Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Скопје е далеку од Капитол

Скопје е далеку од Капитол

На почетокот од јануари светот остана вчудоневиден од она што се случуваше во Вашингтон, на тамошниот Капитол, во и околу зградата на американскиот Конгрес (Парламентот).

Едноставно, никој не можеше да верува во она што го гледа – како криминална толпа, од ултрадесничари, расисти и оние кои заговараат бела супремација го напаѓаат Конгресот и совладувајќи го отпорот на дежурните од обезбедувањето, разулавени влегуваат во зградата. А, дека не беа само толпа „незадоволници“ од изборните резултати и од поразот на ним омилениот, десничарски кандидат (Доналд Трамп), кои божем спонтано се собрале да протестираат, открија тонските записи од снимениот филмски материјал.

Од снимките се слуша како водачите на толпата се довикуваат, барајќи ја канцеларијата на Ненси Пелоси, спикерот на Конгресот – за да се пресметаат со неа. Не успеаја да ја најдат, затоа што безбедњаците и полицијата која со задоцнување пристигна за да интервенира, ја имаат префрлено на безбедно место. Само ја демолираа нејзината канцеларија и го украдоа нејзиниот лаптоп.

Бунтот на Трамп против Бајден

Во нападот на Капитол, што поранешниот претседател Џорџ Буш, прв го означи како побуна во Вашингтон, загинаа шестмина – еден полицаец и петмина бунтовници, вооружени со огнено оружје. Но, најголемата штета беше направена врз имиџот и престижот на САД, во повредата на демократијата и во оскрвнувањето на светоста на законодавниот дом и на неговите демократски вредности.

Беше тоа (срамен) бунт против изборниот и политичкиот систем на САД, против победата на изборите, бунт против одлуката на низа тамошни судови, организиран за да му се удоволи на еден десничарски, популистички и поразен политичар кој својот гнев кон политичкиот противник го изрази повикувајќи разулавена толпа на митинг во Вашингтон, а потоа барајќи од неа да го освои Конгресот и да не се дозволи да „победи изборната измама“.

Во април 2017 година, на другата страна од Атлантикот, во Европа, меѓународната јавност, остана вчудоневидена од она што се случуваше во Скопје, во Македонија, во нејзиниот Парламент кога иста таква толпа од разулавени ултра – десничари, националисти и лажни патриоти – прво, го нападнаа, а потоа насила и навлегоа во законодавниот дом – уривајќи се пред себе. Настојувајќи по секоја цена, да се пресметаат со своите политички противници.

Вмровски бунт за спас на режимот

Остануваат за паметење (срамните) слики на кои се гледа делото на тепачите на тогашната власт кои го нападнаа и му ја раскрварија главата на мандатарот за состав на новата, поинаква влада, кои натепаа и повредија сегашна министерка во владата, тогаш пратеник, кога брутално тепаа еден од пратениците од албанската етничка заедница, кои заврши во болница, кога се обидуваа да се пресметаат и со новинарите и камерманите кои се затекнаа во салата, на страната каде беа луѓето што тие сакаа да ги потепаат.

Само за да му покажат на својот (и тогаш избеган во странство) водач – деспот дека му се лојални и дека толку се големи „патриоти“ што ако треба и би убиле за татковината, која по се она што го направија таа вечер, на 27 април, пред четири години, само покажаа дека никогаш не ја сакале. Она што единствено го сакале била само власта, позициите и привилегиите што таа им ги носи, како и парите што преку власта треба да ги направат.

Вмровската партија го поттикна нападот, откако претходно ги натера луѓето во толпата да се соберат пред парламентарниот дом, додека внатре се формираше новото парламентарно мнозинство.

Обид за пуч

Оваа партија ја организираше толпата во која беа и луѓе кои подоцна ги нудеше како свои пратенички кандидати, само затоа што она што се случуваше во Парламентот значеше пораз на оваа партијата и што е поважно – пад на режимот кој за безмалку 11 години, од Македонија направи приватна компанија за водачот и за неговото опкружување. Од земјата која и тогаш (формално) имаше амбиции за ЕУ/НАТО, создаде деспотија, со авторитарна власт.

Организирајќи немири пред Парламентот кои требаше крваво да завршат, вмровската партија сакаше да предизвика длабока криза во државата, врз меѓунационална основа, а тоа да биде основа за воведување вонредна состојба.

Практично, стануваше збор за обид за ПУЧ за да се спречи трансферот на власта врз (тогаш) главната опозициска партија со новата коалиција што ја создаде – за да може дружината на водачот да владее онака како што се владее во една Русија.

Стануваше збор за предавство на демократијата и на демократските вредности кои 30 години не може да се зацврснат во Македонија од такви квази – патриотски, националистички изливи што не може да се откачат од матрицата на авторитарноста.

Во служба на туѓи интереси

Таа ноќ, меѓутоа, стануваше и за едно друго предавство, затоа што во настаните во Скопје беше откриено странско мешање – на странски разузнавачи кои беа дури и во Парламентот – од соседството, од подалечното соседство, како и од малку подалеку.

Сето тоа таа ноќ многу заличи на настаните во Црна Гора, во октомври 2016 година, кога тамошната просрпска и проруска опозиција, се обиде со помош на српски и руски разузнавачи на денот на изборите да го собори тогашното водство на оваа држава. И Белград и Москва побрзаа да демантираат дека имаат некаква врска со обидот за пуч, но двајца руски разузнавачи побегнаа преку српската територија.

Властите во Подгорица ги обелоденија имињата на оние замешани во организацијата на пучот. Во Македонија, пак, еден од српските тајни оперативци брзо се префрли на својата територија, сокривајќи се зад дипломатскиот имунитет. Како што имаат направено и оние од другите странски земји.

Но, рускиот шеф на дипломатијата продолжи и понатаму да војува против новата, прозападна влада во Скопје. Затоа што таа како прва досега (конечно) беше решена да го затвори спорот со Грција за името Македонија, како и договорот за пријателство со Бугарија – за да државата влезе во НАТО и за да почне преговори со ЕУ.

Москва има свој човек

Москва е против тоа, па затоа во Црна Гора го направи тоа што го направи, а во Македонија го одбра (сега) избеганиот вмровски лидер – осуденик за криминал – за сојузник. Тој (со Србија) ќе требаше да ги заштитува руските интереси на Балканот – како брана против НАТО и ЕУ – што за Русија се една иста закана.

Руската страна се противеше на дилот на Скопје со Софија, на договорот од Преспа, се противеше на влезот во НАТО, задоволна е што (одново други) не заглавија за во ЕУ – па, затоа и односите ни се такви какви што ни се – дури и тогаш кога треба да ни ги испорачаат нарачаните вакцини.

Се до овде, иако во сосема различни околности и позиции – може да се најде сличноста на она што се случи во Капитол во Вашингтон, со она што ни се случуваше во Македонија пред четири години. Се друго, од тука, па натаму е различно.

Над 470 лица се уапсени во САД и против нив се води истрага за бунтот и за упадот во Конгресот. Не им се суди само на оние кои го нападнаа Претставничкиот дом во американските главен град, туку се трага и по основите за можен заговор. Затоа што бунт и тоа во САД не се прави туку така.

Директно го посочуваат Доналд Трамп како главниот виновник и поттикнувач на случувањата, дури и угледни функционери од републиканската партија ја истакнуваат одговорноста за осрамотувањето на Америка.

Потрага по организаторот

Во Македонија се осудија оние за кои се утврди дека стоеле зад пропаднатиот пуч на се уште важечката власт, против опозицијата, новото мнозинство и против државата. Се мислеше дека барем тој дел од работите се затворени.

Домашната јавност и медиумите, во стилот – било што било – не се трудат да истакнат дека главниот во сето ова е бегалецот што е на гости кај Виктор Орбан, а ниту да прашаат што правел таа ноќ неговиот генерален секретар на партијата. Каде бил и каква била неговата улога како втор човек во вмровското друштво – задолжен за организацијата на партијата на теренот.

Наместо тоа, онака како што Трамп ги нарече напаѓачите на Капитол “патриоти“, овдешните ултра – десничари и националисти, сега собрани околу лидерот кого бегалецот го одбра да му го чува местото – тепачите и напаѓачите на македонскиот Парламент, ги нарекуваат – „уставобранители“!?

Тоа значи дека досието „27 април 2017“ не треба да се затвора. Треба трпеливо да се собираат докази за вмешаноста на бегалецот и за улогата на оној кој сега оди по улиците како некаков народен трибун. Како и обично се заканува, ама нуди и правда – секако само за неговите, продавајќи некаков нов Илинден, иако токму тој треба да објаснува уште многу работи пред правните органи на државата.

Џо Бајден не преговара

На денот кога треба барем ДА СЕ ИЗВИНИ за она што неговите го направија, како и за ставањето на тоа партиско друштво во функција на странски интереси – тој и неговите се собраа на протест, барајќи правда за осудените за планирање заговор против правниот систем на Македонија.

Биле многу тешко казнети, па човекот прави елаборација на други пресуди, па уште да почне да протестира тие и да се ослободат. Излегува дека тие не се виновни кога пучот не успеа, а да сакале некого да убијат – би убиле, како што тоа го објаснуваше на времето избеганиот екс политичар осуден за криминал.

Како врв на целата оваа бламажа, набрзина се измири со претседателот на државата, за да од неговата резиденција ни се исплаче за тажната судбина на оние осудените, без да се разбере дали бара амнестија.

Излезе потоа и дека една верзија за кафето кај шефот на државата раскажува гостинот, а сосема друга претседателот. Од респект кон функцијата, спремни сме да му веруваме на претседателот, но како правник и политичар, веројатно веќе ги знае работите и состојбите, поради кои Скопје(е далеку од Капитол.

Џо Бајден не преговара со никого за настаните и за казнувањето на бунтовниците од 6 јануари.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе