Израел: Педесетина мртви на верски празник
Педесетина мртви и над 150 ранети, од кои голем број се тешко повредени, е првичниот биланс од човечкото стампедо во северо-источен Израел, во време на одржувањето на еден верски празник.
Станува збор за празникот Лаг Б Омер, што се одбележува со бдеење во текот на целата ноќ и се одржува секоја година во ова време, во подножјето на планината Мерон. Празникот е посветен на рабинот Шимон Бар Јохај кој живеел во вториот век и пред смртта, оставил аманет – годишнината од неговата смрт да се одбележува со славење на неговиот живот.
Голема маса од околу 100 илјади ултра – ортодоксни Евреи се собрале во четвртокот крај гробницата на рабинот што сега е претворена во светилиште, едно од најзначајните во еврејскиот свет. Но наместо да биде празник на радоста и светлината, како што е замислено, оваа година Лаг Б Омер се има претворено во трагедија и тага.
Ова е најголемата цивилна катастрофа во Израел, во неговата модерна историја.
Стампедо кај планината Мерон
Според извештаите на медиумите, голема толпа од над илјада верници се втурнала да помине покрај гробницата на рабинот, во ноќта меѓу четвртокот и петокот, што требало да биде ноќ во која (само мажи) минуваат заедно со палење огнови, во бдеење, во пеење мистични песни и играње такви танци.
Преминот низ кои се обидувале да помине толкава бројна маса луѓе е тесен, стрмен и во еден дел со бетонски скали. Наеднаш толпата почнала да се „бранува“. Луѓето почнале да остануваат без здив и без воздух, притиснато цврсто едни во други.
Весникот „Хаарец” повикувајќи се на изјави од сведоци, тврди дека трагедијата се случила кога некои од луѓето паднал, а масата од преплашени и распаметени верници, буквално, ги прегазиле оние на земјата до смрт.
Големиот број мртви во човечкото стампедо има предизвикано шок во израелската јавност.
Бенјамин Нетанијаху кој по четврти пат се обидува да создаде влада, по исто толку одржаните неодлучени избори, го нарече овој инцидент „голема човечка трагедија“. Меѓу загинатите има и деца.
Политикански игри
Сето ова се случува и во време по успешната вакцинација, што според Нетанијаху доведе – Израел ја има совладана пандемијата со коронавирусот – па, ова ноќно бдеење, што владата дозволи да се одржи е најголемото собирање на толку голема маса луѓе, на едно место, по повеќе од една година, без притоа да се почитува било каква мерка за заштита од инфицирањето.
Минатата година, собирот беше забранет, па затоа сега критичарите на Нетанијаху го обвинуваат, зашто, воопшто, има дозволено да се прославува празникот.
Ваквата одлука се поврзува со настојувањето на мандатарот да им се додвори на ултра – ортодоксните Евреи, од чии партии во Кнесетот, зависи дали ќе може да формира влада и да остане и натаму на власт како, безмалку, „вечниот премиер“, или ќе се соочи со пети, едно по друго, вонредни парламентарни избори.
Проценка е дека доколку тоа се случи, малку е веројатно дека Нетанијаху одново би ја предводел партијата Ликуд која не може да добие потребно мнозинство – најмногу поради нејзиниот вечен лидер за кого опозицијата тврди дека го има претворено Израел во заробена држава.
Празнување и пандемија
Истрагата што е покрената треба да покаже што е причината за трагедијата во подножјето на планината Мерон.
Сведоци изјавуваат дека настанала паника кога луѓето виделе што се случува со толпата во тесниот премин, мислејќи дека дошло до експлозија на бомба, или дека е откриен пакет – експлозивна направа.
После се разбрало дека станува збор за голема несреќа, иако никој не знае зашто морало толку луѓе да навлезат, наеднаш, во тесниот премин. Кога паднале луѓето во првите редови, притиснати од масата, несреќните верници биле убиени од другите во толпата, додека минувале преку нивните тела.
Здравствени експерти реагираа со остра критика кон техничката влада на Нетанијаху и посебно кон него, затоа што не го послушал советот на епидемиолозите кои барале од премиерот да не дозволи маса од 100 илјади луѓе да се собере на едно место.
Особено што „страшниот“ индиски сој на корона вирусот е веќе во Израел. Познато е дека досега има околу педесетина заразени.