САД признаа геноцид врз Ерменците во 1915 година
Американскиот претседател Џо Бајден објави дека САД признаваат дека отоманската војска, во 1915 година, во текот на Првата светска војна, имаат извршено геноцид врз Ерменците кои живееле на територијата на тогашната Отоманска Империја.
Бајден е првиот претседател на САД кој официјално прифаќа постоење на геноцид и покрај острото спротивставување на Турција.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека 1,5 милион Ерменци биле депортирани и масакрирани, како и дека и одведени во логори за да бидат истребени. Ерменците биле бројна етничка група во тогашната Империја, посебно бројни во нејзиниот европски дел, на Балканот и над се, во тогашен Цариград.
Според соопштението од Вашингтон, оние кои останале живи по геноцидот биле принудени да трагаат по нови домови во разни земји низ светот, вклучувајќи ги и САД. „Со ова признание, САД само ја потврдуваат историјата – не за да притоа некој се обвинува, туку за да ова никогаш повеќе не се повтори“ – се вели во соопштението на Белата куќа.
„Голем ден за Ерменците“
Ерменскиот премиер Никол Пашињан ја поздрави ваквата изјава на американскиот претседател.
„Ова е голем ден за Ерменците. По донесената Резолуција на Конгресот на САД, од 2019 година, претседателот Бајден им одаде голема почест на сите жртви на извршениот геноцид. САД уште еднаш ја покажаа својата посветеност на човековите права“ – има речено во Ереван, премиерот Пашињан.
Меѓутоа, официјална Анкара целосно ја отфрли изјавата на претседателот на САД.
„Зборовите не може да ја изменат, или да ја препишат историјата. Нема што да учиме од сопствената историја, од било кого. Политичкиот опортунизам претставува најголемо предавство за мирот и за правдата. Ја отфрламе оваа изјава заснована исклучиво врз популизмот“ – има напишано на Твитер турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу .
„Историска грешка“
Во одговор на посланието на ерменскиот патријарх, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, има речено дека Турција го чува сеќавањето на Ерменците “загинати во 1915 година“. Но, истовреме тој порачал дека „обидот на некои оваа работа да се политизира, за да се изврши притисок врз Анкара, нема да успее“.
Во оваа прилика Ердоган се заложил и за развој на односите меѓу Турција и Ерменија, што сега се целосно прекинати, врз основите на взаемно почитување, потсетувајќи на времето во минатото, кога постоела силна, како што рекол, културолошка коегзистенција меѓу Турците и Ерменците.
Сепак, кога станува збор за одлуката на Вашингтон, турскиот претседател, во телефонскиот разговор со неговиот азербејџански колега Илхам Алиев, има речено дека потегот на САД претставува „историска грешка“.
Американските медиуми, меѓутоа, откриваат дека во телефонскиот разговор меѓу Бајден и Ердоган, еден ден пред изјавата за признание на геноцидот од пред 106 години, американскиот претседател го информирал турскиот за својата намера.
Бајден го известил Ердоган
Разговорот, инаку, се оценува како корисен, при што била истакната потребата од конструктивни билатерални односи и од ефикасно надминување на постоечките недоразбирања. Вашингтон открива дека двајцата претседатели се договориле да се сретнат, на маргините на Самитот на НАТО, што ќе се одржи во јуни во Белгија.
Како и да е, и после повеќе од еден век, остануваат големите разлики што двете страни ги имаат во толкувањето на настаните од тоа време.
Ерменија инсистира дека станува збор за геноцид. Тоа досега го имаат признаено само триесетина земји (поради остриот турски притисок, во кој има и закани со раскинување односи, зделки и соработка), како и Европскиот Парламент и Светскиот совет на црквите.
Турската страна, пак, се согласува дека многу Ерменци кои живееле на територијата на Отоманската Империја, загинале во текот на судирањето во Првата светска војна, но категорично отфрлаат дека имало геноцид, односно дека се случило систематско, организирано убивање, за истребување на ерменското население. Анкара не прифаќа ниту дека станува збор за 1,5 милион жртви.
Во сенка на Нагорно Карабах
Одбележувањето на денот на ерменскиот геноцид, годинава се одвива во сенка на последниот судир на Ерменците и Азербејџанците околу енклавата Нагорно Карабах, која е населена со ерменско население, но е на територијата на Азербејџан.
Ваквата состојба потекнува уште од времето на некогашниот СССР и времето кога поранешните советски републики станаа независни држави. На почетокот на деведесетите години избувна војна меѓу овие две земји за енклавата.
Тогаш победија Ерменците кои од тогаш ја имаа целосната контрола врз Нагорно Карабах, но по судирите на почетокот од есента, во минатата година, Азерите, со силна подршка и помош од Турција, запоседнаа половина од енклавата, се до главниот град Степанокерк.
Со посредување на Русија, која инаку е ерменски сојузник, каде Москва има и воена база, судирањата се „замрзнати“.