Номадленд за историјата на Оскарите
Филмот „Номадленд“ (Земјата на номадите) е победник на годинешново 93-то по ред доделување на престижната награда Оскар на американската филмска академија, откако освои три Оскари, најмногу во однос на сите другите номинирани.
На годинешново доделување, кое по многу нешто се разликуваше од сите претходни – поради пандемијата со коронавирусот, „Номадленд“ беше прогласен за најдобар филм, режисерката на филмот, Клио Жао освои Оскар за најдобра режија и на тој начин и таа и филмот влегоа во историјата на Холивуд и на Оскарите.
Жао е родена во 1982 година, во Пекинг, во Кина и е во доселеник во САД. Таа е втората жена досега, која ја добива наградата Оскар за најдобар режисер и првата Азијка. Пред неа, во 2010 година, Оскар за најдобра режија на жена – режисер, тогаш за прв пат, освои Кетрин Бигелоу.
Најстариот Оскаровец
Третиот Оскар за „Номадленд“ го доби Френсис Мекдорманд за најдобра женска улога, која и беше фаворит.
На годинешниот избор, најмногу номинации, инаку имаше филмот „Манк” на режисерот Дејвид Финчер – десет во вкупно 24 категории, но освои само два Оскара – за филмска камера и за сценографија.
Британскиот актер Ентони Хопкинс, инаку Велшанец, беше награден со Оскар за филмот „Татко“ во кој ја игра улогата на стар човек, заболен од деменција.
Хопкинс (83) не беше присутен, ниту пак беше вклучен преку видео линк со Холивуд е најстариот актер досега кој добил Оскар. Пред него, најстариот лаурет беше Кристофер Пламер, од оваа година веќе и починат, кој на 82 години доби Оскар во 2012 година, кога беше номиниран за најдобра споредна машка улога.
За Хопкинс ова е втор Оскар. Првиот го доби во 1992 година, за улогата на Ханибал Лектор во филмот „Кога ќе стивнат јагнињата“.
Одисеја без Итака
Уште еден Британец, Даниел Калуа добие Оскар за најдобра машка споредна улога, додека 71 годишната Јужнокореанка Ју Џунг Јун за најдобра женска споредна улога. Калуа ја освои наградата за филмот „Јуда и Црниот Месија“, ветеранката Јун за филмот „Минари“. Во оваа категорија се типуваше на Глен Клос (74), но таа и во својата осма номинација, не го доби Оскарот.
За најдобар странски филм, или филм од неанглиско говорно подрачје, беше прогласен данскиот „Уште една тура (пијачка)„ или „Дранк“ на режисерот Томас Винтерберг. Во оваа категорија годинава беше номиниран и босанскиот филм „Кво Вадис Аида“ на режисерката Јасмила Жбаниќ. Тоа е категоријата во која минатата година, меѓу петте најдобри странски филмови беше и македонскиот „Земјата на медот“.
„Номадленд“ некои критичари го означуваат како „одисеја без Итака“ ја обработува темата за американскиот стил на номадење, патување во камп приколка низ големата земја и за живеење во нив, откако ќе се пензионираат, или ќе останат без работа и не ретко и без својот имот, од било која причина.
Наградата премолчена во Кина
Филмот кој делува на моменти и како документарец, меѓу другото и затоа што е сниман и со актери – кои тоа не се, стана популарен и ценет затоа што се појавува во време на голема криза (и економска) во САД, предизвикана од глобалната пандемија.
Жао е и режисер и автор на сценариото, монтажер и продуцент, што е ретка појава во американската кинематографија – посебно за филм кој уште ќе победи на доделувањето на наградата Оскар.
Веста за нејзиниот голем успех во САД и добивањето на најпрестижната филмска награда во светот, излезе дека не е никаква вест во Кина. Само на еден кинески сајт се има појавено вест за режисерката Жао, но веста била цензурирана само неколку часови подоцна – морало да биде тргната.
„Земја на лагите“
Двата главни кинески медиуми – агенцијата Хсинхуа, како и глобалната телевизија ЦЦТВ, се прават како ништо да не се случило, одбивајќи да информираат за режисерката родена и израсната во Кина.
Така беше и кога таа претходно беше наградена со Златен Глобус, а филмот секаде каде ќе се појави собира признанија и награди. Најавено е дека, сепак, ќе биде прикажуван во Кина, но велат само на ограничени места и во сосема мал број кино-сали.
Во изминатите години таа има критично зборувано за земјата од која потекнува – нарекувајќи ја како „земја на лагите“. Во една прилика има речено дека сакала да замине од таму, затоа што се што морала да слуша, како дете, биле само лаги.
„Можеби затоа станав бунтовна и затоа и побегнав “ – има речено Клио Жао.
Што се однесува до самото доделување на Оскарите, оваа година се беше поинаку. Филмаџиите одново беа во театарот Долби. Главната сцена, меѓутоа, беше во пероните и чекалните на централната железничка станица во Лос Анџелес, со максимално ограничен број гости.