Бугарските социјалисти не сакаат мандат
Бугарија веќе влезе во „израелското сценарио“ по неодлучените парламентарни избори од 4 април, на кои ниту една партија не обезбеди мнозинство за формирање влада, ниту пак кај партиите кои влегоа во (новиот) Парламент, постои спремност за правење компромис, за да се создаде коалиција, па земјата веќе се подготвува за уште едни избори – најверојатно на 11 јули.
Ваквата разврска изгледа како неминовна, откако бугарските социјалисти (БСП) објавија дека одбиваат да создадат нова влада, уште пред формално да им биде врачен мандатот, како на треторангирана партија на минатомесечните избори, што треба да се случи на 5 мај. Објаснија дека веднаш по примањето, тие ќе му го вратат мандатот на претседателот Румен Радев.
Нови избори за два месеци?
Претходно, квалитетно мнозинство за стабилна влада не успеаја да обезбедија ниту ГЕРБ на доскорешниот премиер Бојко Борисов, партија која е на власт десет години, а ниту второпласираната на изборите – новата партија ИТН на шоуменот, тв водител и пејач на патриотски песни Слави Трифонов, најголемото изненадување на априлското изјаснување на гласачите.
Во една ваква пат ситуација, претседателот Радев, многу е веројатно дека ќе се определи за распуштање на овој (новоизбран) Парламент, за именување на привремена, техничка администрација која би функционирала во следните два месеци – до уште едни избори.
Оваа ситуација е последица на тоа како гласаа бугарските граѓани, но и на политичката ситуација во земјата која трае со месеци – насочена да се истисне од власт – по секоја цена – ГЕРБ (десни-центристичка идеолошко партиска опција), иако засега нема партиска сила, ниту спремност на другите партиски играчи, да се согласат меѓусебе за влада на коалиција од повеќе партии.
На штета на државата
И покрај обвинувањата за корупција, ГЕРБ и на 4 април освои најмногу гласови, иако помалку отколку на последните избори пред четири години. Социјалистите доживеаја дебакл, загубувајќи половина од својот пратенички состав.
Гласовите кои обично ги добива БСП заминаа кај ИТН на Трифонов, каде има и дел од гласовите кои на минатите избори ги имаше добиено Борисов.
Политичкото инаетење во типичен балкански стил и неспремноста да се најде компромис, меѓутоа, директно и штетат на државата и на нејзините државни интереси. Се додека во Софија нема стабилна влада, Бугарија, иако најсиромашна земја-членка на ЕУ, не ќе може да ги повлече парите кои и следуваат – од специјалниот фонд за економско оправување на земјите на ЕУ – „тежок“ 750 милијарди евра.
Иако тие и се исклучително потребни, во сегашниот политички локдаун во кој е сместена, Бугарија ќе остане без својот дел од овој масивен финансиски „колач“ – барем до почетокот на есента.
„Ендемска“ корупција
Останува нејасно како избувна кризата и како, среде лето, се покренаа протести против владата, обвинувајќи ја за корупција. Едната верзија дека тоа е дел д внатрешните политички изгри кои и онака ја држат прикована земјата за дното на ЕУ, а другата е дека станува збор за „странско масло“ – на сила на која и одговара една ваква Бугарија.
Особено што и пред ГЕРБ оваа земја беше посочувана како една од членките на Унијата, од некогашна комунистичка источна Европа, со „ендемска“ корупција, заедно со Романија, Унгарија и островските членки Малта и Кипар.
Како и да е, одлуката на социјалистите само ја покажува немоќта на домашните партии да го тргнат сопствениот егоизам, во интерес на државата и на нејзините граѓани кои се добива впечаток дека сосема убаво се вклопени во политичката слика на денешна Бугарија.
Политички егоизам
За поздравување е определбата на гласачите да ги казнат и да се дистанцираат од крајно-десничарските и националистички партии како софиското ВМРО, или Атака, но (по малку е политички несериозно), или можеби очајнички – да се определат за еден популист и за анти-естаблишмент насочена партија, во една ваква ситуација.
Уште повеќе што Слави Трифонов од порано има зборувано дека тој нема да коалицира со ГЕРБ и со социјалистите, што уште пред изборите навестуваше политичка блокада.
Социјалистите, од своја страна, тврдеа дека по никаква цена нема да подржат влада со Борисов и ГЕРБ и дека со нив нема да прават коалиција.
Сега ги критикуваат и трите нови парламентарни партии кои не сакаат да коалицираат со БСП. Нивниот лидер Корнелија Нинова, ги обвинува за „политичка незрелост“ и за тоа дека “не можат да го надминат своето его“. Според неа, бесмислено е БСП да се обидува да создаде влада, кога уште на стартот се знае дека нема да успее.
(С.Б.)