Хорор во Индија
Во средината на јануари, изгледаше дека Индија, со своите 1,3 милијарди население, добро проаѓа во борбата со глобалната пандемија.
Популистчкиот премиер Нарендра Моди се фалеше низ светот дека неговата земја успешно се бори со вирусот и дека ситуацијата е под контрола.
На светскиот економски форум, Моди дури прогласи и „победа над вирусот“, па враќајќи се дома, тој и неговата влада почнаа со попуштање на епидемиолошките мерки за одбрана од заразувањето и покрај противењето на експертите.
И, како што тоа секогаш им се случува на политичарите – популисти – на кои гласовите на изборите им се поважни од луѓето – тешко погреши.
Масовни гробници
Само 90 денови по тие зборови на самофалење на индискиот премиер – Индија се соочува со целосен здравствено – епидемиолошки колапс, а земјата и нејзините луѓе, како и армијата од здравствени работници – се соочуваат со вистински хорор, каков нема никаде во светот.
Градските паркови во Њу Делхи се претвораат во масовни гробници, а крематориумите работат 24 часови за да може да се погребаат големиот број жртви од Ковид и од коронавирусот.
Дневно умираат по 3500 лица. Само во еден ден, во вторникот, се регистрирани нови 363 илјади заразени, а лекарите велат дека вистинските бројки на вториот бран од пандемијата во Индија – се многу повисоки.
Болниците немаат кислород
Здравствените експерти ситуацијата ја опишуваат како „мошне критична, која во следните две недели може да биде уште пострашна“. Се стравува дека бројот ма заразените ќе достигне и до 500 илјади за 24 часови, а дека со такво темпо ќе се зголемува и смртноста од вирусот.
Лекарите тврдат дека „Индија е на колена“.
Болниците се преполни. Пациенти се оставаат и по дворовите. Во јавното здравство нема болнички кревети. На еден кревет доаѓаат по тројца пациенти, а во приватните клиники примаат само лесно заразени лица. Нема ни потребен здравствен персонал. Што е најстрашно – нема КИСЛОРОД ШТО ЗНАЧИ ЖИВОТ ЗА ЛУЃЕТО, нема респиратори, а сето тоа, предизвикува и масовно умирање.
Од масовното кремирање, велат дека печките во крематориумите, веќе се на работ да почнат да се топат – од преголема употреба!
Грешка со олабавување на мерките
Земјата го собори светскиот рекорд на дневно новозаразени од 280 илјади, што го држеа САД, па сега Индија е епицентарот на пандемијата.
Инфекцијата се шири низ оваа огромна и низ нејзините густо населени урбани средини и селските подрачја, каде малку кој води грижа за почитување на мерките за заштита – со носење маски и одржување на социјална дистанца од два метри.
Конечно, Индија ја надмина и бројката од вкупно 200 илјади починати, што досега беше регистрирана само во САД, Мексико и Бразил.
Што е тоа што во само три месеци предизвика „победата“ за која зборуваше Моди, да се претвори во национална катастрофа, а тамошните медиуми да опишуваат ситуации за кои велат дека се налик на сцени од хорор филмови.
Епидемиолозите за ваквиот пресврт ја обвинуваат владата која не слушајќи ги предупредувањата на експертите, се определи за олабавување на дотогашните мерки.
Празници, спорт и политички собирања
Прво, дозволи слободно да се прославува хиндуистичкиот фестивал Кумб Мел, на кој се собрале над 3,5 милиони луѓе – нормално – никој од нив не почитувајќи било каква мерка за епидемиолошка заштита.
Потоа, владата има дадено дозвола да се одржи и „Празникот на љубовта“, во чест на вечната, божествена љубов на Радха и Кришна, што го слават најголемиот број од луѓето во сојузната држава Западен Бенгал (каде Моди имаш важни, за него и за неговата националистичка Џаната партија, регионални избори).
Во погрешните владини потези се смета и дозволата за масовни политички собири, митинзи и поворки низ улиците, каде се имаат собрано стотици илјади партиски активисти и партиски приврзаници – пред изборите во четири големи индиски сојузни држави.
Конечно, во олабавувањето на мерките против короната, спаѓа и решението да се одржуваат спортски натпревари, пред се, оние во крикет, меѓу кои е и еден меч меѓу селекциите на Индија и Англија (!?) на кој имало десетици илјади запалени навивачи, како земјата да не живее во услови на пандемија.
Нема колективен имунитет
Лекарите велат се погрешило што се укина карантинот. Поради тоа, привремените корона центри се затворија, а на угостителите им се дозволи одново да работат. Повторно се отворени сите трговски центри и големите пазари, а дозволено било одново да се организираат свадби – сите кои во минатата година биле забранети. На нив се собираат голем број луѓе и тие траат по неколку денови, а на веселбите никој не води сметка за епидемиолошка безбедност.
Всушност, и покрај предупредувањата од експертите, големо мнозинство од јавноста во Индија повеќе му веруваше на премиерот Моди – дека вирусот е навистина победен – па, се вратија на вообичаениот живот.
Директорот на индиското Јавно здравство изјавил за медиумите дека некои почнале дури да веруваат дека е постигнат колективен имунитет.
„Никој не сакаше да слуша дека не е така. Дека нема место за опуштање и дека никаков имунитет не е постигнат, па затоа сега сме во една ваква ситуација„ – има речено Сринат Реди, директор на јавното здравство.
Закана од индискиот вирус
Експертите, пак, се уверени дека хоророт со кој се соочува Индија е последица на некои „типични за Индија“ состојби. Тоа се, како што велат, ароганцијата на властите, хишернационализмот, потоа популизмот и бирократската неспособност да се справат со проблемите.
Згора на се, од пред еден месец, Индија откри постоење на нова варијанта на коронавирусот – индиски сој – за кого велат дека е позаразен, посмртоносен и што е најзагрижувачко – отпорен е на сите досега направени вакцини.
Владата во целата оваа ситуација – се обиде на почетокот да се игра политика (како и на многу други места), па за брзото ширење на новиот бран, Нарендра Моди ги обвини сојузните држави во кои неговата Џаната партија не е на власт. Брзо увиде дека тоа не е лекот, па тој и неговата влада почнаа да апелираат да се седи дома и во изолација, но беше доцна. Вториот бран од пандемијата веќе правеше пустош низ земјата.
Обидот тоа да се запре со забрзаната вакцинација не помогна. Произведени се 130 милиони дози, но помалку од 1,5 отсто од населението е досега вакцинирано.
Големата Индија, наместо да помага со производството на вакцини – се обрати до светот за елементарна здравствена помош – во пари, опрема (респиратори, но и болнички кревети) и во кислород.
(С.Г.)