Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Сто години на Северна Ирска

aliceinwonderland2020/Depositphotos.com

Сто години на Северна Ирска

Островот Ирска што географски е дел од Британските острови, од 1921 година политички е поделен на она што денес е познато како Република Ирска, со главен град Даблин и на Северна Ирска која остана дел од Обединето кралство, каде главен град е Белфаст.

При поделбата, направена за да конечно се разреши т.н. ирско прашање, откако островот седум векови беше дел – прво од Англија, а потоа и од Велика Британија – на Републиката (на југот) и припадна целиот остров, освен шесте североисточни области, познати како Алстер, од кои беше создадена покраината Северна Ирска.

Како критериум во преговорите, за прифаќање на ирската посебност и за одделување од Британија, што во името на Ирците ги има водено Мајкл Колинс, лидер на ирското национално движење, кое по Велигденското востание во Даблин, во 1916 година, има започнато вооружена борба за независност од Британците, додека за Британците преговорите ги водел премиерот Дејвид Лојд Џорџ – освен етничката различност, била земена – религијата.

Католици и протестанти

Населението во новата ирска држава (тогаш се уште со ограничена сувереност) се има декларирано како католичко. Северниот дел од островот, пак, според Британците требало да се издвои од целината, затоа што во тие шест области – мнозинството го чинеле протестантите кои таму се населувале уште во 16 век – префрлајќи се на островот од Англија и од Шкотска.

На Северот имало порано и се уште има и католици, па таа религиозна разлика, за која пред неколку векови и се војувало, ја има покренато меѓусебната нетрпеливост. Тоа, пак, го покренало различното гледање и толкувањето на историјата.

Таквата состојба е задржана низ сите изминати сто години, а разликите меѓу двете (верски) заедници се уште се основата за недоразбирањата, за неможноста секогаш да се постигне компромис, дури и кога тој е неопходен за целото население. Конечно, целата таа и таква атмосфера и сега предизвикува меѓусебни судирања.

Договор за мир

И покрај постоењето на мировниот договор од Велики петок, од април 1998 година, што стави крај на повеќе од тридецениските “сиви години“ во покраината, исполнети со тероризам, убиства и улични пресметки, локалните католици, посебно помладите, се уште веруваат дека се „второкатегорно население“, како и дека мнозинските протестанти и натаму се фаворизирани.

Покраината има локална власт, сопствена влада во која мора да има претставници на двете заедници – според тоа која колку проценти од гласовите ќе освои – но, протестантите се и унионисти и тие инсистираат на тоа да бидат дел од Велика Британија.

Католиците, пак, кои ги нарекуваат и републиканци – националисти, продолжуваат да сонуваат за повторното обединување на островот и за приклучување на Северот кон Југот на Ирска.

Договорот од пред 23 години, сепак, силно ги намали тензиите, успевајќи да го врати мирот, особено откако двете жестоко спротивставени партии – ДУП на унионистите и Шин Феин (некогашно политичко крило на милитантната, паравоена организација ИРА) – седнаа на иста маса, како министри во северноирската покраинска влада – за да работат во интерес на сите Северноирци.

Заканата од Брегзит

Граден, практично, врз основите на кои се изгради и се уредува Европската унија, мировниот договор обезбеди елиминација на границата меѓу двата дела на поделениот ирски остров, што ги амортизираше заложбите – обединувањето да се изврши низ вооружена борба, онака како тоа го имаше започнато ИРА.

Конечно, самата ЕУ и членството на Британија во Унијата само го помагаше мировниот процес, во кој од почетокот се имаше вклучено и Република Ирска. Прво, со откажувањето од својата уставна одредба за обединување на островот и второ, со санкционирањето на припадниците на ИРА третирајќи ги на својата територија – како терористи – исто онака како што беа третирани и во Британија.

Работите почнаа да се менуваат откако Англичаните во Британија го истуркаа Брегзит, на референдумот од 2016 година, иако мнозинството Северноирци, како и мнозинството Шкотланѓани беа против излегувањето на Британија од ЕУ.

Во Северна Ирска, затоа што се стравуваше од последиците од Брегзит врз мировниот договор и врз целиот мировен процес, плашејќи се од повторното враќање на годините исполнети со насилство.

Протокол за Северна Ирска

Евроскептиците кои доминираат, главно, во англискиот дел на Британија и натаму тврдоглаво инсистираат дека за земјата е подобро да биде надвор од ЕУ, но од почетокот се свесни дека за британската економија е далеку подобро да има спогодба со Брисел за новите односи меѓу Лондон и Унијата.

За да се постигне тоа, меѓутоа, британската страна мораше да прифати некоја варијанта за посебен статус на Северна Ирска во пост – брегзит годините. Најмногу затоа што ниту Брисел, ниту Лондон, а ниту САД кои се гаранти за спогодбата од Велики петок, не сакаа одново да се воспостави „цврста“ граница меѓу Северот и Југот на Ирска.

Во таквите услови, британската влада прифати нова верзија на „протоколот“ за Северна Ирска. Според него, британската покраина, на некој, начин се издвојува од Британија, кога станува збор за трговијата и за целокупната комуникација на ЕУ со Британија.

Во исто време, радикално се менува и меѓународниот статус на Северна Ирска, што инаку, владата во Лондон, настојуваше, без голема врева, да го протури во британската и посебно во северноирската јавност.

„Граница“ на Ирско море

Сега, кога тој почна да функционира, повеќе не можеше ништо да се сокрива – од почетокот на февруари, на територијата на Северна Ирска и во нејзините пристаништа се прават проверките на се што оди, или доаѓа за Република Ирска, според законите и прописите на ЕУ, а не на Велика Британија, со што излегува дека покраината е претворена во економско – трговска „тампон зона“ на Унијата.

Или уште повеќе – стапувањето во сила на „северноирскиот протокол“ (фактички) значи повлекување „граница“ на Ирско море.

Новата ситуација, иако е создадена во интерес на Северна Ирска и мирот во покраината, предизвика разликите меѓу двете страни, уште еднаш да излезат на површината и да предизвикаат проблеми – на улиците од Белфаст.

Решубликанците и Шин Феин, кои инаку силно се противеа на Брегзит, брзо настојуваа да се приклонат кон новата ситуација – задоволни што Северна Ирска се „одделува“ од Британија и станува „поблиска“ до Даблин, отколку до Лондон.

Уште некои од северноирските националисти почнаа да зборуваат и дека Брегзит го „поттикнува ирскиот сон за повторното обединување“ на Островот.

Револтот на унионистите

Унионистите, пред се, оние од ДУП цело време слепо ја подржуваа секоја политика на британските конзервативци и на актуелниот премиер Борис Џонсон.

Дуповци го имаат одмолчено дури и времето кога се правеше протоколот и кога Британија и ЕУ се расправаа за статусот на Северна Ирска во договорот за Брегзит. Тоа, меѓутоа, ги испровоцира „обичните“ северноирските унионитсти, оние запаленковци кои стравуваат дека покраината ќе биде „анектирана“ од Република Ирска.

Тие сега му се спротивставуваат на партиското водство на ДУП, обвинувајќи го дека дозволува покраината, како и тие самите да го загубат својот „британски идентитет“, па излегоа на улица – да протестираат против Лондон и британската влада. Едноставно, ги обвинуваат дека ги „продале“ на Европа за да се обезбеди договорот за слободна трговија меѓу Британија и ЕУ.

Правни експерти уверуваат дека тоа не е така и дека во сето ова најмалку е виновен Брисел. Особено затоа, што целата работа во преговорите, во текот на кои „настрада“ и еден британски премиер, беше како да се обезбеди ситуација која нема да ја наруши стабилноста на Островот и да не му наштети на договорот од Велики петок.

Пораката од кралицата Елизабета

Меѓутоа, во Лондон Џонсон и нему блиските медиуми, се прават како да не гледаат што се случува во покраината.

Од почетокот на април, веќе еден месец, главно во Белфаст, постојано има протести на унионистите и судирања со полицијата во која се употребува најомиленото тамошно оружје – „молотовите коктели“ и камењата.

Не е затоа ни малку случајно што по повод 100 годишнината од создавањето на Северна Ирска се огласи британската кралица Елизабета, која и не би требало да се занимава со политика. Нејзината порака за овој датум, сепак, носеше политички пораки – а, пред се, дека помирувањето не е работа што е еднаш за секогаш е завршена.

„Јасно е дека помирувањето, еднаквоста и меѓусебното разбирање не можат да се земаат здраво, за готово, туку дека е потребна цврст сила и исто таква определениост за да тоа се одржува“ – вели кралицата во пораката.

Според британскиот суверен, датумот кога пред еден век е создадена Северна Ирска, “потсетува на сложената заедничка историја, но во истовреме нуди и можност за размислување – како за заедништвото, така и за различностите“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе