„Зелените“ на врвот од германската политика?
Последното испитување на јавното мислење во Германија покажа дека партијата на Зелените ја има поддршката на 25 отсто од гласачите, што ја прави најпопуларна партија на германската политичка сцена, на која со децении доминира десно – центристичкиот блок ЦДУ/ЦСУ.
Овој блок што веќе 16 години го предводи актуелниот канцелар Ангела Меркел е сосема близу. Во анкетата има добиено поддршка од 24 отсто, но споредено со изборите од пред четири години тоа претставува пад од десет отсто.
Тогаш, Зелените освоија само девет отсто од гласовите на Германците, па затоа, сегашното нивно избивање на првото место во рангирањето на партиите во Германија претставува големо изненадување и силен пресврт во определеноста на тамошното гласачко тело.
Ново поглавје
Доколку ваквиот распоред на силите би се одржал и на денот на изборите (закажани за септември) партијата на Зелените, чиј зародиш треба да се бара пред 40 години во хипи – времето, би можела да се јави како силен претендент за формирање германска влада и за прв пат досега, за добивање на функцијата канцелар.
Оваа некогаш маргинална партија која почна со радикализам и со барања за радикални промени и за соборување на целиот (тогашен) политички и општествен систем, сега има сосема поинаков имиџ. Шарените кошули ги заменија со костуми, а бунтовништвото со прагматизам, што го прифаќаат мнозинството Германци, верувајќи дека тие се подготвени и да ја преземат одговорноста – за да предводат земја каква што е Германија – водечка сила во Европа.
Нивниот лидер е жена – Аналена Бербок, за која во германската јавност се верува дека таа, а не новиот партиски лидер на ЦДУ, треба да ја наследи Ангела Меркел на канцеларската функција. Оние кои потемелно ја познаваат, велат дека Бербок сега е токму онаква каква што беше Меркел, кога Хелмут Кол ја определи за свој наследник.
„Ова е почеток на едно ново поглавје, не само за партијата, туку и за Германија“ – има изјавено лидерката на Зелените, коментирајќи ги резултатите од оваа анкета.
Прв пат со Јошка Фишер
Бербок е кандидат на Зелените за канцелар на септемвриските избори, порачувајќи им на Германците дека и таа и нејзината партија имаат јасна идеја за тоа како да ја водат земјата. Таа ги повикува гласачите да застанат зад Зелените, за да, како што има речено, заеднички предводат една разноврсна, силна и богата држава (Германија) во нејзината подобра иднина.
„За тоа се потребни промени, а Зелените имаат сила и знаење да ги донесат“ – порачува Аналена Бербок.
Како година со која се означува трансформацијата на партијата, се споменува 1998, кога после тогашниот изборен успех, Зелените (за прв пат) влегоа во владата – во коалција со германските социјалдемократи на Герхард Шредер кој беше канцелар. Тогашниот партиски лидер Јошка Фишер стана министер за надворешни работи и остана на таа функција се до 2003 година.
Неговото влегување во владата, а посебно начинот на кој како министер ја водеше германската надворешна политика, меѓутоа, предизвика остро несогласување на, во тоа време, се уште силниот левичарски партиски блок. Настанаа внатрепартиски превирања, што гласачите го казнија на првите следни избори.
Регионален канцелар
До 2011 година, Зелените останаа на маргините на германската политика.
Таа година, меѓутоа, како последица на катастрофата со атомската централа во Фокушима, во Јапонија, канцеларот Меркел ја прифати заложбата и политичката определеност на Зелените – Германија да се откаже од своите нуклеарки – за да се спречи една таква катастрофа на германска територија, а преку неа и на европското копно.
Токму тогаш оваа партија, за прв пат, доби и регионален канцелар во Баден – Виртенберг кој веќе десет години е на таа функција, што партијата на Зелените го смета за клучен доказ за способноста да ја водат земјата.
„Ние не сме повеќе оние луди Зелени, како што не нарекуваа“ – велат сега од оваа партија, имајќи во предвид фактот дека двете традиционални партии, десниот блок ЦДУ/ЦСУ и левиот – СПД, ја губат довербата кај гласачите, во ова време на пандемијата со коронавирусот.
„Зелено-црна коалиција“
Аналитичарите во Германија веќе прават пост – изборна математика, за тоа што би било кога Зелените би ја задржале оваа позиција и следниот ден по изборите на есен. Проценка е дека мала е веројатноста оваа партија да извојува уверлива победа и сама создаде „зелена“ влада.
Останува другата варијанта – правење коалиција – што е повеќе веројатно.
Првата би можела да биде – лева коалиција (Зелените, СПД и германската левица, која во последната анкета има солидна поддршка од осум отсто). Втората варијанта би била Зелените, одново СПД и либералите кои пред дваесетина години беа во германската влада. Тие сега одново бележат зголемена поддршка кај гласачите.
Проблемот е што Зелените и либералите имаат големи разлики околу идната економска политика.
Затоа, во ситуацијата – што би било, кога би било – проценка на политичките експерти е дека идната германска влада би била (секако) коалициона, но означена во „црно – зелени“ бои, односно тоа би била коалиција на Зелените и десниот блок ЦДУ/ЦСУ. За нив, се верува дека и на изборите, како и сега во анкетата, би се изјасниле најголемиот број од гласачите. Доколку сега би имало избори – тие заедно би освоиле 49 отсто од вкупните гласови.
Добро за ЕУ и Западен Балкан
Меѓутоа, би останало нејасно кој тогаш би бил канцелар. Зелените уште сега порачуваат дека доколку освојат најмногу гласови, тогаш во преговорите со другите партии ќе инсистираат нивниот лидер, а тоа е Бербок, да биде германски канцелар.
Европските посматрачи кои покажаа силен интерес за најновото рангирање на партиите во Германија, сметаат дека победа на Зелените, или успех на изборите и влез во идната влада, би бил добар резултат и за ЕУ и за Европа.
Прво, затоа што Зелените се силно проевропски определени, инсистирајќи за почитување на човековите права и за владеење на правото и за социјална правда. Второ, затоа што како партија силно се залагаат за проширување на ЕУ, за внесување на земјите од Западен Балкан во Унијата.
Нивната заложба е – дека на Европа не и се потребни нови Орбани, ниту непочитување и изигрување на вистинските европски вредности на кои инсистираат земјите од Западот. Според оваа партија, не може повеќе да се толерираат фингирани демократии, исто такви реформи и создавање на авторитарни власти. Земјите од регионот треба да се повлечат во ЕУ, за да се уредат врз основата на почитувањето на вистинските вредности врз кои се темели Унијата.