Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Словенија не се занимава со распад на БиХ”

APHONUA/Depositphotos.com

„Словенија не се занимава со распад на БиХ”

Словенечката влада, после долго молчење, се огласи со соопштение дека официјална Љубљана не се занимавала со распадот на Босна и Херцеговина, ниту пак има било каква врска со нон – пејперот околу кој се подигна силна политичка бура во БиХ и во регионот на Западен Балкан.

„Владата на Словенија нема примено на знаење, а ниту разговарано за т.н. нон – пејпер што се споменуваше во разни извештаи во изминатите денови“ – се вели во соопштението на владата на Словенија. При тоа се инсистира дека владата  се нема занимавано со прашања поврзани со распадот на Босна и Херцеговина што се споменува во нон – пејперот. Во ваквите активности се нема вклучено ниту словенечкото министерство за надврешни работи, а ниту било кое друго министерство на словенечката влада.

Наместо тоа, Словенија и ЕУ вложуваат напори за забрзување на евро – атланската интеграција на целиот регион на Западен Балкан. „Никаков потег не би требало да го загрози мирот и соживотот во БиХ и во целиот регион“ – се вели во демантот за нон – пејперот.

„Документ на Јанша“

Постоењето на еден ваков „документ“ се врзуваше за словенечкиот премиер Јанез Јанша. Тој  се обвинуваше дека учествувал во некаква неформална расправа околу европската иднина на Западниот Балкан и посебно на БиХ, како и дека потоа „папирот“ од таа дискусија му го има предадено на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Таквото тврдење му даде сериозност и политичка тежина на целиот случај, особено откако еден словенечки и еден босански сајт тврдеа дека нон – пејперот содржи детали за иднината на БиХ, со нејзино растурање на три посебни и етнички исчистени држави, при што се остава можност сегашната српска енклава да се припои кон Република Србија, а хрватската кон Република Хрватска.

Освен тоа „документиот на Јанша“ како што беше наречен, предвидува создавање на некакви „големи“ држави од Србија и Хрватска, но и од Албанија, која би требало да ги припои половина Косово и делови од Црна Гора и од западна Македонија, за да – како што смета Јанша – конечно, се затворел распадот на екс Југославија и се разрешила балканската ситуација.

„Нема нон – пејпер“

Самиот Јанша, единствено реагираше на Твитер , со изјава дека ништо од тоа не е точно и дека станува збор за работа која му се подметнува за да не успее словенечката (неговата) иницијатива за свикување Самит за Западен Балкан, во септември, во текот на шестмесечното словенечко претседавање со ЕУ, што почнува на 1 јули.

Целата оваа приказна која, како што пишуваше и Скопје/Глобал, ги разгоре политичките и националните страсти на просторот на поранешна Југославија, потоа се префрли на политичката сцена во Словенија. Таму подолго време трае жестока битка меѓу владеачката десничарска и национал – популистичка Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша и  опозицијата, што ја предводи левицата, која настојува да им се изгласа недоверба на актуелниот премиер и на неговата влада, пред Словенија да го преземе претседавањето со ЕУ од Португалија.

Европратеничката Романа Томц, од редовите на СДС, во петокот инсистираше дека „не постои никаков нон – пејпер“ како и дека тој никаде и никому не е дистрибуиран, туку дека само е создадена афера, зад која стои само словенечката опозиција.

Фалшива политика

„Ниту на најнаивниот човек не може во Словенија да му се продаде бајката дека словенечките медиуми се цензурирани, но е точно дека словенечката опозиција, преку своја мрежа на поединци и организации, работи на оцрнување на владата, па затоа е измислена и оваа работа со нон – пејперот. Ова е опасна работа и оние кои тоа го имаат произведено си играат со оган“ – има речено словенечката европратеничка и политички истомисленик со Јанша.

Ниту словенечката влада во својот демант, а ниту Томц, притоа, не споменуваат никого од надвор, како некакви „соучесници“ во настојувањето да се „дискредитираат“ Јанша и неговата  влада.

Меѓутоа, македонската крајно – десничарска, националистичка опозиција, а пред сите, нивниот човек на лидерската позиција, која се замеша во приказната, зборува за некаков меѓународен заговор. Па, уште како „заговорници“ ги споменува словечката политичарка Тања Фајон, лидер на тамошната СДП и политички противник на Јанша, како и хрватскиот европратеник Тонино Пицула и македонскиот премиер Зоран Заев!?

Што е воопшто точно?

Во фалшивата политика на оваа партија и на човекот кој од еден осуденик и бегалец е поставен за да се грижи за партиските работи додека тој е „на службен пат“ во Унгарија, ваквото тврдење е еден од неговите најнови смешни потези.

Но, за целата афера околу нон – пејперот е важно што овој  вмровец тврди дека тоа, околу заговорот, му го има речено  Јанша, кога беше кај него на консултации. Тогаш Словенецот уште признал дека таков „документ“ – за распарталување на БиХ и на уште две други балкански држави (едната треба да биде Македонија) – сепак – постои.

Ако е така, прашањето е – кој лаже во аферата колу „пејперот“ – оние кои тврдат дека тој постои, или словенечката влада,  европратеничката Томц,  која сигурно зборува и во името на својата партија, или пак самиот Јанша.

Словенечкиот премиер демантира за својата, за балканската и европската јавност, но после ова изгледа дека на својот пулен од Скопје му зборувал нешто сосема друго.

Време е, затоа, некој од Љубљана, јавно да се огради од вмровецот, доколку тој лаже, во најновиот обид  да му напакости на премиерот на Република Северна Македонија, затоа што така му рекле да направи. Или пак да ја потврди верзијата за „странски заговор“ против тамошниот премиер.

„Документ“ од времето на Трамп

Новинарот од Словенија Вања Вардијан, зборувајќи во една тв емисија на белградската Н – 1 телевизија има поинаква верзија. Тој смета  дека „контурите за нон – пејперот„ се настанати порано, во времето кога Доналд Трамп беше претседател на САД, со единствена цел – за да се дискредитира ЕУ.

Според него, Јанша не е авторот на еден ваков „документ“, но може да е „курирот“ во целата операција, затоа што е најдобар за да се проба дали една ваква приказна ке може да се протури.

Вардијан смета дека Виктор Орбан и Александар Вучиќ тоа не би можеле да го направат. Орбан  е премногу дискредитиран во ЕУ и изолиран, а српскиот претседател нема никаква можност да предлага вакви работи. Овој новинар, затоа, тврди дека нон – пејперот е создаден во текот на 2020 година.

Едноставно, тогаш Трамп има оценето дека реториката на Јанша е блиска до реториката што тој ја употребува како американски претседател  – има речено словенечкиот новинар, а дека нон – пејперот треба само да и напакости на ЕУ,  во европската, а посебно во балканската јавност.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе