018 година, кога практично, го одбрани рускиот претседател од сите обвинувања во САД за мешањето во изборите во САД, бранејќи се, притоа, и себе си.
Критики од републиканците
Џо Бајден еден од најискусните американски политичари кои во политиката на САД е половина век, е сосема различен од својот републикански, десничарски и популистички претходник.
Актуелниот претседател од секогаш ги бранел американските вредности, вистинската демократија, човековите слободи и либералното, отворено општество. Затоа, беше и победник на изборите во 2020 година, добивајќи најмногу гласови во историјата на САД, но и затоа останува неомилен од Трамп и неговите десничарски истомисленици и не сакан во Русија, која со Путин како лидер, брани сосема поинакви вредности.
Како и да е, одлуката на Бајден за Самит со Путин е премолчена од Трамп, но е критикувана од некои републикански политички лидери и сенатори.
За овој Самит се вели дека е израз на слабост на САД – затоа што (наводно) рускиот претседател “се наградува“, иако го направи она што го направи со Навални, а доаѓа и после гангстерството на Александар Лукашенко, при што како „минус“ се додава и прифаќање на „Северен ток 2“.
Без големи очекувања
Може ова да е само политиканска игра на целосно поделените американски републиканци и на кампањата на партиската десница и на „трамповци“ против „слабиот и млитав“ Бајден, но едно е сосема извесно – меѓународната заедница ќе има Самит каков одамна немало.
Не како оној за парада ма Трамп од пред без малку три години, туку ако оние од минатото, од времето на поделена Европа и на „студената војна“.
Тоа време на средбите на врвот на Роналд Реган и Михаил Горбачов сега веќе го нема.
Светот е поинаков, меѓународните односи се различни, тука е и Кина, но вистина е дека нема никаква комуникација, почитување и барем малку разбирање меѓу Москва и Вашингтон. Нема „студена војна“ во обемот каква што беше пред триесетина години, но сегашниот мир е во длабоко смрзнување. Затоа е потребен овој Самит во Женева – без разлика што тој можеби нема ништо да разреши.
(С.Г.)