Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Израел во нова војна со Хамас

sergunt/Depositphotos.com

Израел во нова војна со Хамас

Она што започна како судир со верски навреди и кошкање, а продолжи со тепачки со камења на Брдото на Храмот во Ерусалим, сега се претвори во нова војна на Израел – не толку со Палестнците и со Арашите, колку само со Хамас – милитантна исламистичка, палестинска организација која владее со појасот Газа.

Веќе пети ден траат силните воени судирања на израелската армија со исламистичките борци на Хамас, не покажувајќи, засега, знаци дека овој најнов нивни судир би можел брзо да запре. Палестинците од Газа продолжуваат да лансираат ракети кон израелската територија кои паѓаат врз цели во градовите на југот од Израел, каде секојдневно има жртви меѓу локалното население.

Од израелска страна, на сето тоа се одговара со моќен артилериски оган и силни воздушни напади, оправдувајќи ја интервенцијата како чин на самоодбрана. Во исто време, израелската армија продолжува да се мобилизира на самата граница од појасот, на која има бројни оклопни возила и тенкови, спремни секој момент да извршат и копнена интервенција.

Внатрешни и надворешни причини

Во текот на ноќта, меѓу четвртокот и петокот, прво беше соопштено дека Израелците ја имаат минато граничната линија и дека навлегуваат на територијата на Газа, но потоа таквата информација беше демантирана.

Бенјамин Нетанијаху, во својство на раководител на техничката влада во Израел, не даде никакво објаснување за вестите кои кружеа во домашните и светските медиуми, околу инвазијата врз појасот, сместен меѓу Медитеранот, Египет и израелската територија, но порача дека „Хамас плаќа висока цена во Газа“, објаснувајќи дека операцијата на армијата ќе трае се додека за тоа има потреба.

Она што го интересира светот е прашањето – зошто сега (наеднаш) избувна нова војна на Израелците со милитантите од Хамас.

Посебно, во време на затоплување на израелско – арапските односи, кога Израел нема влада и по четвртите, едно по друго, организирани (неуспешни) вонредни избори, а Нетанијаху го врати мандатот, и кога земјата е во еуфоријата дека ја победила пандемијата со коронавирусот.

Проценка на безбедносни и политички експерти за оваа, најнова војна сметаат дека има и внатрешни и надворешни причини.

Испровоцирани судирања?

Прво, тоа е политичката нестабилност, како во Израел, така и во самата Палестина.

По серијата пропаднати избори во малку повеќе од две години, Нетанјаху е на работ да доживее политички крај, а тоа да придонесе неговата долга кариера, безмалку 15 години е премиер, да заврши со затворска казна. За него велат дека на власт се има одржано толку долго само затоа што мајсторски знае да ги користи кризните ситуации, посебно кога станува збор за безбедноста на државата.

Во Палестина, исто така, треба да има избори, на кои уште еднаш традиционалниот и умерен Ал Фатах, на некогашниот лидер Јасер Арафат и милитантниот, исламистички Хамас се борат за превласт, не само во Газа, туку и на другите палестински територии.

Некои затоа сметаат дека со испровоцираната војна, Хамас, всушност, им се одмаздува на Ал Фатах и на палестинскиот претседател Махмуд Абас за одлуката да ги одложи изборите – настојувајќи низ новите палестински жртви да им покаже на младите Палестинци дека само Хамас се бори за палестинската кауза и само оваа организација може да ги заштитува Палестинците.

Војна за територија

Во таквото политичко позиционирање, внатре меѓу самите палестински политички лидери, не е битно ниту тоа што од ваквите политикански игри страдаат цивили.

Затоа што Хамас и сега своите ракети (од иранско потекло) ги лансира од густо населените градови и градски квартови во појасот, врз кои Израелците истураат гранати и авионски бомби, настојувајќи да ги уништат лансирните рампи кои „префрлаат“ ракети на израелската територија.

Хамас, очигледно, добро се има снабдено со ракети во изминатиот период. Досега има испукано над две илјади кон територијата на Израел. Тие се фалат дека може да ги погодат и Ерусалим и Тел Авив, иако израелскиот против – ракетен систем „Купола“ најголемиот број од нив ги обара или уништува пред да ја погодат целта.

Токму таквиот начин на војување и свесно жртвување на цивилите, предизвикува многу повеќе загинати и убиени кај Палестиците, отколку кај Израелците кои имаат изградено и подземни склоништа.

За некои европски аналитичари, меѓутоа, војната со Хамас е и војна за територија, пред се, за Ерусалим, поврзано со старата верска војна на Евреите со муслиманите. Во таквата ситуација – светиот град Ерусалим – е свето место и за едните и за другите, како што е и за христијаните, уште од пред две илјади години.

Соломон и Мухамед

Пред повеќе години, поради Ерусалим, пропаднаа и мировните преговори на Ехуд Барак, тогаш израелски премиер и Арафат, што се одржуваа под менаџирање на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, околу тоа кому целосно да му припадне, чиј главен град да биде, или да се подели на арапски (палестински) и еврејски (израелски). И едните иуд ругите го сметаат како “нешто недопирливо“ и само за нив. Посебно тоа се однесува на Брдото на Храмот на кој е муслиманската „светост“ џамијата Ал – Акса.

Брдото кое доминира над градот се нарекува така затоа што на него (се верува) бил подигнат монументалниот храм на кралот Соломон. Тој бил урнат, а Евреите биле протерани од Ерусалим во 132 година од новата ера.

Муслиманска светот станува кога во 621 година, пророкот Мухамед, на својот криласт коњ, се воздигнал на небото, па муслиманите, во негова чест, на истото место каде бил соломоновиот храм, подигнале голема џамија. А, таа е третото по значење свето место за муслиманите во светот. Тоа е она што ги обединува муслиманите, но тоа е и она што ги дели и прави раздор со Евреите и нивната држава Израел.

Скептиците затоа веруваат дека и кога ќе заврши сегашнава војна – кога Хамас ќе го потроши својот ракетен арсенал – вистински мир нема да има. Се додека не се разреши прашањето на Ерусалим, пред се, на неговиот источен дел, за тоа кој смее да ја има контролата врз Брдото на Храмот.

(Е.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе