Пандемијата изговор за кршење на демократијата
Советот на Европа предупреди дека глобалната пандемија има придонесено за влошување на состојбата со демократијата, со демократските права и со личните слободи.
Ваквата констатација се објаснува со сознанијата од теренот – за тоа дека некои влади ги имаат искористено мерките за заштита од коронавирусот, како изговор за поттикнување на недемократските власти и режими.
Во извештајот на овој Совет се вели дека „демократијата е во опасност“, како и дека состојбите во некои од земјите во кои и онака демократијата е загрозена, во текот на целата 2020 година состојбата кај нив уште повеќе се влошила.
Едноставно, за Советот на Европа е “загрижувачко забележеното отстапување во степенот на демократијата“, како и дека се стравува оти “демократската култура нема да се опорави од ваквата состојба“.
Застрашување и апсење
Меѓу државите кои се споменуваат како лоши примери за недемократската пракса и за исто таквото однесување, во текот на пандемијата, во минатата година, Советот ги посочува Русија и Турција, како и Азербејџан и Молдавија, но членката на ЕУ – Унгарија.
Како примери за недемократската пракса се посочуваат застрашувањата и самоволното затворање (ставање во притвор без судење) на критичарите на власта во споменатите земји, потоа на критички определените новинари и на луѓето вклучени во цивилните и невладините организации, но и извршувањето промени во правосудните системи, спротивни на демократските стандарди и принципи.
Изборите во многу земји беа одложени (под изговор на пандемијата), или пак беа спроведени, набрзина, во помалку идеални услови, затоа што се покажа дека е практично невозможно да се спроведе надгледување на изборниот процес.
Злоупотреба на моќта
Секаде – повеќе, или помалку – власта во изминатата година беше централизирана и оставена во рацете на владите, што генерално не може да се осудува поради вонредната ситуација.
Но, политичката и извршната моќ е злоупотребувана (и за други потреби), или пак таквата концентрација на моќта на владите е оставена да трае предолго, најчесто непотребно, како што тоа е во унгарскиот случај.
Како негативни примери – последица на пандемијата – извештајот на Советот на Европа ги посочува ситуацијата со жените и со мигрантите.
Затворени поради состојбите на карантин и локдаун, жените во своите домови се повеќе од обично злоставувани во претходната година. Мигрантите, пак, под изговорот за одбрана од епидемијата – повеќе биле изложени на разни притисоци и на нападите од власта.